Не се заменети прозорците на сите училишта и градинки во Центар

LDPlogo-1

Замена на прозорите во сите градинки и училишта

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во својата изборната програма (2013) градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски вети дека во рамките на заложбите за зголемување на енергетската ефикасност во училиштата и во претшколските установи  кои се наоѓаат на територијата на Општина Центар, ќе бидат заменети прозорците. По извршената проверка утврдивме дека има малку достапни информации во колкава мерка ова ветување на Жерновски е исполнето или е во фаза на реализација. Две информации зборуваат за комплетно реновирање на градинките „Кочо Рацин“ и „13 Ноември“, додека во една Општината Центар најавува замена на вратите и прозорите на основното училиште „Димитар Миладинов“, но потоа јавноста не е дополнително информирана дали најавеното е реализирано. Во време кога и формално истече мандатот на градоначалниците на македонските општини, може да се оцени дека ова ветување на Жерновски е делумно исполнето.

Во поглавјето на изборната програма на Андреј Жерновски, „Иднината сега.Време е!“, посветено на енергетската ефикасност (стр.18), стои следново образложение:

Општина Центар како најурбана, 100% урбана општина, треба да биде предводник во примената на најновите трендови на зголемена енергетска ефикасност. Наша цел е максимално зголемување на енергетската ефикасност на објектите на сите институции кои се во надлежност на Општината,

при што, како една од мерките за реализација на оваа цел е наведена „Замена на прозорите во сите градинки и училишта“

На територијата на оваа скопска Општина, инаку, има седум основни училишта: „Св.Кирил и Методиј“, „Димитар Миладинов“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Коле Неделковски“, „Гоце Делчев“, како и три предшколски установи: „Кочо Рацин“,„Раде Јовчевски – Корчагин“ и  „13 Ноември“,  во вкупно  десет објекти (матични градинки и нивни клонови).

Од прегледувањето на содржините на официјалниот сајт на Општина Центар, како и на интернет-содржините на домашните медиуми не може да се добие заокружена слика за тоа колку навистина е направено за реализација на ова предизборно ветување. Пребарувањето дава две информации за комплетното реновирање на објекти од за престој на деца од претшколска возраст. Едната е веста од 2013 година, за целосно обновување на надворешниот изглед и внатрешноста на градинката Кочо Рацин, за што

Општина Центар вложи 13.500.000 денари за комплетна реконструкција.

Втората информација датира од март 2016 година и се однесува на темелната реконструкција на најстарата градинка во општината, 13 Ноември, која била комплетно обновена, односно од стариот објект биле оставени само ѕидовите:

Како што соопшти општина Центар, завршена е втората фаза од обновата на градинката и од стариот објект се останати само ѕидовите. Градинката сега има нова водоводна, електрична и топлотна инсталација, нови плочки и паркет.

Според оваа информација може да се заклучи дека градинката „13 Ноември“ навистина добила нови прозорци.

Освен оваа градинка, Општина Центар во ноември 2015 година најави дека ќе биде извршена замена на сите врати и прозорци во основното училиште „Димитар Миладинов“. Оваа најава е дадена на официјалната средба на граѓаните на Општината со градоначалникот Андреј Жерновски.

По триесетина години фасадната столарија во основното училиште „Димитар Миладинов“ ќе се смени со енергетски ефикасна столарија, со нови прозорци и врати. Учениците ќе се заштитат од студ и провев.

Во соопштението од прес-службата на Општината се наведува дека, на средбата со граѓаните, од осум предложени проекти, Жерновски прифатил да реализира две од барањата на граѓаните, меѓу кои е и замената на вратите и прозорците во училиштето.

Иако,  „Вистиномер“ се обрати до надлежните служби на Општината за информација што сè е реализирано од ветените зафати за зголемување на енергетската ефикасност на училиштата и градинките во Општина Центар, вклучително и  ветената замена на прозорците на овие објекти, но до денот на објавувањето на овој напис (17.05.2017) не добивме одговор. Односно, нема информации кај колку точно објекти од предучилишна и училишна возраст во Општина Центар е извршена замена на прозорците.

Па , со оглед на тоа што од Општина Центар нема официјална прецизна информација  во каков обем е спроведен проектот на Жерновски за енергетска ефикасност на предучилишните и училишните установи, а имајќи предвид дека со пребарување се добиваат информации за замена на процорците само во неколку објекти, според Методологијата на „Вистиномер“ ова ветување добива оценка „делумно исполнето“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *