Нема да се гради зграда во паркот во „Ѓорче Петров“

Фото: Принтскрин

 

При посетата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на Општина Ѓорче Петров (16.04.2019),  генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во паркот во истоимената населба, меѓу другото,  ја даде следната изјава која се покажа невистинита.

Вчера на седница на Совет видовме како градоначалникот на еден брутален начин ги покри сите предизборни ветувања овде пред ѓорчепетровци, со што помина нова маркица за изградба на станбена зграда, токму овде позади каде што на површина од некаде 14,5 хектари ќе се градат станбени објекти.

Кој е интересот на градоначалникот Наумоски, дали имаме тука заплеткани и лични интереси ќе оставиме времето да покаже. Но, исто така, и ние како политичка партија ќе ги преземеме сите правни механизми за да го спречиме ова криминално работење, да го спречиме ова што е на штета на граѓаните…

[ИзворКурир (видео) – датум: 16.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на  генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во која тврди оти во паркот во Ѓорче Петров ќе никне станбена зграда, дека на површина од некаде 14, 5 хектари ќе се градат станбени објекти“ја оценуваме како  невистинита.

Со истото тврдење излезе и неговата партиска колешка, поранешната пратеничка, а во моментот член на Советот на Општина Ѓорче Петров, Марија Андоновска, која на својот Фејсбук – профил напиша:

Почитувани граѓани на Ѓорче Петров, како советник во Општина Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, должна сум да ве информирам дека на денешната седница на советот, градоначалникот Наумовски и советниците од Социјалдемократскиот сојуз донесоа одлука, во сред парк во Ѓорче Петров, да направат огромна зграда! Замислете во единствениот парк кој го имаме, тие ќе градат зграда!
До вчера не убедуваа дека ќе изградиле други паркови како и тоа дека ќе се залагаат за нови зелени површини! Ниту нови паркови има, а и она малку зеленило што го имаме, ќе се одземе од граѓаните, во интерес на личните интереси на поединци од СДС!

Градоначалникот на директно прашање, дали има личен имот на местото во паркот каде се предвидува новата зграда, одговори потврдно!
Иако призна, граѓаните нема да му простат!
Паркот не го даваме!

Андоновска, во коментар под оваа нејзина објава ги повика:

Паркобраните и оние кои го гушкаа ГТЦ , сите да дојдат да го гушнеме паркот во Ѓорче!

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски ги демантираше ваквите обвинувања. Во демантот испратен до медиумите и објавен на веб-страницата на Општината, тој негира дека во паркот ќе се гради зграда.

Најостро ги демантираме наводите дека е дадена маркица за зграда во реонскиот парк. Станува збор за шпекулации и груби невистини изнесени од страна на некои портали. Од паркот нема да се одземе ниту милиметар зелена површина, одговорно тврдиме. Се работи за измена на план за кој Ѓорче треба да добие вистинско градско јадро кое ќе личи, на кое ќе има Корзо со кафетерии и други организирани содржини за сите возрасти, вели во својот демант градоначалникот Наумоски

Во врска  со овој демантВистиномер“,  побара  појаснување и поконкретна информација  од Општина Ѓорче Петров, за какви кафетерии и други организирани содржини за сите возрасти“, станува збор, дали таму, можеби, ќе има некаков трговски центар, или, пак, во паркот ќе бидат поставени штандови, шанкови, трафики…

Од Општината ни одговорија дека во паркот нема да има цврсти градби – објекти, дека тој ќе биде партерно уреден, ќе има отворен амфитеатар и ќе бидат поставени две монтажни дрвени куќички:

Целосен акцент е ставен на партерното уредување и  враќањето на духот на некогашното корзо,  интерпретирано со модерни дизајнерски содржини. Станува збор за целосен отворен концепт во кој што доминира висечка илуминација (осветлување) на корзото и насочување кон паркот и зеленилото. Ќе бидат поставени 2 приземни објекти од времен карактер и изведба на 1 отворен амфитеатар.

Во прилог на одговорот на нашето прашање од Општината ни испратија и фотографии од проектот според кој ќе биде уреден паркот, од кои се гледа дека на тој простор не е планирана зграда или некаков друг станбено деловен-објект .

Фото: opstinagpetrov.gov.mk
Фото: opstinagpetrov.gov.mk
Фото: opstinagpetrov.gov.mk

 

 

 

 

 

Така што, имајќи ги предвид сите овие информации изјавата на Јанушев ја сметаме за невистина.

 

Инаку, по објавувањето на (дез)информацијата дека во паркот во Ѓорче Петров ќе се прави зграда, имаше протест, а беа испишани и пораки до градоначалникот Наумоски:

 Не сакаме згради, сакаме парк!

Ситуацијата што се создаде околу паркот во Ѓорче Петров, доби и специфична политичка тежина во финишот од изборната кампања.Средби со граѓани во паркот имаше  кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори, Гордана Силјановска – Давкова. Како што соопштија од  нејзиниот тим, на средбите се разговарало „за градежната експанзија во Ѓорче Петров на сметка на парковите и зеленилото“, а Сиљановска – Давкова предупредила дека „паркот во Ѓорче од страна на градските власти ќе биде претворен во градилиште за згради кои ќе го заградат целиот парк“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција