Нема хунта – има легална власт!

Партијата во опозиција можеше да стане хунта - за малку, тврдат многу анализи. Фото: Веб сајт на ВМРО-ДПМНЕ

Партијата која обвинува за хунта за малку ќе станеше хунта. Воедно, за притворот на осомничените за тероризам и загрозување на уставниот поредок никој нема право во оваа фаза да каже дека биле во притвор само затоа што ја сакале Македонија и го мразеле Заев и СДСМ…

 

Партијата која обвинува за хунта за малку ќе станеше хунта. Воедно, за притворот на осомничените за тероризам и загрозување на уставниот поредок никој нема право во оваа фаза да каже дека биле во притвор само затоа што ја сакале Македонија и го мразеле Заев и СДСМ…

 

ВМРО-ДПМНЕ сооопшти вчера дека со државата владее хунта и дека судството под притисок неосновано става во притвор група на луѓе, ставови што ги сметаме за невистинити:

Хунтата ги гази законите и ја зароби целата држава. Власта предводена од Зоран Заев ги стави во своја служба правосудните органи и преку нив врши политички прогон на неистомислениците.

Судовите се под страшен притисок. Не судат врз база на аргументи, туку по диктат на власта. По налог на хунтата на власт, се монтира случај за тероризам против македонски патриоти и луѓе кои дале и даваат свој придонес во општеството. 

Судот неосновано става во притвор актери, режисери, уметници, лекари, пратеници и полицајци само затоа што си ја сакаат државата и не се согласуваат со политиките на власта и Зоран Заев.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница, датум: 17.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ во насока дека власта е хунта и дека лицата поврзани со настаните од 27.04.2017, кои се притвор, таму се ставени неосновано, не се нови, но, бидејќи се повторуваат во континуитет, оправдано е да се оцени нивната вистинитост.

Најпрво, за речникот на опозициската партија користен во политичката битка. Термините и речникот се слободна волја на партијата и нејзиното раководство на заминување (до крајот на декември ќе има нов лидер и нови органи во партијата), но тоа е една страна, а сосема друга дали тврдењатa изнесени со таквиот речник се точни или не.

 

ХУНТАТА СЕ ВРЗУВА СО ПОЛИЦИЈА, ВОЈСКА

Зборот „хунта“ е специфичен збор со шпанско потекло, Junta, кој, пак, потекнува од латинскиот израз junctus… Ова, според онлајн речникот Мерием-Вебстер означува „совет или комитет за политички или владини цели“; „група на луѓе кои ја контролираат владата посебно после револуционерно преземање на власта“.

Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот „хунта“ означува „назив на различни политички групи и државни организации во земјите со шпански говорен јазик – Шпанија и земјите од Латинска Америка“ или „највисок орган во чии раце се наоѓа власта по извршен државен удар“.

И на крајот, според Википедија, зборот „хунта“ „се поврзува со израз кој се однесува на различни управувачки тела, но поврзани најчесто со воени влади или други такви тела“, а изразот „воена хунта е само еден вид на хунта“.

Ако тргнеме по постоечките дефиниции, ВМРО-ДПМНЕ со овој израз кажува дека сегашната власт во Македонија е дојдена со државен удар и со помош на некакви милитантни групи (во војска, полиција или парамилитантни) и владее со Македонија делумно од 28 април, а целосно од 31 мај кога е изгласана владата на Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзините претставници, ги уживаат универзалните права и слободи загарантиирани и со македонскиот Устав и законите, како што е правото на слобода на говор и изразување, но тоа е една работа, а вистинитоста е сосема друга.

 

ВМРО-ДПМНЕ ЗА МАЛКУ ЌЕ БЕШЕ ХУНТА

Зашто, според многу анализи досега, пишувани и кажувани по медиумите, државен удар на 27 април се обиде да направи токму ВМРО-ДПМНЕ. Партијата по предвремените избори на 16-ти декември 2016 година, иако не успеа да формира мнозинство до крајот на јануари 2017 година, неколу месеци одбиваше да ја предаде власта на новоформираното мнозинство, користејќи еден куп правно сомнителни процедурални трикови во Собранието. Притоа, нејзиниот лидер, пратениците и самата партија, постојано говореа дека на власт сакале да дојдат „предавници“ на земјата и цело тоа време ја споменуваа таканаречената Тиранска платформа, преку која Македонија ќе се обезличела и поделела, итн, итн.

Таквата реторика траеше со месеци, но без изглед ВМРО-ДПМНЕ да ја задржи власта, оти е неуставно да се држиш до власта кога веќе немаш парламентарно мноизнство. И кога тоа беше цврсто разбрано, особено откако СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците најавија и решија да го прогласат мнозинството и да го изберат претседателот на Собранието во собраниската сала, тогаш се случи отворањето на вратите на Парламентот од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, настан кој целата јавност можеше да го види преку телевизиските снимки и снимките од камерите од Собранието на РМ.

По ова следеше насилството врз пратениците од СДСМ и од другите партии, при што во одредени случаи, особено кај Зијадин Села, јасно беше дека им е загрозен и животот и тоа подоцна дури и така беше квалификувано од правосудните органи, како обид за убиство.

Токму поради сето погоре наведено може да се оцени дека претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, или нејзини делови, со насилни методи се обидоа да останат на власт и ако тоа успееше тогаш изразот „хунта“ ќе можеше слободно да се однесува на неа, особено што во таквиот обид, според обвинителските сомневања, имало поддршка и од делови од полицијата и од парамилитарни поединци и групи.

 

КОЈ МОЖЕ ДА ТВРДИ ДЕКА ПРИТВОРОТ Е НЕСОНОВАН?

Впрочем, тука е врзивната точка со втората невистина искажана во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и која се повторува веќе извесно време од страна и на раководни лица на партијата.

Имено, луѓето кои се споменуваат дека неосновано биле во притвор – актери, режисери, уметници, лекари, пратеници и полицајци само затоа што си ја сакаат државата и не се согласуваат со политиките на власта и Зоран Заев – не се во притвор поради тоа, туку поради покрената истрага од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Истрагата е покрената по завршена предистражна постапка, како што соопшти самото обвинителство на 28.11.2017 година.

Ова дело, според Кривичниот законик на РМ, во себе содржи елементи кои целата јавност можеше да ги види на снимките од 27 април годинава и затоа тука ќе го цитираме во целост членот 313:

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Дали Судот така лесно и неоправдано ги прифатил наводите на Обвинителството за основано сомневање штом се решил во фаза на истрага да одреди притвор, ќе знаеме по изведувањето на доказите врз основа на кои ќе биде покренато или нема да биде покренато обвинение, а соодветно на тоа и по судскиот процес. Но, ако се води истрага со сомневање за такво сериозно дело и ако ги имаме предивид сериозноста на настаните од 27 април, сосема е јасно дека никој не може да тврди дека притоворот е неоснован, потенцирајќи постојано дека станувало збор за актери, режисери, доктори… божем притвор се одредува за професијата.

Затоа, раководните поединци на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, иако можат да користат во јавниот политички речник секакви зборови и да тврдат што сакаат – по проверката на „Вистиномер“ на потеклото и значењето на зборот „хунта“ и на тврдењето дека притворените лица за настанот од 27 април се во притвор само затоа што си ја сакаат државата и не се согласуваат со политиките на власта и Зоран Заев – можеме да оцениме дека станува збор за невистинити тврдења, односно дека станува збор за невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски