Никола Груевски: Зошто плата од 3.700 ден. во 2006 вреди повеќе од плата во 9.000 ден. во 2014

 

Набројувајќи ги достигнувањата на власта во образованието во изминатите 8 години, премиерот Никола Груевски во петочното издание на емисијата Јади бурек говореше за минималните плати од оваа гранка во 2006 година и денеска, при што за периодот од 2006 спомна далеку пониски бројки од денешниве. Еве ја неговата изјава во текстуален формат:

Gruevski-JB-crop-600-rez-002Премиерот Никола Груевски во емисијата Јади бурек на 23. јануари 2015 година

„Во времето пред да дојдеме во 2006-та имавме минимални плати кои беа од 3.700 денари. Просекот беше некаде околу 7.600 во тоа време. Сега минималната е меѓу 9 и 10.000 денари, некаде над 9, следната година веќе ќе биде над 10.500, просекот е над 21.000 денари.“

[Датум: 23.01.2015, извор: Сител 3 ТВ]

А, еве ја и во видео формат во овој клип во траење од 20-ина секунди:

 

Образложение:

Вака ако се изнесат бројките, тогаш навистина се добива впечаток дека минималната плата во образованието пораснала од над два и пол пати, односно од 3.700 денари на 9.000 денари. Но, дали е тоа навистина така?

Како прво, во 2006 година, според тогашниот Закон за работни односи, вработените имаа додаток за превоз и хранарина, кој изнесуваше меѓу 3.000 и 4.000 денари, кој го добиваа сите вработени.

Тоа значи дека ако се земе платата од 3.700 денари и минималната сума на додатокот за хранарина и превоз од 3.000 денари, редовните минимални примања на вработените во образованието во 2006 година изнесувале 6.700 денари. Сепак, и тука не завршува приказната.

Имено, од 2006 до денес во Македонија имаме инфлаторни движења како и во секоја друга земја. Како изгледала инфлацијата во Македонија во изминатите 8 години покажува долниот графикон.

 

Ова значи дека вкупната инфлација во период од 8 години во Македонија изнесувала 26,8 отсто заклучно со декември 2014 година. Ова, исто така, значи дека 9.000 денари на крајот од 2014 година вредат 26,8 отсто помалку од она што би чинеле во 2006 година. Па, така, ако од износот од 9.000 денари се одземат 26,8 отсто, се добива сумата од 6.588 денари, што е помалку од 6.700 денари, колку што во 2006 година изнесувале минималната плата и минималниот додаток за хранарина и превоз.

Од ова се гледа дека 6.700 денари во 2006 година вределе малку повеќе и со нив можело да се купат нешто поголемо количество стоки и услуги, отколку со 9.000 денари во 2014 година.

 

Извори:

Емисијата Јади бурек, во која учествуваше премиерот: [Пристапено на 26.01.2015] https://www.youtube.com/watch?v=dCQm52omBBU (комплетна емисија), http://www.tubechop.com/watch/4547509 (изјавата на премиерот)

Инфлација во Македонија:

Македонија: Индекс на трошоци на живот, по COICOP класификација, по години – Мак Стат База: http://makstat.stat.gov.mk/pxweb2007bazi/Dialog/varval.asp?ma=CeniTr_mk_INDTROD02_mk&ti=%C8%ED%E4%E5%EA%F1+%ED%E0+%F2%F0%EE%F8%EE%F6%E8+%ED%E0+%E6%E8%E2%EE%F2%2C+%EF%EE+COICOP+%EA%EB%E0%F1%E8%F4%E8%EA%E0%F6%E8%BC%E0%2C+%EF%EE+%E3%EE%E4%E8%ED%E8&path=../Database/%D1%F2%E0%F2%E8%F1%F2%E8%EA%E0%20%EF%EE%20%EE%E1%EB%E0%F1%F2%E8/%D6%E5%ED%E8/%C8%ED%E4%E5%EA%F1%E8%20%ED%E0%20%F2%F0%EE%F8%EE%F6%E8%20%ED%E0%20%E6%E8%E2%EE%F2%EE%F2/&lang=18, (главни COICOP групи: ВКУПНО, година: 2006-2013, базен период: 2005 = 100). За 2014: соопштение на Државниот завод за статистика: http://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=39

Бруто-платите може да не’ „олеснат“ за 4.000 денари, Утрински 22.10.2008, [Пристапено на 26.01.2015], http://www.time.mk/arhiva/?d1=01&m1=01&y1=2006&d2=31&m2=12&y2=2010&all=1&fulltext=1&timeup=2&show=1&q=%D1%85%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%80%D0%B8%D0%BD%D0%B0%20%D1%83%D0%BA%D0%B8%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5&read=db429a9d682d437

Инфлацијата ја изеде хранарината, Дневник / 07.05.2008, [Пристапено на 26.01.2015]  http://www.time.mk/arhiva/?d1=01&m1=01&y1=2006&d2=31&m2=12&y2=2010&all=1&fulltext=1&timeup=2&show=1&q=%D1%85%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%80%D0%B8%D0%BD%D0%B0%20%D1%83%D0%BA%D0%B8%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5&read=cf968a31e77bbcd

 

Оценил: Владимир Петрески