Николоски спинува дека ВМРО-ДПМНЕ искрено бара и посакува датум за преговори со ЕУ

А. Николоски. Фото: скриншот

 

Тврдењето на  ВМРО-ДПМНЕ дека бара датум за преговори (и затоа е фина и културна опозиција-н.з.) е спин, зашто во исто време тие од кои се бара датумот, се убедуваат дека државата не го заслужила поради нејзината влада

 

Пишува:Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски искажа став за кој оценуваме дека е извртена вистина, т.е. спин:

Спин: Имаше (од СДСМ како опозиција-н.з.) кодошења на секоја страна, не на владата туку на државата…

За разлика од тоа, еве да ги видиме последните неколку дена. Претседателот на партија Мицкоски беше во Берлин, на една исклучително висока и битна конференција организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, која што ја отвори претседателката на ЦДУ и на која што учествуваше пола германска влада и претседатели на најголемите и најмоќни германски компании, таму беше и професорот Трајко Славевски, а јас, Тимчо Муцунски и Влатко Ѓорчев бевме во Брисел, видовте имавме бројни средби.

На сите тие средби ние зборувавме дека Македонија треба да почне преговори со Европската унија, затоа што тоа е добро за граѓаните и не е фер да ги казнуваме македонските граѓани заради неспособноста на Заев. Значи нашиот клучен аргумент е дека не е во ред македонските граѓани да се казнат зашто имаат неспособна влада.

За жал аргументот што го добиваме од другата страна беше, па тие граѓани си ја избрале оваа влада и таа треба да испорача, оваа влада не испорачува…

[Извор: 21ТВ -Интервју со А. Николоски (околу 22 мин.) – датум 06.06.2019]

 

 

Контраспин: Александар Николоски се обидува со овие ставови да остави впечаток во јавноста дека тој и неговите сопартијци се многу фини опозициски политичари (за разлика од СДСМ во опозиција која испраќала писма до европски партнери и кодошела со образложение за некаква наводна криза!?) и дека одат по центрите на политичка моќ во ЕУ и ги убедуваат државата да добие датум за преговори без оглед на неспособноста на Заев?! И тоа заради македoнските граѓани, на кои тие ќе им помогнеле кога ќе се врателе на власт оти имале подготвено многу експертски тимови, кои власта не ги користела, како што кажува малку понапред во интервјуто.

Јавноста не може да знае што точно им одговарале соговорниците на тие средби (освен Јоханес Хан во Брисел, чии ставови се јавно познати и вградени во извештајот за напредокот на Македонија). Но, од соопштенијата и изјавите на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како и од оваа изјава на Николоски, е јасно дека тие на странците им зборувале за неиспорачани реформи во државата, за високо ниво на криминал и корупција и за невладеење на правната држава.

Ако вакви ставови се изнесуваат пред странци, кои се личности што носат одлуки, дали во политиката или во бизнисот, со што тогаш ВМРО-ДПМНЕ покажува дека искрено бара добивање датум за преговори? Вистината е обратна. Формалниот исказ дека како опозиција бараат датум за преговори, не значи и дека искрено посакуваат државата да го добие, ако во исто време на тие средби, на тие лица што носат одлуки им кажуваат дека нема аргументи за да се добие датум. Оттука, станува збор за извртена вистина, т.е. спин, дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција бара датум за преговори со ЕУ на средбите со битните луѓе во земјите членки на ЕУ или во институциите на ЕК.

Овој извртен став е многу сличен со мимикричниот, камелеонски став на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот околу Договорот од Преспа, кога после толку чекање и различни изјави, последниот ден соопштија секој да гласа според сопствените убедувања, а на терен, според повеќе извори, работеле на бојкот заедно со групацијата или движењето Бојкотирам.

 

Реформите биле проблем или пакетот со Албанија?

Вториот дел од овој  контраспин е насочен на контрадикторностите на самите изјави на Николоски, кои се многу слични со ставовите на партијата изразени преку изјавите на Мицкоски или соопштенијата и пресовите од Центарот за комуникација.

Имено, главната реторика е дека датумот виси или според прогнозите на Николоски нема да го добиеме, поради три причини. (Види почеток на разговорот после 3 мин.). Првата била неиспорачување на реформи дома, втората дека не само што немало реформи туку се одело и назад и тоа било нотирано и во последниот извештај на ЕК (економија, корупција и владеење на право), и третата, причина, по него клучна, најсуштинска, била огромната грешка на македонската дипломатија, Македонија да влезе во иста група со Албанија.

Со самото спомнување на третата, со квалификацијата од страна на Николоски како „клучна и најсуштинска причина, отпаѓа спинот за „неспособниот Заев“ и за „неиспорачаните реформи“, гледано се разбира од аспект на потребните предуслови за добивање датум за преговори. А за тие потребни предуслови се изјасни Европската комисија, која кога станува збор за политиката на проширување на ЕУ е суштинската институција. Таа суштинска институција напиша и побара од ЕУ – преговори со Северна Македонија веднаш и без одлагање.

Впрочем, доволно е да се погледнат кредибилните извештаи кои стигнуваат од Брисел, за да се види каде лежи вистинската дилема за датумот, а таа не е во реформите.

Поради погоре изнесените аргументи ставот на Николоски дека тие како опозиција (за разлика од СДСМ како опозиција) секаде барале датум за преговори, го оценуваме како извртена вистина т.е. спин. Барање датум не е барање ако во исто време пред тие што се бара, се тврди дека државата поради нејзината влада не го заслужила, ама граѓаните не смееле да бидат жртви.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.