Ниту една нова градинка во Куманово

И-пад за деца во градинка. Фото: Википедиа

 

Ветување: Изградба на три детски градинки, поради зголемена потреба за згрижување на најмалите.

 Презедовме обврска до 2017 година да изградиме три нови детски градинки: во населбите „Карпош“, „Перо Чичо“ и „Тоде Мендол“ каде што има концентрирано најголем број на дечиња кои имаат потреба од претстој во ваков тип на јавни установи. (Рок: До 2017)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот Зоран Дамјановски за изградба на три нови детски градинки, дадено во неговата програма „Сојуз за иднината-Иднината сега“, за локалните избори во 2013 година, досега (29.03.2017) не е исполнето.

Ветувањето е дадено на стр.9 од Програмата, во делот означен Капитални инвестиции. Таму се образложува дека инвестициите се неопходни поради зголемен број на деца во овие населби во градот, а поради негрижата на Владата да инвестира во овој сектор, општината презема обврска, долколку се гласа за Дамјановски и за советничката листа од СДСМ, дека до 2017 ќе се реализира изградбата на градинките.

Пребарувајќи детално на официјалниот сајт на Општина Куманово може да се забележи дека на повеќе седници, почнувајќи од шестата, па до шеесетата, единствено се носеле одлуки во врска со посточеката градинка „Ангел Шајче“, која го има проблемот со преполнетост со деца за кои се грижи.

Во март 2016 година за изградба на нови градинки во Куманово станало збор и при посетата на тогашната министерка за труд и социјална политика од страна на СДСМ Фросина Ременска, која при разговорот со градоначалникот Дамјановски, не ја исклучила ниту можноста од изградба на нов објект и за постоечката градинка:

На работната средба што ја имавме претходно со градоначалникот, инициравме неколку проекти коишто треба да започнат како инвестициски и коинвестициски проекти помеѓу општината Куманово и Министерството за труд и социјална политика по однос на определување на локации, донесувањее на одлуки од страна на советот на општината Куманово за доделување на простор за изградба на градинка и ослободување на дел од средствата за плаќање на комуналии со што би можеле општината Куманово и Министерството да се јават како инвеститори во изградба на нови детски градинки за да може да се обезбеди сместувачкиот капацитет за потребите на родителите коишто го имаат во општината Куманово. (Соопштение на МТСП на 13.03.2016)

Претходно овој проблем бил адресиран и за време на претходниот мандат на Советот и на истиот градоначалник, но пред сè, помош се барало  од Министерствот за труд и социјална политика и од Владата. Уште во 2010 година посточеката градинка згрижувала над 1000 деца, а директорката тоогаш за Радио Слободна Европа изразила разочараност што на барањата не се одговорило.

Имаме згрижено илјада и 147 деца што е многу повеќе од проектираните капацитети. Со овој проблем се запознаени Советот на Општината и Министерството за труд и социјала преку нашите годишни извештати. Во нив ние бараме изградба на нови објекти, надградба на постоечките, изградба на два нови објекта во населбите Карпош и Тоде Мендол, преадаптација на објекти кои одговараат за деца од предучилишна возраст, но до сега ништо од тоа.“ изјавила Марина Алксовска.

Проблемот што очигледно е горлив и сè уште не е решен, како примамлив за избирачите го видела и ВМРО-ДПМНЕ. На локалните избори во 2013 г., тие понудиле решение за доизградба на капацитетите на посточеката детска градинка. Но, веќе во 2016, пред вонредните парламентарни избори Никола Груевски, лидерот на ВМРО- ДПМНЕ се премислил, па во септември лани ветил изградба на две нови градинки, од кои за едната процедурата веќе била започната…

Според проверката на фактите, сепак, може да се констатира дека овој горлив проблем во Куманово останува, а дека ветувањето на градоначалникот Дамјановски од 2013 година, без оглед од кои причини, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција