Од сите рокови договорени во Пржино, ВМРО-ДПМНЕ се држи само до изборите

Договорот од Пржино се ниша, ама населбата барем има стабилни и луксузни куќи. Фото: myhome.mk

 

Договорените рокови за исполнување на точките од Договорот од Пржино постојано се пробиваат. И тоа речиси во сите точки, по неколку недели, па и повеќе. Единствен рок, кој изгледа како да е исклесан во камен е 24, април 2016 година, рокот за одржување на следните избори.

 

Пишува: Александра Денковска

 

Почнувајќи од работата на специјалниот јавен обвинител, усвојување на новиот Изборен законик, формирањето на собраниската Анкетна комисија за прислушуваните разговори, изборот на нова Државна изборна комисија, назначување на дополнителни министри и заменици-министри од редовите на СДСМ, речиси сите рокови предвидени со Договорот од Пржино се пробиени, а единствено за што партиите се сигурни е дека нема да има никакво одложување на изборите закажани на 24 април. Премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека договорот ќе го почитува до крај и нема да дозволи изборите предвидени на 24 април идната година да се одложат:

Договорот од Пржино мора да се испочитува и мора да има избори на 24 април 2016 година – изјави Груевски.

Сличен став имаше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Тој на брифинг со новинарите рече дека избори во април мора да има затоа кризата предолго траела и влијаела негативно на граѓаните.

 

ЈАНЕВА ИЗБРАНА, АМА НЕ МОЖЕ ДА РАБОТИ

Од сите работи кои партиите ги договорија во Пржино со посредништво на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и евроамбасадорот Аиво Орав, белгискиот олеснувач Питер Ванхауте и американскиот амбасадор Џес Бејли, досега навреме се спроведени само враќањето на СДСМ во Собранието и изборот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Собранието на 15 септември, почитувајќи го рокот од Договорот од Пржино, ја изгласаа Катица Јанева, а истата вечер тоа го направи и Советот на јавно обвинители. Но, работата на специјалната обвинителка воопшто не течеше без препреки. На почетокот, Советот на обвинители одобри само седум од побарани 14 заменици. Законот за специјалното обвинителство беше оспорен пред Уставниот суд, а парите кои беа  потребни за Јанева да почне со работа, таа ги доби дури на 2 ноември. Останатите обвинители, вкупно пет без кои Јанева не сакаше да почне со работа, беа одобрени на 5 ноември. Официјално Јанева со работа почна на 9 ноември, а првите обвиненија треба да ги покрене од 15 декември до 15 март.

Еден од пропуштените рокови е и оној за избор на дополнителни министри и заменици –  министри за контрола на работата во министерствата. Според Договорот од Пржино, рокот за новите министри беше 20 октомври. По долги разговори и преговори на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино и на лидерите на четирите најголеми политички партии потписнички на Договорот, министрите беа изгласани со задоцнување од еден месец, на 11 ноември.

 

МЕДИУМИТЕ НИ НА НЕБО , НИ НА ЗЕМЈА

Новиот состав на ДИК кој според Договорот од Пржино треба да брои девет члена, тројца од власта, тројца од опозицијата и тројца експерти и треба да има зголемени надлежности и ингеренции, наместо од почетокот на минатиот месец, како што беше предвидено, беше договорен во средата. Иако предупредувања за доцнењето испратија и евроамбасадорот Орав и амбасадорот Бејли партиите до вторникот не успеаја да се согласат за изборот на експертите. Ванхауте, кон крајот на октомври одржа средба со новинарите на која кажа дека ако ДИК не се избере и почне со работа до почетокот на ноември, речиси е невозможно да се организираат фер избори во април.

Изборот на експерти во ДИК започна со тоа што Изборниот законик со кој е предвидена и комисијата.

Доцнење има и со реформата за медиуми. Финален договор требаше да се постигне на 15 октомври, но се уште ништо не е договорено.

Од Договорот од Пржино останува уште да се види дали премиерот Груевски ќе даде оставка на време за да може 100 дена пред изборите да се формира новата влада.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција