Почетничката наставничка плата не е изедначена со просечната плата во државата

Фото: pxhere.com

 

ВЕТУВАЊЕ:  Ќе ја изедначиме почетничката наставничка плата со просечната плата во државата. Наставниците со повеќегодишно искуство и дополнителни работни задачи (стаж, менторство, класни раководители, учество во проекти на Институтот за развој на образование, организирање на училишни секции), ќе имаат коефициенти со кои ќе имаат соодветно повисоки примања.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“,  стр. 256]       

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ вети но, за близу две години од изборот на Владата (31.05.2017 г.) не ја изедначи почетничката плата на наставниците со државната просечна плата. Тоа го потврдуваат последните податоци  на Државниот завод за статистика  кои се однесуваат на просечната плата за месец јануари. Просечната  исплатена  нето плата по вработен во земјава изнесува  24.517 денари. Во образованието, пак, во истиот месец, според истиот извор,  е исплатена просечна нето плата од 24.196 денари, но  почетничката  плата  на наставниците  не е еднаква со просекот во државата. Таа според пресметките на  Синдикатот на образованието науката и културата (СОНК) изнесува  22.500 денари  и не е променета од  октомври 2018 година со последното зголемување на платите во образованието од 5 отсто.

Ветувањето дека ќе ја изедначи почетничката плата на наставниците со државниот просек на исплатена плата,  СДСМ го даде во Програма  за парламентарни избори во 2016 година насловена:  „План за живот во Македонија“ (стр. 256),  со рок на остварување од две години. Основна цел на ова ветување беше подобрување на социјалната положба на наставниот кадар и враќање на неговото достоинството.

Ветувањето беше адут и на предизборните средби со граѓаните.

Во првите две години ќе обезбедиме почетничката плата на наставник да изнесува најмалку колку просечната плата во Република Македонија. Ниту еден наставник во нашата држава да нема плата пониска од просечната, изјави Радмила Шекеринска на 5 октомври 2016 година на Денот на наставниците во општина Центар.

На 28 август 2018 година Владата донесе одука за зголемување на платите во основното и средното образование  за пет отсто во септемвриската плата. Со оваа одлука на Владата се утврдија и најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта која ќе изнесува 12.714 денари и најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во средните училишта која ќе изнесува 13.117 денари.

Зголемување за пет отсто на платите на наставниците е планирано и за годинава со септемвриската плата, што, пак,  предизвика реакција од синдикатите кои бараат зголемувањето да се пресметува  со  јануарската плата и да се обезбеди зголемување на платите во секторот од 20 отсто.

Синдикатот  за образование наука и култура (СОНК) дополнително реагира и зголемувањето на минималната плата со која,  како што тврдат, платите за најнискиот степен на сложеност се изедначиле или приближиле на  платите на вработените со повисок степен на сложеност. Синдикатот најави и генерален штрајк за решавање на ова прашање.

Со пет отсто апсолутно не сме задоволни. Платите се далеку под просекот. Ако просечната месечна плата е околу 24 илјади денари, просечната плата во образование е околу 19 илјади денари. Најниската е 12.100, а на наставниците и професорите е до 22 илјади, ако не се земе предвид платата на директорите,  Јаким Неделков, претседател на СОНК (МЕТА)

На помалку од два месеца од двегодишниот мандат на Владата ( 31 мај 2019 година), почетничката плата  на наставниците  не е изедначена со просечната плата во државава. Имено, според податоците на Државниот завод за статистика во јануари годинава просечно исплатената нето плата по вработен во земјава изнесува  24.517 денари. Според податоци од СОНК, дадени за „Вистиномер“, почетничката плата на наставниците истиот месец изнесувала 22.500 денари. Така што, може да се заклучи дека  СДСМ не го исполни ветувањето дека за две години од мандатот „ќе се изедначи почетничката плата на наставниците со државниот просек“. Оваа плата  дури и со најавеното октомвриско зголемување од 5 отсто ќе изнесува  23.625 денари, што е помалку од сегашната просечната плата во државата (24.517денари).

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција