Политиката мора да се вмеша ако сака темелни реформи во судството

 

 

Не постојат погрешни интерпретaции. Во реформите и во Албанија и во Македонија е инволвиран Прибе. Самиот „План 3-6-9“ предвидува мешање на политиката во судството поради реформи…

 
Вицепремиерот во Владата на РМ, Бујар Османи, пред два дена даде изјава во врска со реформите во правосудството, во чии што делови цениме дека има недоследност:

Во врска со изјавата дали ќе има или ќе нема реизбор на судии, консензуален е ставот на Владата, на Европската комисија, на телата на Советот на Европа, вклучувајќи ги и Венецијанската комисија и ГРЕКО, дека неопходни се суштински реформи во судството. Меѓутоа, интерпретирањето дека Владата или политичките партии ќе прават генерален реизбор на судии е погрешна интерпретација. Политиката нема да се меша во судството, ниту да прави генерален реизбор на судии, ниту, пак, моделот којшто се објаснува дека ќе се користи. Албанскиот модел на судии, исто така, не може да се имплементира затоа што секој систем е направен во согласност со условите на државата. Нашиот став е суштински реформи во судството, да. Таму каде што се згрешило, ќе има мерки, меѓутоа, таа надлежност се дава на Судскиот совет како орган којшто врз основа на квалитативни и квантитативни критериуми ќе донесе одлука. Меѓутоа, немешање на политиката и немешање на Владата, ниту на новото парламентарно мнозинство во тој дел. Судскиот совет во рамки на судството ќе треба да прави суштински реформи.

[Извор: Академик – Трибина во правосудството…., датум: 24.07.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека Да – потребни се суштински реформи, но дека Не – политиката нема да се меша во судството и дека тоа било погрешно интерпетирана изјава. Изјавата е недоследна во најмалку два-три дела.

Прво, никој не интерпретирал погрешно изјави во јавноста. Станува збор за неколку пати повторена изјава во предизборниот, па и во постизборниoт период од страна на владејачката СДСМ и тогаш кандидат, а сега премиер Зоран Заев, токму така искажани – генерален реизбор. Впрочем, од СДСМ тоа го наведоа и во предизборната програма на партијата „План за живот во Македонија“ (стр.8), иако во сегашната Програма на Влада (стр.21-22), навистина, генерален реизбор на судии не постои, но затоа постои намера  „за уставни реформи на Судскиот совет, како и за измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите“.

Втората недоследност е делот каде што се зборува за моделот на избор на судии, па Османи вели дека албанскиот модел на судии не можел да се имплементира, зашто секој систем бил направен во согласност со условите во државата…

Недоследноста е во тоа што условите во Македонија се еднакви или полоши од условите во Албанија, кога оваа земја пред година-две го започна реформскиот план за правосудството по барање и на САД и на ЕУ и под нивен стриктен мониторинг. Станува збор за исти проблеми од кои патат двете држави – партизирано и корумпирано судство кое не овозможува функционирање на вистинска независна трета власт, што е еден од предусловите за исполнување на копенхашките критериуми за во ЕУ, па и за во НАТО. Но, Албанија лани во јули постигна консензус и одлучи да усвои пакет реформи во правосудството, иако и судиите и опозицијата го кочеа целиот процес долго време.

Впрочем, само една паралела. И тука и таму, покрај Венцијанската комисија, ГРЕКО, ЕУ, САД…, е инволвиран и Рајнхард Прибе. Имено, тој во февруари годинава го набљудуваше спроведувањето на еден од главните патокази на реформите, Законот за проверка на судиите (според кој се проверува и потеклото на имотот).

И конечно, за немешањето на политиката во судството. Станува збор за флоскула без суштинска тежина. Политиката, генерално ја води политичката елита што управува со земјата, во случајот станува збор за коалицијата помеѓу СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Сè е политика, па и реформите во правосудството. Зарем не е политика или мешање на политиката во правосудството носење закон за укинување на Советот за утврдување на фактите, или предлози за измени на закони поврзани со Судскиот совет, или Советот на јавни обвинители… Или кој било друг закон што ќе биде изменет или донесен откако Советот за реформи во судството, кој веќе е формиран со одлука на Министерството за правда и на Владата, ќе донесе заклучоци или препораки… Тоа е чиста политика и така треба и да биде.

За да се спроведат темелни реформи во правосудството неопходно е мешање на политиката, зашто се покажа и досега, тоа го тврдат најголемиот дел од експертите, телата како што се Судскиот совет или Советот на јавни обвинитетели или Советот за утврдување на факти не се кадарни да направат ниту еден исчекор кон некој реформски процес… Впрочем, во самиот План 3-6-9 на Владата се предивдува измена, укинување и дополна на повеќе закони врзани за оваа материја. Кој ќе го прави тоа? Се разбира политиката и тоа не е ништо друго туку мешање на политиката во судството – заради реформи.

Оттука, изјавата на Бујар Османи за немешање на политиката во судството и за некои други аспекти што ги споменаваме погоре ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *