Прислушувани разговори – сет 1: „Треба да се знае кој е власт!“

 

Како се спроведуваат партиските вработувања и кои од нив се најитни, како „сељанка од Струмица“ ги вади од такт министрите, но и како се подготвува набавката на прескапиот „мерцедес“ за премиерот – тоа се дел од работите за кои дознаваме од првиот сет „бомби“.

 

На првата прес конференција на која почна со објавувањето на снимките од прислушкувани разговори што стасале до него, претседателот на СДСМ, Зоран Заев презентираше снимки од девет разговори.

Првaта е од разговор во кој тој дава изјава на новинарка од Радио Слободна Европа за проблеми со дотации од Министерството за образование за општините, потоа следи консултација на Заев со директорот на јавното претпријатие „Комуналец“ од Струмица, како и разговор на Заев со потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска за инцидентот на 1 јуни 2011 година, при враќање од митинг во Прилеп, кога автомобилот во кој била беше гаѓан со пластични шишиња.

Потоа Заев емитуваше снимка од приватен разговор помеѓу него и неговата ќерка, по што беше пуштен долг разговор помеѓу Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска.

 

ПРЕМИЕРСКИТЕ НАЛОЗИ ЗА ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ИТНО

Во петтиот емитуван разговор, министрите и сопартијци зборуваат за иницијативата на Тито Петковски во собраниска комисија за барање политичка одговорност, но и за интерпелација на Јанкулоска, но и за тоа како да се реши проблемот со претходни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, односно каде да се вработат тие и како тоа да мине низ партијата и низ Министерството за финансии, кое треба да даде одобрение за вработување. Ставрески тука кажува дека ќе наложи сите барања за вработувања што ќе стасаат да добијат позитивен одговор. Притоа се слуша како за партиските вработувања, тоа што ќе стаса од кај премиерот се реализира итно.

Истовремено Јанкулоска и Ставрески го дискутираат однесувањето на пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ „сељанка од Струмица“, како што се вели „шуплива во главата“ која се умислува, според нив, дека е европратеник, па мора сè да решава без бранувања, на дипломатски начин, за разлика од Павле Саздов, за кој велат дека ги решава работите „не у ракавици“. Ставрески притоа вели дека пратеничката „треба да се гази секогаш кога може“ и со задоволство коментира „Арно ја запукавме минатиот пат на овакво, ми е кејф на Извршен шо го изеде ќотекот“, а потоа вели „нејзе не ѝ иде паметот пошто е у климакс“.

 

СКРОЕН ПЛАНОТ ЗА НОВИОТ „МЕРЦЕДЕС“

Во разговорот се прекажуваат и детали за разговорот на Јанкулоска со Груевски за набавката на нов автомобил и како да се турка процедурата, односно како да се формулира спецификацијата за тендерот. Потоа разговараат и за зделки со Норвежани и со Израелци, како и за одредени работи за кои треба да се консултираат со Јанчевски и да се „реши работата со Влајко“.

Потоа следува разговор на Али Ахмети со извесен Фатмир, кое е консултација заради медицински проблем, по што следува разговор на Мендух Тачи со пријател, во кој претседателот на ДПА е известен за патување што се случило.

Во следниот разговор на Руфи Османи со извесен Бујар, најверојатно новинар, првин се зборува за изјава на македонски јазик која требало да се сними, а потоа разговараат за тоа што би можело од снимени материјали да се употреби за прилог на телевизијата А1, при што Бујар кажува дека е со Наим (по сета веројатност, Вренези). Османи, пак, посочува дека сака да ја избрише „таа етикета кај Македонците дека сме против Македонците… нема ништо од тоа“.

Последниот разговор е на Љубчо Георгиевски со непознато лице, при што двајцата се договараат за средба.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ во Скопје, 09.02.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор: Радио Слободна Европа со Зоран Заев

ЗЗ: Да молим.
С: Ало, добро утро Господине Заев. Ирена од Радио Слободна Европа, како сте?
ЗЗ: Да повелете.
С: Сакав да ве прашам знаете во врска со оние дотациите што ги дава министерство за образование на општините па нели некаде општините се жалат дека тие не стигнуваат да се покријат ни основните трошоци, значи може ли да ни кажете како е во Струмица?
ЗЗ: Може ли да ми кажете за што даваат на општините?
С: Што даваат на училиштата, значи за режиски трошоци, за греење… ЗЗ: Блок дотациите.
С: Да, тие блок дотациите. Може да ми ги искоментирате дали се доволно, пошто нели Студеничани немаа за превоз ќе може да ми искоментирате?
ЗЗ: Сите општини во Македонија така генерално и Општина Струмица имаат проблеми со недостаток на средства од финансии во блок дотациите, заради тоа што ставките кои што се проектирани се на стари основи. Што значи тоа, не е калкулирано зголемувањето на цената на нафтата, не е калкулирано зголемувањето на платите на наставниците и професорите, не е калкулирарно зголемувањето на цената на градежните материјали кои што се однесуваат на ставките за одржување на училиштата, како и за превозот на учениците. Што се случува, пример во Општина Струмица недостасуваат пари од 14 милиони денари за основно образование и 17 милиони денари за средно образование. Оваа учебна година што почна од први септември 2011 и завршува на 10 јуни 2012 имаме дополнителна четврта година задолжително средно образование за кои што општините се должни по закон да обезбедат превоз а при тоа немаат финансиска алиментација од страна на Министерството за образование. За четврта година средно образование трошоците за превоз се 8,5 милиони денари само во Општина Струмица. А посебно што имаше недостаток од исто толку околу 8,5 милиони денари и претходната година за третата година задолжително средно образование. Сетоа ова предизвикува огромни финансиски проблеми. Јас знам општини кои веќе должат од 30 до 60 милиони денари за греење, за превоз на ученици. Знам општини кои веќе се со блокирани сметки заради оваа работа. И дефинитивно и со последниот ребаланс државата што го направи, нема проектирано вакви средства. Тоа ќе предизвика во одредни училишта во сред грејна сезона да нема пари за греење. Ќе дигнат раце добавувачите на дрва или нафта на училиштата. На крај на крајот ќе дигнат раце од превозниците заради тоа што се очекува да возат за цени многу пониски од порано додека нафтата која што ја користат автобусите за превоз е зголемена во 10, 20, 30 а некаде и 40%. Токму од тие причини општините мака мачат како да ги покријат финансиските трошоци и тоа неколку години наназад. Мислам дека во ова време на криза последиците ќе се јават на дело. Ќе има затворени училишта или ќе има непревезени деца во училишта.
С: Ви благодарам многу, супер бевте Господине Заев.
ЗЗ: Молам. Пријатно.

 

Разговор: Зоран Заев со Зоран Ѓорѓиев

ЗЗ: Консултација за тие проектите за канализацијата.
ЗЃ: Да градоначалниче.
ЗЗ: Тука се кај мене тие проектите, гледам ги цифрите сите заедно проектите се околу 93 милиона. Гледам и во рекапитуларот си стојат таму нели ти ми кажуваше променииме ги.
ЗЃ: Таман е, милион..
ЗЗ: Седумдесет и еден милион и сто.
ЗЃ: Значи и дел од тоа што имаме и ние наше учество.
ЗЗ: И наше учество колку е?
ЗЃ: И нешто наше учество ќе биде да. Тај го слегнааме до толку оти беа многу повеќе и ги слегнааме до толку шо можеа. Има одобрено милион сто и пеесет и нешто, а тие излеват милион и петсто и нешто. Или да оставиме на таа сума што кажааме дека ќе имаме и наше учество во таа целата.
ЗЗ: Да.
ЗЃ: Иначе они беа многу повеќе од милион и пол. Ги намалувавме и така ги поднесовме како апликација.
ЗЗ: А таму во апликацијата е кажано дека останатиот дел ќе е наше учество, така ли?
ЗЃ: Не се сеќавам дали во апликацијата тераа таква изјава.
ЗЗ: Аха.
ЗЃ: Не се сеќавам точно да не излажам сега. Знам оти само сумите и такво…А знам на семинарот кога бевме кога држеа предавање што и како, се што е повеќе ќе треба ние да си го доплатиме. Евентуално они некоја допуна би направиле. Пример ако не ја исполниме сумата од милион сто пеесет и седум би прошириле нешто ама се што ќе е над тоа ќе треба ние да си го платиме.
ЗЗ: Ок друже сега ми е јасно веќе. Важи се гледаме.
ЗЃ: Поздрав.

 

 

Разговор: Зоран Заев со Радимила Шекеринска

ЗЗ: Другарче што се случува?
РШ: Ништо страшно, ништо страшно али покушаваа со кола не гаѓаа со шишиња онака као да не тргнат од патот.
ЗЗ: Еееј, тука кај Росоман тоа?
РШ: Да, да кај темното.
ЗЗ: Ееееј. Сега поминавте веќе?
РШ: Чекај само секунда на автопат сме.
Прекин
ЗЗ: Уште ли има нешто?
РШ: Не, не ништо. Не успеаа ама баш онака беше незгодно ние мислевме некој сака да не претица, ваму- таму блендирале, блендирале и коа се изедначија и почнаа да трзаат. Викам чекај да не се некои наши застани, ние почнавме тргни- застани и на крај отворија прозори и почнаа шишиња оние големите пластични со вода да ги фрлаат.
ЗЗ: Ееееј.
РШ: Ненормално, ненормално.
ЗЗ: Ок друже.
РШ: Ако, тоа значи дека се ненормални.
ЗЗ: Среќен пат.
РШ: Фала што се јави. Чао.

 

Разговор: Зоран Заев со Александра Заева

АЗ: Ало тато.
ЗЗ: Молим тато.
АЗ: Дека си?
ЗЗ: Се враќам од собранието од Скопје.
АЗ: Право тука ли ќе дојдеш?
ЗЗ: Ќе одам до општина да ја земам колата и право ќе дојдам.
АЗ: А може ли да ми земеш од книгата што ти кажав со дебели корици?
ЗЗ: Затворено ќе е бе тато јас кога ќе стигнам.
АЗ: Епа ај види, ако не дојди земи ја колата и дојди.
ЗЗ: Добро бе тато ама таму нема никој, ја нема ни тета Мирјана да отвори тие шкафовите каде што се тие книги.
АЗ: Епа добро. А утре во собранието ли ќе одиш?
ЗЗ: Утре ќе сум во собранието и ќе пуштам некој да ти ги донесе.
АЗ: Добро ај чао.
ЗЗ: Ајде тато чао.

 

Разговор: Зоран Ставрески со Гордана Јанкуловска

ЗС: Здраво Горде.
ГЈ: Ало, шо праиш?
ЗС: Еве читам вести.
ГЈ: Нешто во гужва да не си?
ЗС: Не.
ГЈ: Шо ќе читаш, само мене ме има по вести.
ЗС: Да. Арно си му запукала на овој.
ГЈ: Ха кажи? Ја намерно се.. он ќе се иживљава со мене. Што сака нека праи.
ЗС: Што има да…
ГЈ: Треба да се знае кој е власт и тоа јас уште порадикално сакав. Да поднесат нашиве предлог за политичка одговорност на Тито Петковски пошо нели ја злоупотребува комисијата но за тоа координаторката не дозволува. А за мене може секоја будала да поднесува. Сега пази апсурдна ситуација значи ќе има едно ова барањево од комисијата. Тоа нели како и да се изгласа дискусија ќе има значи се збори за тоа и плус интерпелација. Ама тоа е ок, нема проблем мене коа ме пљукаат.
ЗС: Абе таа тешка лудача е. Треба да се гази секогаш кога може. Арно ја запукавме минатиот пат на овакво, ми е кејф на извршен шо го изеде ќотекот.
ГЈ: Да де да.
ЗС: Само нејзе не и иде паметот пошто е у климакс.
ГЈ: Не разбира бе Зоки таа. Не разбира, шуплива е во тоа главата. Пази не било во ред, тензија се правело а мене коа ме напаѓа некој не се праи тензија.
ЗС: Абе шо ако се прави бе тензија.
ГЈ: Ја дрво сум.
ЗС: Ај нејзе нека ја нападнат па да видиме дали тензија ќе се прави и дали ќе бара заштита или не.
Г: Да де да, па јас да ти кажам..
ЗС: Шупак еден таа, европратеник некој се праи тука. Сељанка од Струмица.
ГЈ: Јас вчера му пуштив и на шефот порака и тоа му пуштив викам јас сама се расправам со Тито со месеци се иживљава со мене.
ЗС: Добро денеска имаш од партија…
ГЈ: Ама не слушај денес да видиш зошто беше. Викам тоа е најмал проблем шо он се иживљава со мене меѓутоа се руши кредибилитетот на владата и на ваков начин ние ќе добиеме барање од ЕУ, УБК да не постои.
ЗС: Мхм.
ГЈ: И добив поддршка.
ЗС: Ааа си го фатила на слаба точка.
ГЈ: Абе и ја нешо ми текнува.
ЗС: Ти текнало. Мудро. Ама така е у суштина. Само он не го размислува тоа.
ГЈ: Ама така е, стварно. Зошо види на овој случај или ќе покажеш слабост или како мене ќе се тепаш по цена нели на сопствен рејтинг, меѓутоа исходот на крај е тој. Ако во една држава цело време се зборува за тоа неминовно во некој извештај ќе ти го пишат дека таму имаш проблем.
ЗС: Да де да.
ГЈ: Многу е едноставно и добро е денес, друго е кога имаш уште двајца- тројца што се на твоја страна.
ЗС: Да бе друго е поготово таков ќупак ко Тито Петковски можеш да го лупаш.
ГЈ: Да де да. Да ти кажам овој Павле Саздов интересно човече е.
ЗС: Богами тој како… онака како му ги кажува работиве… не у ракавици.
ГЈ: Ми се јавува мене и ја му објаснувам тоа, тоа, тоа… ама знаеш ко ја и ти шо си збориме вака на телефон не очекувајќи дека он баш така ќе го каже. А овој баш онака у чело. Што е добро, пратеник го личи така да збори.
ЗС: Така де, шо.
ГЈ: И ми се допаѓа шо знаеш не вика пааа политички не е коректно него право у чело. ЗС: Директ бе за рогови и бам!
ГЈ: Гледаш атрактивно е и за медиуми, го пренесуваат и се си е во ред и така треба, а не скандинавска изјава за.. во интерес на државата, соработката.
ЗС: Такви оваа дава.
ГЈ: Да де да и такви и безлична ти е таква изјава, кој ќе ти ја пренесе? Никој. Јас намерно така намерно го провоцирам за да добијам барем 10 секунди простор на телевизија. И така.
ЗС: Мхмм.
ГЈ: Абе знаеш што те побарав, се замуабетив па ќе речеш многу зборам после.
ЗС: Забораи шо ме побара.
ГЈ: Не, не забораив туку така те зазборев. Преѓе нели бев кај шефот. За кадровски прашања бев. И сега нели ти кажував на поранешниве пратеници шо беа им најдов нешто, ја премногу не ги форсирам, да биде за вчера да не биде денес. Сеа пошо му кажав кој каде сум го распоредила, ги тинтрам, ги третирам им се јавувам. Сеа он вика, ај до нова година да ги завршиме. И ок, за да ги завршиме најверојатно наредниве денови ќе треба да те барам за кај треба согласност. Па генерално да знаеш ќе ти ги препратам.
ЗС: Ај место да ме бараш ич да не ми ги препраќаш, Стојче на Благоја нека му ги препрати за ја и ти да одмориме од тоа.
ГЈ: Може и така.
ЗС: Шо сеа ја и ти ќе се допишуваме. Еве договорено е. Ја ќе му кажам Стојче ќе добиеш за бивши пратеници сите позитивни да бидат и толку.
ГЈ: Ок. Добро супер.
ЗС: Генерално завршено шо ќе се замараш.
ГЈ: Супер. Па и мене ми тежат сеа знаеш. Ја ги третирам.
ЗС: Добро бе добро, дали до нова година или до јануари, штом треба да се завршат да ги завршиме.
ГЈ: Заради тоа, сеа тебе тоа ништо не ти менува ама..
ЗС: Не, ја не можам ништо не можам да сменам.
ГЈ: Подобро топката да биде на друго место отколку кај тебе.
ЗС: Иако се прави, со алал да се направи… Макар да никогаш нема да се заблагодари никој за тоа, ама тоа е.
ГЈ: Јас завршив за еден куп луѓе, ти ги кажав без да станат директори без да станат ништо. Требаше Марија Андоновска во здравство да се вработи. Девојчево, пет месеци чека.
ЗС: А што чека?
ГЈ: Па чека некој да побара согласност.
ЗС: Аха, нема пуштено ништо а?
ГЈ: Не, не не али мислам тоа: До кај си со Марија? Викам Марија нели вие ја бркавте работата, се јавивте таму, вака и вака договоривте, вика аа да така беше. И вика завршено е? Викам не е завршено. Е зошто?
ЗС: Нема време… Па у медиуми е човекот, не стигнал.
ГЈ: Викам ја да не биде кодошам овдека, па зборам вака така. Викам ете кога ќе има прилика викам видете до кај е пошто вие ја бркавте работата. И одма имаш дигање телефон, до кај е шо е и нема каде. Пушти ли барање и овој вика да. Вика а на Горде и пушти ли број да уригира како шо сме договорени и овој вика не. Вика сега и пуштам, шо ќе ми пушти не е пуштено.
ЗС: Абер нема, нема ни барање пуштено што лаже?
ГЈ: Ама јас знам и си ќутам. Зоки барем за тие работи кај него не се чека ни еден ден одма ги завршува. Оти па стварно некои други шо сме ги збореле ја и ти, се веќе во фаза на конкурс, значи ја и ти што сме ги договориле експресно си оди.
ЗС: Сите шо се од кај премиерот ги завршуваме најбрзо шо може. Сеа може да чекаат други ама тие што се од кај него ги завршуваме.
ГЈ: Добро нека се знае. Исто му спомнав за вработувањава кај мене, викам вака и вака испадна ситуација, еве ќе намалиме на едното место ќе ја изменаџираме работата. Ја го глеам он не смее да каже таму. Добро вика ај така напраи. Ако треба после накнадно нешто ќе допраиме со буџетот ќе допраиме.
ЗС: Мхм да, ќе зајакне економијата и ќе напраиме.
ГЈ: Викам јас ќе гледам, у тоа шо имам некако ќе изменаџирам ама да знаете зошо нема да е така ко шо договоривме со вас.
ЗС: За колата му кажа или не му кажа?
ГЈ: Му кажав да и мислам он самиот и му објаснив зошо не распишувам, ааа добро вика ок да не иде така со непосредна. И му кажував некои финти и фактички он почна да ми го праи муабетот за аудиот и му кажав за претходниве тендери и ми вика абе овој од кај мене да не е договорен? Хаха, оти и ја не знам може е договорен така? Па викам дај вака да напраиме јас ќе ви ја дадам спецификацијата вие сигурно има каде да прашате и на друго место ќе ја напраиме како шо треба и после ќе ми ја потврдите така ќе ја објавите оти е 100% цена викам не можам нишо да напраам кога е 100% цена и он вика да, да не оди така. И така се договоривме нема проблем ја немам никаков интерес.
ЗС: Да де ти е гајле.
ГЈ: Да де да и баш ми е поубаво вака, знаеш. Да не биде после зошто е стаено…врата ваква а не таква. Посебно шо нит се разбирам у тоа нит сакам да се разбирам. Чиста работа. ЗС: Не бе на крајот ќе биде пак крив… и се ќе направиш и еве ти кажи како и кога..
ГЈ: Супер ми се погоди и викам ај вака да направиме и така има уше скоро месец дена нели ќе фатат празници нема на втори јануари да го објавувам, викам еве и вие ако имате време за празнициве некој ако контактирате неформално и ние да го искористиме времево да напраиме ко шо треба работата. Мислам добро си помина тоа.
ЗС: Ок Горде.
ГЈ: И така за тоа те барав околу овие да знаеш пошо може и на тебе…
ЗС: Ова го пративме денес тоа шо требаше да се прати тоа едното.
ГЈ: Еј супер, фала ти многу.
ЗС: Тоа другото шо беше нешто?
ГЈ: Другото е за девизно плаќање со кофинансирање со норвежаните што…
ЗС: Колку?
ГЈ: 150 илјади евра мислам беше. Да се слушнаа луѓево моите со тебе ќе се договорат мислам…
ЗС: А со ова што праите со израелците? Кога ќе доставите тоа?
ГЈ: Епа ако не сме доставиле да им речам да пуштат?
ЗС: Епа тоа е девизно тоа треба да го договориме. Утре пуштете го за у понеделник да го извршиме.
ГЈ: Ок јас више скорс изумив дека 22-23 фати.
ЗС: Да уше три дена ние го затвораме трезорот. До вторник работи или до среда трезорот.
ГЈ: Нишо тогаш ќе видам и нешто друго да не има да не ми остане некој денар не дај боже. Тоа нема шанси ама добро. Не на место ако сите ти дојдат на 25ти шо ќе праиш?
ЗС: Не нити можам да ги исплатам ни па …ниту ќе имам пари.
ГЈ: Да де да. А без врска, следнава година цела претрупана.
ЗС: Некој ќе остане со прстот у уста од министриве сеа работава е да не си ти.
ГЈ: Гледај да не сум јас, плиз. Да ти кажам ич нешто не ми се работи а допрва имам состанок кај Кире со Амди Бајрам – ќе пукнам! Значи ќе ме умрат
ЗС: Лелееее. Катастрофа.
ГЈ: Само после тоа не можам више да работам.
ЗС: Не после тоа оди си дома пушти некој филм со Хју Гранд за на нула да дојдеш.
ГЈ: Да да некој шо онака не бара никаков интелектуален напор. И малку на распуст мозокот. Вртам по канали и пак си го најдов филмот.
ЗС: Кај ги наоѓаш, едни исти ги вртат изгледа.
ГЈ: Абе јас знаеш едни исти филмови си гледам цел живот, дваес филма тие ги гледам.
ЗС: Ја утре имам ПР настан за Купи куќа купи стан ќе потпишувам со банкиве договор. Па направивме една макета куќа, они ќе ги ставаат деловите ја кровот после.
ГЈ: Пази море да не ти падне кровот. А ова шо ти зборев за проценките не функционира Зоки.
ЗС: Кое? За банките?
ГЈ: Да.
ЗС: Добро утре ќе зборам со Јанчевски за тоа.
ГЈ: Спомни му оти јас вчера зборев со братучед ти. Мислам он ми рече нема проблем ќе завршиме таа работа, ама за луѓево… знаеш ја ќе ја завршам
ЗС: Општо закочен е процесот.
ГЈ: Процесот е закочен и да не го напраиме контрапродуктивен.
ЗС: Абе дај ова со Влајко ме интересира.
ГЈ: Влајко у понеделник ќе го викнам. У понеделник ќе го викнам сеа закажувам состаноци.
ЗС: Да видиме шо ќе каже, сите знаат само ние не знаеме.
ГЈ: Да бе да, па јас тогаш кога му се јавив случајно нешто подразбравме. Малку од малку.
ЗС: Да де да, тоа да го смениме. Ние од страна… на гравчиња треба да гледаме. Другиве сите све знаат.
ГЈ: Така им е организацијата.
ЗС: Затоа да си ја земеме работата еднаш… сеа ти еднаш, ја после 3-4 месеци истото ќе го напраам.
ГЈ: Така беше планирано и таман е крај на година има логика. Сакав да го викнам во понеделник пошо утре имам закажано снимање, две интервјуа, не знам за некои емисии и за МТВ. Ме викнаа кај шефот ама им откажав затоа што знам дека нема да завршам тоа што е предвидено. Да не ги развлекувам оти се ближи нова година и они имаат со сто министри договорено. Си имам направено едно списоче да им испозакажам во понеделник и да ја завршам годинава.
ЗС: Да де да, тоа е тоа.
ГЈ: Е така.
ЗС: Ајде се слушаме. Чао.
ГЈ: Чао.

 

Разговор Али Ахмети со НН.

Лицето: Повели претседателе?
Ахмети: Дали ме слушаш Фатмир?
Лицето: Да
Ахмети: Како ќе процените вие и со Ирфан, да идеме негде надвор ако треба?
Лицето: Засега да ја надминеме оваа работа, оваа ситуација, дај Боже да не треба некоја операција…со крвните жили…со тоа ќе ја надминеме, доколку имаме некакви други индикации тогаш операцијата ќе биде потребна, ова ќе се види покасно. Да ја надмине оваа криза
Ахмети: Видете вие, како ќе процените!
Лицето: Во ред, Ви благодарам!
Ахмети: Довидување!

 

Pазговор на Мендух Тачи со личен пријател

Пријателот: Кај си?
Мендух: Немој да вознемируваш на овој телефон…
Пријател: Каде си?
Мендух: Еве
Пријател: Што правиш?
Мендух: Добар. О Тони…
Пријателот: Сите… сите сме собрани
Мендух: Добро патувавте?
Пријателот: Добро, добро…
Мендух: Добро
Пријателот: До Врање… во Врање ми се затворија очите…
Пријателот: Седум пати се штрекнав… немам доверба во други да возат
Мендух: Не им даде да возат?
Пријателот: Не, не, не… 2900 километри сам ги извозев
Мендух: Ама те измалтретирале многу бе…
Пријателот: Знаат и тие…
Мендух: Ок Тони… Ајде…
Пријателот: Ајде

 

Разговор на Руфи Османи со НН лице (се претпоставува дека е новинар)

Лицето: Професоре?
Руфи: Повели Бујар?
Лицето: Ми отиде… сакав и една изјава да направиме на македонски…ама не е проблем
Руфи: Ако… отидовме бидејќи треба утре да одиме во Тетово, да отвориме канцеларии, па треба да направиме некои подготовки.
Лицето: … Ја спомннува А1 Телевизија
Руфи: Види БУјар, заради А1 и го адаптирав говорот
Лицето: Да, да со Наим сум… тие утре ќе го направат, можат вечерва ама ќе иде само еднаш во 11, а утре ќе иде и во 4 и во 7.
Руфи: Ок… Нека земе, бидејќи сакам да ја надминам таа етикета кај Македонците дека сме против Македонците… нема ништо од тоа…ние сме за програмски прашања… Наим, верувам, ќе не’ претстави објективно
Лицето: Секако, веројатно…
Руфи: Нека земе и некои секвенци кои имаат емотивни елементи… знаеш самиот како иде… Ок Бујар… убав ден.
Лицето: Пријатно
Руфи: Пријатно

 

Разговор: Љубчо Георгиевски со НН

С: Добар ден
ЉГ: Добар ден шо ми праиш?
С: Добро, како сте ми вие добри?
ЉГ: Добро, трчаме наваму натаму извини вака што не можев да ти се јавам.
С: Нема проблем јас се извинувам. Јас бев горе се видов со човекот и така нешто, па сакав да ве викам на 15 минути кога можите?
ЉГ: Утре тука ли си?
С: Тука сум. Тука сум утре. Кое време сакате тоа, нема проблем. А и се зажелив да ве видам само на телевизија ве гледам.
ЉГ: Да, да, да значи тука си утре така?
С: Да, тука сум.
ЉГ: Епа ај да напраиме да речеме, три саатот ти одговара Кочо?
С: Нема проблем во 15 сум кај вас.
ЉГ: Ајде те чекам.
С: Поздрав се најдобро.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *