Прислушувани разговори – сет 20: Премиерот вработува „миленичиња“

 

Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, освен што лесно доаѓаат до работни места, кои се честопати со високи плати, редовно ги злоупотребуваат за партиски или за лични цели. Како всушност партијата „ги згрижува“ своите, дознаваме од овој сет прислушувани разговори. Честопати за тоа да се направи, мора „да летаат неподобните“.

 

Снимките од овој сет уште еднаш ја доловуваат контролата на врвот на ВМРО-ДПМНЕ врз различни институции на државата. Во првиот разговор слушаме што Јанкулоска и Мартин Протугер велат за постапката на, како што рече Заев на прес-конференцијата, Живко Попоски, татко на министерот на надворешни работи Никола Попоски. Тој како директор на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба го отпуштил претседателот на Синдикатот поради непослушност. Јанкулоска вели дека да се постапело поинаку, контролорите на летање ВМРО-ДПМНЕ би ги имало под контрола поради тој човек.

Потоа слушаме како факултетите треба да се наполнат со „партиски“ асистенти, а оние што се „од СДС“ не може да „поминат“ на конкурсите. Проблем се неопределените, но и за нив Јанкулоска има решение – ќе помине годината и нема да се обнови согласноста.

 

ЧИСТКА НА „КОМУЊАРИТЕ“

Следниот разговор е на Сашо Мијалков и Јанкулоска, а од него слушаме дека ВМРО-ДПМНЕ е решено да направи чистка на „комуњарите“, и тоа на почетокот на мандатот, за потоа „4 години да бидат раат“. Потоа слушаме пеколен план за чистка во МВР – првин да се објави потреба од нови работници, за да се примат луѓе по волја на партијата, а сите тие што го тужат МВР, да станат суфицит „па нека идат нека работат у Македонски шуми и нека си тужат…“, вели Јанкулоска. Таа нагласува дека таквата постапка ќе биде за памет на другите. На министерката ѝ пречат и тие што се бунат против испитот за државни службеници, па затоа ќе се укинат работни места „и нека кршат глава…“

Следуваат разговори што разоткриваат дека дебели хонорари се наменети за луѓе од коалициските партии, дека во ЕЛЕМ средува работа Сашо Мијалков, дека „државните“ работни места се полнат преку општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, но под налог и директна селекција на Никола Груевски, кој не дава ниту Горан Трајковски од УЈП да процени кој може да биде вработен во УЈП. Трајковски ќе примал ургенции, а Груевски бара од Јанкулоска да исчисти терен тие ургенции да одат преку него и неговите луѓе.

 

ПАРТИСКИОТ ВОЗАЧ, АКО МОЖЕ, ДА НЕ РАБОТИ!

Следното што го слушаме е разговор на Протуѓер и Јанкулоска, во којшто Протуѓер бара од Јанкулоска работно место за партискиот возач, кој треба да се води вработен ама да не оди на работа. Јанкулоска предлага дека тоа може да биде и во возниот парк „кај неа“ и додава дека бидејќи шефот на возниот парк во МВР е „нивни“, „возачот“ ќе може без проблем да брка „партиски работи“.

Следува разговор во којшто Груевски и Јанкулоска зборуваат за пет партиски вработувања во Воената болница пред избори. Директорот рекол дека е тоа проблем, оти ако ги вработи тие што се нарачани, не ќе може да вработи потребни лекари специјалисти, па некои одделенија нема да функционираат. Груевски дошол до решение: веднаш да бидат примени „партиските“, а по изборите ќе се издаде веднаш согласност за вработување на вистински потребните лекари. Од другиот разговор се дознава дека во „партиската агенција за вработување“ освен Јанкулоска е вклучен и нејзиниот сопруг Влатко, вработен во кабинетот на Груевски. Од разговорот слушаме дека во Градска болница директорот примал кого сакал и се „вадел“ дека имал дозвола од премиерот, а морало да ги почитува насоките дадени од ВМРО-ДПМНЕ. Сега мора самиот да најде начин да ги прими тие од партискиот список или ќе биде сменет, па ќе се избере негов наследник што ќе биде попослушен.

 

ПАРТИСКО „ПРОЧИСТУВАЊЕ“ НА МВР

Потоа слушаме како Мијалков и Јанкулоска договараат партиски вработувања и во МВР, односно во една година да вработат многу повеќе луѓе од тие што ќе заминат в пензија. Мијалков се жали дека од УБК многу луѓе ќе одат во пензија, дека оперативата им е опадната, а обемот на работата зголемен поради „овие суштествава“. Мијалков вели дека нему во УБК ќе му требаат најмалку 100 вработувања. Ситуацијата е трагична и Мијалков бара итно 20-30 луѓе да се вработат, поради „отворање на 7 мај“, оти не може да има отворање без ниеден човек. Мијалков признава дека поради недостиг на луѓе не може да се работи ниту со камери, ниту со други работи –  хеликоптери, техника… „Значи катастрофа сме, ни оперативци иаме“ вели Мијалков. Јанкулоска вели дека многу пари се дадени за опрема и „ако немаш луѓе, џабе ја имаш опремата“.

Од Зоран Ставрески слушаме каква штета нанеле Мијалков и Груевски со партиските вработувања –  тој реагира „Ги трупаме!“, коментирајќи дека и во библиотеки и во музеи…, секаде каде што му одговара на Груевски, мора да поминат неговите „миленичиња“.

 

КАДРОВИЦИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВАТА

Во следните два разговора слушаме дека по налог на Сашо Мијалков се поставувани јавни обвинители, меѓу нив и Гордана Гешковска позната по спорните случаи А1, Глобал, Изгрев, Бачило…, но и како се партизира Обвинителството со други обвинители. Потоа слушаме и за поранешниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски. Дека тој бил човекот кој „едвај го поминале низ општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ за да стане член на Судскиот совет“. Тоа било по предлог на Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски,  главната фигура преку којашто Груевски доаѓа до парцелите на Водно. За Бранко Ушковски, Вељаноски вели дека „овој човек нема врска со судството“, а Јанкулоска признава „Не го ставиле таму зашто е најубав“.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес-конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје, 14.04.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер

ГЈ: Го избркал претседателот на синдикат, шо не е добро за државата, знаеш, во секоја земја синдикатот протестира, дава остри изјави…
МП: Мхм
ГЈ: …Ама работа на работодавецот е да седне да преговара со него
МП: Мхм
ГЈ: А тој па претседателот на синдикат му е татко на еден ватерполист, ја знаеш со ватерполистиве…Ха ха…
МП: Мхм, мхм..
ГЈ: …Си го имам муабетот. И чоеков беше кај мене преку син му, вика молим те, вика ќе му се извинам, се шо треба, да не останам без работа. И јас преку Миле го замолив. И го избрка. Шо мислам не е добро, за државата не е добро да избркаш од работа претседател на синдикат. А причината зошто го избрка, зошо дал некоја изјава со која рекол демек раководството… ааа …нешо ги репресира вработените, ко и секој претседател на синдикат шо вика.
МП: Да да…
ГЈ: А иначе, да му завршеше работа имаше простор све законски, ја не сум будала да му барам нешо незаконски, можеше вика, нека ме суспендира, нека ме казни парично, и се тоа вика човеков нема проблем, све шо треба… И да го казнеше така ќе си го имавме на наша страна. Тие шо.. контрола на летање, шо ни протестираа, утре задутре ќе имавме контрола над нив.
МП: Мхм мхм
ГЈ: Знаеш тогаш коа ни напраија проблем у Брисел ваму-таму…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Панче Кралев

ПК: Иам едно прашање
ГЈ: Повели
ПК: Овој од Агенција за вработување ми се јави, Влатко…
ГЈ: Добро, да…
ПК: Не знам дали знаеш може ти спомна, му се заканувале таму деканиве, нели ќе му напраат фешта со телевизии со ова со она, шо не ги пушта овие знаеш шо ги држи асистентиве…
ГЈ: Да…
ПК: Ние гледавме овде списокот, значи тие шо се океј отидоа…
ГЈ: Добро
ПК: Е сеа има неколку, не неколку туку повеќето се ни ваму ни таму…
ГЈ: Односно деканиве не постапиле како шо сме им рекле така?
ПК: Не не, не сме ни имале ние кандидат, нити се членови на некоја партија, ме сфаќаш, значи не сме имале таму кандидати… него они си објавиле им требало добиле согласност и си има некој…
ГЈ: Ама треба бе Панче да видиме кои се луѓево, да не се ептен комуњари
ПК: Ги гледав, значи Наташа и Стојче ги гледаат нон-стоп значи затоа ти викам, не се дефинирани тие. За тие што се знае дека се СДС ги имаат лоцирано, тие шо се наши ги имаат лоцирано и тие се поминати, тие од ес-де-ес не поминуваат, меѓутоа имаме група на луѓе недефинирани …
ГЈ: Аха
ПК: …Ме сфаќаш? Ни се ваму ни се таму…
ГЈ: Неопределени…
ПК: Неопределени не моеш да ги лоцираши за таа група на луѓе сеа овој вика шо да праам…
ГЈ: Види, реално ние немаме некој инструмент да ги спречиме освен да помине годинава да не им се обнови согласноста…
ПК: Да, тоа е… тоа е најлош момент
ГЈ: Не бе не е лош шо, тамам тие од ес-де-ес така ќе ти отпаднат…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

СМ: Друго што има?
ГЈ: Ништо бе тековни работи. Треба да видиме по мене уше некој комуњар да не имаме така нее…непрераспореден, да не ги забораиме сега му е мајката…и на Љупчо му реков и од кај него да ми пратат предлози…
СМ: Треба се да се…да се…се да се исчисти
ГЈ: Епа сега му е мајката да ги исчистиме
СМ: Да
ГЈ: И ако има галама на почеток на мандат е ќе стегнеме заби ќе истрпиме и после 4 години на раат сме…
СМ: Да.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Виолета Андонова

ВА: Ало
ГЈ: Вики шо праиш?
ВА: Еве по дома
ГЈ: Слушај сеа ми текна една добра идеја
ВА: Да…
ГЈ: Со овој заклучоков шо е за суфицит-дефицит…
ВА: Да…
ГЈ: Нели треба да пријавиме суфицит и дефицит од кадри и ние ќе си пријавиме дефицит тоа шо ни фали, не е лошо да се искоординираме утре-задутре, и со другиве служби у БЈБ негде кај шо ни треба поспецифични кадри. А у суфицит да ги зачукаме сите шо тужат… можеме од УБК пошо не се многу не можеме од БЈБ се 1.000 души 2.000…
ВА: Мхм…
ГЈ: Али од УБК нели колку се таму 15-20, сите у суфицит, па нека идат нека работат у Македонски шуми и нека си тужат…
ВА: Добро, ќе им речам утре да ги извадат, ваљда они си ги знаат кои им се…
ГЈ: Ги знаат…
ВА: Повеќе се од 20 души…
ГЈ: Мислам дека 34-35 беа…
ВА: Тужби али… они ги знаат у принцип кои се…кој ги организира…
ГЈ: Ги знаат и ги имаат и кај Весна по тужбите можат да ги видат, потписници на тужбата кои се…
ВА: Да да…
ГЈ: И тамам да им дојде паметот да знаат другите. И така тие мислам не се вака некој јак кадар УБК да пропадне без нив…
ВА: Охооо таму колку има за чистење…
ГЈ: Епа тамам шанса, и некои други такви шо имаме проблематични и така не ни треба нивна согласност сега, и овие шо се бунат за испитот за државни службеници и све да пријавиме у суфицит
ВА: Да да
ГЈ: И ќе им ги укинеме работните места па нека кршат глава…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Илија Димовски

ИД: Втора работа е Комисија на агенција за пошти…
ГЈ: Добро
ИД: Кадешто на двајца луѓе им поминува мандатот на 29.02.2012 од кои едниот е шиптар и единствен шиптар практично по 1 кај шо има 5 души 1 шиптар даваме да…
ГЈ: Добро тука не можеме да им го земеме…
ИД: А имаме член Александар Михајловски…Алек
ГЈ: Тоа е Алек…
ИД: Да, тоа е второто место…
ГЈ: Ова е професионално? Не, хонорарно.
ИД: Да ама со голем хонорар…
ГЈ: Епа добро значи тука можеме некого да удомиме.
ИД: Да да, тука Љупчо Мешков го удомивме, ако се сеќаваш…
ГЈ: Да де да затоа викам тука можеме…
ИД: И оној на Живко Јанкуловски синчето Николче Јанкуловски…
ГЈ: Синот да Николче…
ИД: Да значи тука некој може кај шо сме борчлии и да се разборчиме
ГЈ: Да да…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: Ти пуштив СМС за овој за ЕЛЕМ
СМ: А што беше тоа за ЕЛЕМ кажи ми…
ГЈ: Епа ти нели ми се јави за тој Владимир Поповски…што ми го пушти по СМС, за вработување за конкурсот
СМ: Да знаеш ја забораив шо ургираше за тоа, шо праеше, како беше…
ГЈ: Ти забораи ама му завршивме работа…
СМ: Завршивме работа така?
ГЈ: Да
СМ: За у ЕЛЕМ?
ГЈ: Да за у ЕЛЕМ, ќе ти се јави, ќе ти каже фала да знаеш. Оти јас нели тогаш го барав Чинго он на одмор беше, вика абе завршен ми е не знам дали ќе можам да сменам, нели таму постапки, жалби молби, и денес ми пратил успеав да сменам, Владимир Поповски го стаив.
СМ: Добро супер…
ГЈ: Така да океј е и тоа коа ќе ти каже фала да знаеш си му завршил работа.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Ленче Самарџиевска

ГЈ: Ало
ЛС : Ало
ГЈ: Е кажи Ленo…
ЛС: Горде извини ама претседателот ми рече.. тука ми прати едно за потпис ми рече прашај ја Горде јави и се, аа за одбор за контрола на материјално финансиско работење на јавната установа национален парк Галичица Охрид
ГЈ: Доброо…
ЛС: Кој ги предложил овие?
ГЈ: Општински комитет, Кире има од сите точно кој ги… листа, значи таму се повеќе одбори и пишува кој од кој Општински комитет е предложен…
ЛС: Ааа, Горан Поповски, Весна Јаневска и Ѓоко Манасиевски…
ГЈ: Не ги знам Лено мислам поима неам дали се наши…
ЛС: Значи Кире да го прашам…
ГЈ: Кире има листа, пошо ја знам дека стално прашува премиерот и му дадов вчера ливче кај шо пишува за секој одбор, беа три ми се чини, за Галичица беа тројца за другите по еден ако добро се сеќавам и точно пишува од кој општински комитет е предложен…
ЛС: Добро, добро…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски

НГ: Горде
ГЈ: Да
НГ: Како си? А на Влада си…
ГЈ: Добро еве на Влада, да…
НГ: Види кај Наташа треба уше 5 инженери градежни нискоградба…
ГЈ: Ау, знам претседателе за тоа и бараме ама некако тенки сме искрено да ви кажам…
НГ: Знаеш што пушти ти до сите штабови…
ГЈ: Да да да

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски

НГ: Горде ме слушаш?
ГЈ: Ало?
НГ: Ме слушаш Горде?
ГЈ: Да да сеа ве слушам прво нишо не се слушаше…
НГ: Ааа така…
ГЈ: Затоа викам ало ало повеќе пати…
НГ: Извини вака шо ти се јавувам…
ГЈ: Нема проблем…
НГ: …Колку луѓе ќе бидат примени во УЈП?
ГЈ: Мислам 30-тина дека беа…
НГ: 30-тина а?
ГЈ: Да поголем конкурс беше сеа може се 20 и неколку ама поголем…
НГ: А кој ги праи интервјуата таму?
ГЈ: Епа интерна комисија од кај Горан…сеа не знам кој…
НГ: Па како они можат да оценат кој е најдобар?
ГЈ: Не не во стручниот дел значи… во тој нивниот стручен дел, они поминуваат нели административна проверка исполнува не исполнува…
НГ: Горде познавајќи го Горан кој најмногу ќе му ургира, ќе му врши притисок од нашиве тој ќе помине, одма да ти кажам вака…не знам ти колку го знаеш Горан ја си го знам добро. Така да предлагам да земеме ние една екипа да напраиме да ги напраи интервјуата и готово, економисти се разбира…
ГЈ: Да де да не е проблем оти ние…
НГ: Ние пак ќе им даеме предност на нашите ама кои наши е друго прашање така?
ГЈ: Да де да епа баш заради тоа, ја сеа малку по порака не можев нели чоек ептен детално да објасни,значи ние заради тоа 2000 кандидати беа, сеа нормално од комитетиве ги рангирале не е секогаш критериумот стручност и баш заради тоа му даваме листа значи од 5 наши…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер

МП: Ова човечево сега, во штаб што ги возеше комбињава, што ги одржава колите, не го знам што е како е, на мене ми го дадоа шофер да ми биде. Ја не го користам, но тука ги средува колите, трча, праи, пак е тука, знаеш. Сега треба да го вработиме негде. Кај да го вработам бе?
ГЈ: Па да го стаиме у СОЗР, ако тие работи работи, шофер, ова-она. А?
МП: СОЗР а?
ГЈ: Не знам шо човек е, мислам не знам ни за кое чоече ми збориш ама…
МП: Абе еден партиски, сега јас не го знам, како да ти кажам.
ГЈ: Не од аспект на партиски, него дали, ама кај и да го вработиш он треба пак таму да ја работи работата. Пак треба да е негде кајшто ќе може да не оди на работа.
МП: Мхм.
ГЈ: Мислам СОЗР му е ок. Па после ако нешто треба, полесно е ако е влезен у институција да го разместуваме наваму-натаму.
МП: Аха. А после ќе може кај тебе да се размести или не?
ГЈ: Абе кај мене ќе треба да оди на работа.
МП: Каква работа е тоа?
ГЈ: Или да го стаиме…па нешто, да куца картица негде треба, така? Ха ха…
МП: Е добро де ќе куца негдека
ГЈ: Или да го стаиме кај мене у возен парк. Па може и кај мене по некоја работа да подзавршува и за у штаб. И така на возен парк началникот ни е…
МП: Он мене ми е, мене ме вози човекот.
ГЈ: Епа добро де ама не те вози секој ден. Така?
МП: Не, не ме вози ниеднаш он, у денот. Не само секој ден, него ниеднаш не ме вози.
ГЈ: Епа така де.
МП: Ниеднаш ме нема возено. Уставри еднаш ме возеше и се изгубивме.
ГЈ: Ха
МП: Најозбилно
ГЈ: Не, евентуално може кај мене у возен парк да го стаиме. И така таму началник е Влатко, од Чаир, од Општински, што беше на УМС претседател, така да за партиски работи нема да биде никаков проблем да брка.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски

НГ: Горде здраво
ГЈ: Здраво
НГ: Ааа со овој зборев од воена…
ГЈ: Аха
НГ: Ми го објасни следното, дека ако ги прими тие нашите 5, 3 ми се чини одделенија нема да му функционираат бидејќи нема доволен број на лекари специјалисти. Го прашав кој му се имињата на тие што он сака да ги прима, ми ги даде и ми укажа дека скоро за сите има некаква ургенција поддршка и така натаму од наши или видни…
ГЈ: Функционери…
НГ: Фукционери или и од самите комитети. Па со обзир дека ми личи дека му држат аргументите дека нема да му функционираат, со намера сум а се консултирав и со Зоран, се согласи да му го предложам следното: да ги прими он сега нашите што се од листата…
ГЈ: Такаа, а за овие…
НГ: А по изборите да му дадеме согласност и за oвие 5…
ГЈ: Јас да ви кажам претседателе пошо у Тетово сум више ви ја напишав пораката, у таа насока дека ќе ги решиме и неговите мислам…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Влатко Илиевски

ГЈ: Ало
ВИ:Ало?
ВИ: Абе види сакав да те прашам во врска со овие нови вработувања во Градска болница има околу 30-тина сестри не знам колку инженери коишто се запрени…
ГЈ: Добро…
ВИ:…во Агенција. И Стојче од кај тебе ии од здравство збореле не знам вчера-завчера
ГЈ: Да…
ВИ: И што е сега крајната одлука?
ГЈ: Директорот мора да почитува тоа што сме му дале насоки… он си прима кого сака…
ВИ: Добро тоа ме интересираше, значи не ги почитува, тој рече дека ги почитувал…
ГЈ: Не е точно… значи он и кај докторите си ги прими он шо си ги сакаше луѓето, сеа пак си бута свои кој му текне вака непотистички …
ВИ: Добро…
ГЈ: И нормално вика ја за тоа имам дозвола од премиерот
ВИ: Добро тогаш…
ГЈ: Тој е тешко ѓубре е тој чоек…
ВИ: Добро…а шо поминале, мислам шо биле избрани тоа ќе има проблеми?
ГЈ: Ама тоа тој нека си најде начин да го поништи…ние му даваме еден список он си бира кого сака и вика е сега е завршено изброт е завршен…
ВИ: Мхм
ГЈ: По мене опцијата е или да најде начин да го испочитува списокот што ние сме му го дале или да го смениме него нека влезат неговите на работа па следниот директор ќе почитува.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: И уше една работа да те искористам на телефон, нели ти и премиерот сте збореле за вработувања нови у МВР…
СМ: Да …
ГЈ: За која бројка зборевте? Пошо има еден заклучок од Влада сите да си ги потребите, кај нас…
СМ: Види јас на извршен не знам дали слушна ти коа ја кажав бројката…беше ти хахаха… ја му кажав илјадарка
ГЈ: Ја ја слушнав ама не знам дали таа реално има шанси годинава да ја реализираме…
СМ: Па таа реално не ама мора да тргнеме од некоја нереална за да дојдеме до реална
ГЈ: Ја знаеш како размислував…
СМ: Нели знаеш дека таква е работата со нив… хахаха
ГЈ: Види ја ја знам работата ама затоа да се преслушам со тебе. Ја гледам годинава ни одат вкупно 240 луѓе у пензија, мислам дека без проблем ние 300 нови може да примиме годинава.
СМ: Види Горде нас ни треба само за партијава сеа многу луѓе. УБК идат многу луѓе у пензија, оперативата ни е многу опадната а работата т.е обемот на работа многу зголемен…
ГЈ: Е зголемен, да…
СМ: Со ова знаеш со овие…
ГЈ: Да де да…
СМ: Суштествава….
ГЈ: Све што си има даа…
СМ: Така да ги наречам да, ние мораме мораме да напраиме оператива, што значи мене едно 100 души само за УБК ќе ми требаат само за оператива, да знаеш…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: Ало?
СМ: Горде?
ГЈ: Еј кажи?
СМ: Вака сеа, ова другава работа. Вчера зборев и со премиерот, он договорил со Зоки за 400 вработувања…
ГЈ: Па да пуштиме барање…
СМ: Е сега, овие првите 100 што се за во УБК, за тоа пуштено е тие можеме одма да ги реализираме
ГЈ: Да да тие..
СМ: Да му се јавиш на Зоки и да ги вадиме… оти знаеш зашто, голем дел од нив 2-30 души нели праиме отварање на 7 мај, у понеделник е тоа за недела дена…
ГЈ: Епа јас тоа сакав да видиме дали да праиме…
СМ: Не може да праиме отварање а таму нема ни еден чоек.
ГЈ: Види да се договориме дали да го праиме тоа у контекст на другиве работи знаеш…
СМ: Види луѓето нас ни се спремни и они можат да дојдат и да си седнат на столчињата без да бидат официјално вработени…
ГЈ: Така…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

СМ: И знаеш што не можеме да ги работиме ни камерите, ни другите работи…
ГЈ: Па да бе да…
СМ: Ни леталата, ни хеликоптите, ништо не можеме да работиме без овие луѓе…
ГЈ: Абе сме го праеле муабетот…
СМ: Ни техниката, инженери ни требаат ни…значи катастрофа сме, ни оперативци иаме
ГЈ: Ние вложивме…
СМ: …Следење ни отидоа луѓе, репродукција ни отидоа луѓе, значи неопходни ни се овие луѓе, неопходни, не можеме да работиме…
ГЈ: Абе ние вложивме толку пари у опрема, и ако немаш луѓе џабе ја имаш опремата, така…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: Знаеш на што ќе се сведе?
ГЈ: Нема на шо да кратиш Зоки на шо да кратиш?
ЗС: Ќе кратиш има на тоа шо ти стаив капитални, ќе кратите на шо ќе кратите…
ГЈ: Епа добра ама…
ЗС: Имаш 200 милиони поише у капиталн,и како нема сеа и ти коа ќе фатиш со тоа нема…
ГЈ: Ама тие пари не се мои пари, јас тие пари… не се у буџетот на МВР
ЗС: Буџетот е еден нема сеа мои или твои…
ГЈ: Еден е буџетот ама не располагам јас со тие пари, друг располага…
ЗС: Епа кажи му на тој што треба таму да… на шефот дека други пари немаш, па он нека го реши сега, пошто го напраиле така како што го напраиле…
ГЈ: Мене ме нервира односот , ја… тоа шо сме си се договориле за следната година шо не е малку 650 луѓе се чоече
ЗС: Епа тоа е целата работа како луѓе се договоривме со огромна бројка и на крајот ти доаѓа некој од ракав исфрла…
ГЈ: …и плус што сега тие ни се значи да речам готова работа, готов производ почнуваат со работа…значи 650 и овие 300, тоа се 950 нови луѓе у оптек…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: Горде милион потпишуав позитивни ја не знам бе више што што, ги трупаме не знаат…
ГЈ: Гледаш кои институции се, библиотека, музеј…
ЗС: Сите се од миленичиња…
ГЈ: Па толку јас…Да извадиме статистика еве кај мене толку немаме вработено
ЗС: Сите се миленичиња бе миленичињата, за нив нема проблем…
ГЈ: Кај мене во толкава институција, вчера ти кажував каков тип на проблеми имаме, немаме толку вработено…
ЗС: Ти дај ми мене тоа шо се договоривме и да ја завршиме работава кој му ебе матер…
ГЈ: Ќе ти дадам Зоки да напраам…
ЗС: На крајот плата мора да се обезбеди…
ГЈ: Да де да…
ЗС :…како сите шо праат така и ние
ГЈ: Ама нема еве сега имам…
ЗС: Дај ми за тие 200 шо договоривме, барање да ти одобрам согласност

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: Ало
СМ: Горде, шо праиш?
ГЈ: Еве, на Влада.
СМ: Можеш една минута?
ГЈ: Можам, можам, еве сега ќе искочам.
СМ: Види, утре треба да се бираат, ќе ја бираме Гордана Гешковска, знаеш тоа.
ГЈ: Аха, да, да, нели тоа шо договоривме.
СМ: И треба да се бира еден јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје.
ГЈ: Аха. Така.
СМ: Дали имаш ти некоја ургенција?
ГЈ: Абе види, нели тогаш ги гледавме ние заедно ако ти текнува, кога бевме кај Марко. Ние ургенции имаме, ама работава е што таму по закон само со Академија може да се бираат. И тоа беше проблемот. Знаеш, нема веќе од надвор.
СМ: Ја не знам они како сакаат, само со Академија требало да се бираат. Сите се академци овде, сите четворица.
ГЈ: Така е нели нивниот закон.
СМ: Сите четири кандидати. Четири кандидати има за едно место. Сите четири се академци.
ГЈ: Да де, да. Ги издиференциравме, ама тие секако Сашо ќе влезат, дали на овој или на следниот конкурс, така да…
СМ: Не, дали има…вака сега, дали имаш некоја посебна ургенција?
ГЈ: Не, посебна не, посебна не.
СМ: Затоа што јавниот обвинител има и сега прашува, ако имате вие, неговата да почека.
ГЈ: Сашо, значи…
СМ: Ако немаме ние некоја што ни толку значи, да влезе неговата.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: Ало
СМ: Горде
ГЈ: Еј, кажи.
СМ: Таа што сме ја договориле ние тогаш, таа е таа од Кичево?
ГЈ: Ууу, ич не знам Сашо…
СМ: Маж и бил некој у Антикорупциска некој што нé поддржувал?
ГЈ: Ааа, не у Антикорупциска, у Лустрациска да не беше.
СМ: Како?
ГЈ: У Лустрациска, не во Антикорупциска.
СМ: У Лустрациска?
ГЈ: Да.
СМ: Може да е.
ГЈ: Знаеш кој? Од Кичево оној, вицко еден, така, помлад што е.
СМ: Ние ја договривме таа тогаш, така?
ГЈ: Па таа ја квалификувавме како наша.
СМ: Епа, ај да не мењаме, тогаш ќе идеме со таа, па оваа ќе ја остаиме за следниот пат.
ГЈ: Наша е, да го видиш, ќе ти текне на човекот.
СМ: Ако нé поддржава тој таму во Антикорупциска,
ГЈ: Во Лустрациска…
СМ: Во Лустрациска, мада таму не знам шо се поддржава…
ГЈ: Абе, знаеш таму луда ванда се, ама тие се тие за наши шо ги рачунаме. Тој шо е најмлад, еден црн, така, со брада, на состаноци шо доаѓал, тој најмладиот, таа му е жена на него.
СМ: Епа ајде тогаш да ја стаиме таа, а наредната да биде оваа Кожовска и готово.
ГЈ: А, наредниот пат оваа на може и така, ок.
СМ: Пошто Марко вика, ако му е сестра, он си ја знае, ќе се ја земеме кај нас.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски

ТВ: Ама овој Ушковски сеа до вчера ние како да кажам…
ГЈ: Абе Ушковски ти го помина на Собрание сега…
ТВ: Абе не да го поминав уште ќе не тепаат, дека …како да кажам…нема ништо врска со судство го ставаме во Судски совет…
ГЈ: Општински со се поминато партиски…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски

ГЈ: Кој ни го предложи, да не беше од…
ТВ: Чаир бе Чаир, Ристе, Ристе…
ГЈ: А така да да…
ТВ: …и премиерот му се јави на Ристе …
ГЈ: Ристе Ристе Новачевски, така точно во право си…
ТВ: Му се јави премиерот дали…
ГЈ: Да човекот у ЦУК МУК некаде таму работеше, точно во право си…
ТВ: Да…
ГЈ: И го избуткавте…
ТВ: Од општинскиот од Чаир, од општинскиот…
ГЈ: Абе како може така ние не сме го стаиле зошо е најубав таму…


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *