Прислушувани разговори – сет 7: Лажни гласачи, притисоци и закани кон граѓани и фирми

Лажирани избори со лажни лични карти, фантомски гласачи, „ќутење и климање со глава“, притисоци и казни за фирми… Упади во откупни пунктови, теледиригирање на гласањето на наставници и вработени во јавни претпријатија и институции, ама и „купување“ преку доделување пензии. Сето тоа може да се чуе во овој комплет снимки.

 

Во првите пет разговори од овој сет се слуша за манипулациите на изборите што ги прави ВМРО-ДПМНЕ, за подготвени лични карти; за фантомските гласачи и за тоа дека по 50 луѓе биле ставани на една иста адреса, односно во еден стан, но и дека власта стравува дека тоа лесно ќе се открие. Проблем е и тоа што некои општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ не доставиле доволно адреси за запишување фантомски гласачи, па морало на тие со кои располагале да се запишуваат огромен број фантоми, а во Гази Баба, фантоми од Свети Николе гласаат на повеќе избирачки места. Се слуша и за село од само 40 гласачи, во кое на неколку куќи запишуваат по 19, 22, 42 „фантоми“. Никола Груевски во разговор за резултатите во општина Центар, констатира дека да им биле „преспанците“, ќе завршеле работа. Јанкулоска пак се потсмева на „фантомите“ велејќи „Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава“. Паѓа и договор однапред изборите да се прогласат за фер, мирни, освен за Струга, па ВМРО-ДПМНЕ да прогласи победа.

Во следниот сет од четири разговори се слуша за договорите за притисок и манипулации со превозниците, за да гласаат за нив, како и за состаноци на кои ќе се „мијат“ мозоци; потоа како инспектори од УЈП на „бележани“ бизниси им изрекле казни од по неколку илјади евра; како Јанакиески дава налог да се одзема такси лиценца на такси компанија; за инспекции во Струмица кои се испратени со заповед да изрекуваат казни; како власта е пред закана од протести на земјоделските производители.

 

„ОРАЊЕ“ НА ОТКУПНИТЕ ПУНКТОВИ И НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЗАРАДИ ГЛАСОВИ

Во следниот сет од три разговора се слуша за упади во откупни пунктови во Прилеп, Радовиш, Кавадарци, Неготино, Росоман; за непослушен инспектор кој се осмелил да изрече казна на претседател на Месен комитет на ВМРО-ДПМНЕ; за посети од партиски членови на земјоделци што добиле субвенции, при што било барано да се изјаснат дали ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Во следните шест разговори тема се притисоците и манипулациите врз приматели на социјална помош, односно како пред избори се договара да се направат списоци на луѓе што примаат помош или туѓа нега, за тие „подоцна“ да се обработат како да гласаат; да се направат списоци на луѓе, главно Роми, на кои ќе им се даде социјална помош за да гласаат за власта, при што се неколкупати се слуша како работата треба да се забрза; како се подготвуваат пари што треба да се делат на социјалните случаи за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ; како се ветувало брашно во замена за гласовите на некои Роми; како за Кумановско Јанкулоска разработува шема за користење посебни биометриски документи за ВМРО-ДПМНЕ да се осигура дека Роми ќе гласаат за нив.

 

И НАСТАВНИЦИТЕ ДА „ПОЛАГААТ“ ЗА ПОДОБНИ

Потоа следуваат разговори кои ги разоткриваат притисоците врз административци – Јанакиески наложува во Могила и Новаци директорите да ги стегнат вработените да гласаат, со акцент и на една компанија и РЕК Битола; во општина Центар треба да им се јавуваат на сите учители и наставници за секој да обезбеди уште по еден глас за ВМРО ДПМНЕ, како треба наставен кадар примен во времето на ВМРО-ДПМНЕ да се убедува како да гласа; како се правеле притисоци врз вработени во општината што на Фејсбук давале лајкови за Жерновски, а меѓу нив имало и вработени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, како тие требало да заокружуваат на ливчињата со триаголник. Се слуша и дека се „строени“ вработени во ЈСП, Градски паркинг, Водовод, Универзална сала, Детски креативен Центар, Музеј на Град Скопје, средни училишта, во Паркови и зеленило и во Улици и патишта…

Потоа следува сет за притисокот на власта на ВМРО-ДПМНЕ врз медиумите – како Емил Стојменов, сопственикот на Канал 5 бара инструкции како да се саботира „неподобна емисија“; како се договараат материјали за вести во телевизии блиски во власта и за договорено интервју на Груевски на Сител; како Латас со министер се подбива со телевизијата А1 и се радува колку добро му одело на премиерот гостувањето на Сител…

 

НАШИВЕ ШТО ПОИШЕ НЕВАЖЕЧКИ ДА ПРААТ

Следни на ред се разговори во кои се гледа како ВМРО-ДПМНЕ „упаѓа“ во ДИК и зема избирачки список на кој се заокружени луѓето кои гласале; како Груевски наложува „нивните“ луѓе да направат што е можно повеќе неважечки ливчиња; како Јанкулоска на  Јанакиески му кажува каде да се поништува гласање.

Во последниот, најголемиот, корпус снимки емитувани на оваа прес-конференција, се слуша како Ирена Мишева наложува да се спречи повикување од телефонски број на активист на СДСМ оти лобирал; како Јанкулоска признава дека во МВР има изборен штаб од луѓе од Месниот комитет на партијата во Центар и дури и Кол центар за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, а амбасадорите се примале во друга сала еден кат подолу. Се слуша и како Јанакиески бара од Спиро Ристовски да се „заврши работа“ за проблематични пензии; како Јанкулоска предлага да се испровоцираат членови на СДСМ за да се „издејствува“ кривична пријава за СДСМ; како во МВР партиски луѓе го раководат организираното гласање; како МВР под Јанкулоска за митинзи на политички противници, посебно СДСМ, праќа автобуси на технички преглед. Се слуша и како Јанкулоска и Никола Тодоров договараат „со каков тон“ да оделе за изборите, дали имало или немало инциденти; како Гордана Јанкулоска договара со Васил Пишев во Струмица да не се потпишуваат записници таму каде што е  „тенко“ а во втор круг Ромите „за уши“ ќе ги ваделе, потоа со Славе Гошев го повторува истото. Има и разговор на Јанкулоска со Јанакиески за поништување гласови во Центар – бидејќи губат.

Се слуша и закана по живот за претседателот на Фудбалска федерација и неговото семејство, кое можело да се најде „во ендек“

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ во Скопје, (06.03.2015)

 

 

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Кирил Божиновски

КБ: Освен во случај ако не, ова им е една фаза од приказната, знаеш. Ама, не верувам, пошто тоа би значело дека ќе имаат докази. Па сега да кажат една вест, утре уште една, па задутре да извадат нешто, знаеш. Ама они шо може да извадат, што викаш, ова е затворено од пред 20 дена.
ГЈ: Абре Избирачкиот список е затворен.
КБ: Не знам дали се печати сега нешто во меѓувреме. Ова картиве сите се испечатени.
ГЈ: Види, знаеш….Да, да, да.
КБ: Колку што знам.
ГЈ: Тие им се испечатени, луѓево си ги имаат. Има една ризична работа, ама таа ја знаевме ние и затоа инсистиравме да дадат повеќе адреси Комитетиве. Како што знаеш, имаме по 50 души у стан од 40 квадрати. Е сега, тоа е.
КБ: Добро, ама тоа е. Они може да го видат сега тоа како адреса?
ГЈ: Може, тоа го пишува во избирачки список.
КБ: Аха.
ГЈ: Зашо, нели пишува адреса Кирил Божиновски, таа и таа адреса, број тој и тој.
КБ: Да, да, да. Е тоа може, да.
ГЈ: Ама, тоа е. Ние го знаевме. Ти знаеш и кога бевме кај премиерот, јас инсистирав да дадат Комитетиве адреси, ама Комитетиве не даваа.
КБ: Да, да, добро. Дадоа и поише, ама нема врска бе, нема врска. Мислам дека…
ГЈ: Тоа е сеа.
КБ: Како да ти објаснам, тоа е тоа. Ок.
ГЈ: Ок, ајде поздрав. Чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

МЈ: Кире, овие што се од Гази Баба, од Свети Николе?
С: Е?
МЈ: Тие се на една адреса или на многу?
С: Не, распоредени се.
МЈ: Ама, дали има на една адреса 10-15 души?
С: Од нив? Да. Се повторуваат, да. Се повторуваат, сите се повторуваат, се вртат во круг.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и соговорник

С: Ало
ГЈ: Еј Вики, кажи.
С: Набрзински. Значи, вака стои ситуацијата. Проверките се негативни, знаете. Значи, со оглед на тоа што ги пријавиле 42 во една куќа, 44 во друга куќа и тоа во села со жители од 40 вкупно гласачи. 44 на една куќа ги ставаат, негде 19, негде 22, негде 42. И сега, единствено што може да се направи, а од друга страна се плашиме, нели све излезе по медиуми. Таа е раководител на управни служби била комуњарка. И сега единствено зборев со Наде, може да побараме ние уште еднаш да пуштиме проверки демек да се обрата управните служби уште еднаш проверете овие лица дали се на наведените адреси.
ГЈ: Да де, да.
С: Нели по реакција на барателот.
ГЈ: Да.
С: Меѓутоа, не знам пак, да речеме од 44, барем 10 да ги направиме позитивно.
ГЈ: Е, така. Тоа сакав да ти кажам. Значи, ако ептен не може сите 40.
С: Значи, не е ептен, боде очи.
ГЈ: Да не е апла, али барем пола да бидат.
С: Барем нешто да направиме. Од нешто на нешто.
ГЈ: Да де, да.
С: Затоа што сега сме под опсервација и многу се плашам пак да нé активираат ОБСЕ, мобсе па да не лаат…
ГЈ: Така, така. Ама, јас затоа и вршам притисок да го направиме побрзо, пошто со секој поминат ден, притисокот е поголем и ако не може сé, јас затоа уште пред 3 месеци ги притискам. Значи, со секој поминат ден, поголем е притисокот. Ако не може сé барем делумно да се заврши работата. С: Барем делумно.
ГЈ: Утре да имаме чиста ситуација, да знаеме. Ако се 200, 200, ако се 10, 10, ако се 500, 500, знаеш.
В: Значи, сега вака. Ќе побараме за сите нови проверки.
ГЈ: Да.
С: Онаму кај што ќе можат, кај што ќе изменаџира Менде со наши полицајци.
ГЈ: Е така.
С: Многу е битно наши, никој да не…
ГЈ: Ептен наши.
С: Колку што можеме ќе дадеме позитивни.
ГЈ: Таму Ѓоко е, заинтересиран е. За него се работи.
С: Да. Сите други ќе ги врачиме негативни решенија.
ГЈ: Да де да.
С: Ќе им кажеме на луѓево. Внесете наново барање, ќе се изменаџираме поубаво со адреси. Ако стигнеме за втор круг на изборите ќе дополниме колку што можеме. Ако не, за наредни други зибори.
ГЈ: Така е.
С: Сега треба да бидеме внимателни затоа што сме под опсервација.
ГЈ: Се сложувам Вики. Значи, не може веќе во село кадешто има 5 жители, 40 нови.
С: Да, и после викаат координаторите не изменаџирале на локално ниво убаво работата и сега полицијата е крива.
ГЈ: Не, значи колку што може, толку. Да гледаме да може повеќе.
С: И со памет.
ГЈ: Ама, со усул.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Ало
НГ: Миле, како е?
МЈ: Капиштец има две избирачки места, водиме. Вака сега, на 23 избирачки места обработени.
НГ: Да.
МЈ: А, необработени 43, водиме за 140. Мешано. Значи, само тие кај што… По мое, ќе биде плус минус 600 гласа и можно е да има втор круг оти во просек, општина Центар имала неважечки ливчиња, околу 1000-1500…
НГ: Аха, аха. Значи, да ни беа овие преспанциве, ќе завршевме работа?
МЈ: Да.
НГ: Е да. Ок, Миле, ајде. Јавувај ти од време на време, каков е резултатот.
МЈ: Важи, важи.
НГ: Ајде.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Мартин Протоѓер

ГЈ: Медрано.
МП: Значи, циркус, а?
ГЈ: Вика, Ристе го пуштивме да ни кажува од лице место. Една од СДС се држи за радијатор и ме гребе, и оваа се мава од радијатор. Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава. Тој еден луд џандар и вика, госпоѓо отстапи….Лудница. Ама знаеш, таму е стварно лудница, ама си гласаат луѓево. хахаххаха
МП: Си гласаат луѓето непречено.
ГЈ: Мислам, ја многу би сакала да видам како изгледа оваа како се мавала од радијатори и му вика, Ристе тебе те знам, ќе видиш ти убаво.
МП: хахахаха
ГЈ: А, го знае и кај работи.
МП: Да, да, да.
ГЈ: Циркус, Медрано.
МП: Лудница, ама добро оди, добро оди.
ГЈ: Абе, луѓево, човечињава си гласаат. Ова е сé споредно шо ти кажувам. Сите будалетинки се пуштени таму на интервенција.
МП: Многу јако.
ГЈ: А, знаеш провокации, што ти не, ама битно човечињава за рака се држат, влегуваат и гласаат, патент на уста.
МП: хахахаха
ГЈ: Па ги снимале за рака кај што одат, па ги објавиле на Либертас или на незнам кој. Циркус е, циркус е, мислам, лудница. Ние, сега ќе организирам, у седум искачаме и викаме беше фер, демократски, мирно, нема пријави, освен овие за Струга ќе оставиме простор.
МП: Да, да, да, за Струга остави простор. Важи.
ГЈ: Другово, прогласуваме победа.
МП: Да, да, да, топ, топ, топ.
ГЈ: Ајде, чао.
МП: Чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: Молим
МЈ: Стевче?
С: А? Молим?
МЈ: На транспортериве треба некако да им дадат поддршка. Ќе им пуштиме муабет дека СДСМ ако добие власт, дека на албанец ќе го дадат Министерството.
С: Сакаш официјално со писма да одиме, или како?
МЈ: Не, не. Билјана да направи една тура, за да не поддржат. Еве, во Радовиш транспортериве да не поддржат, вработените…
С: Епа сеа, јас сакав во вторник да ги собереме овие поголемиве што се фирмиве и од превоз на патници и од превоз на стока некаде во Македонија, накај централна и да одржиме еден состанок со нив. Шо мислиш?
МЈ: Ајде направи.
С: А?
МЈ: Направи, од четворка само собери ми ги…
С: Значи, еве ти правам список, она што ми бараше, ќе ти ги пуштам на маил.
МЈ: У четворка, У четврока.
С: Од четворка сите ќе ти ги пуштам и ќе ти пуштам еден посебен список, она што ми бараше за јавување телефонски.
МЈ: ајде, чао.
С: Ајде.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Горан Трајковски

ГТ: Што праите?
МЈ: Добар.
ГТ: Задоволни од ова денеска?
МЈ: Пиштење, вриштење, шо да ти кажам.
ГТ: А?
МЈ: Пиштење, вриштење ќе биде.
ГТ: Да, а? Ние, од 24, колку списокот го дале, 8 казни јаки паднале по 4.800 евра, 2 затварање. Кај овие откупувачите за непресметан персоналец при откуп и дуќани. Ама, овие ти шо ми ги спомињаш, 4 дуќана кај циганите у тоа турско маало, тој список никој не им го дава на нашите.
МЈ: Ама, не, не. Таму тие на лице место се, нема список.
ГТ: Па што на лице место, ама треба некој да им каже. Јас ги прашувам моите, бевте ли во тоа циганско маало, 4 пиљари што има, да ги видите, не бе вика, никој не нé однесе.
МЈ: Нека му се јавам на Славе, на овој координаторов нашиов. Да ти дадам број?
ГТ: Имам ја од Славе број.
МЈ: Јави му се, ќе ти каже.
ГТ: Да, да. Друго што сакав да те прашам. Нели ние во неделата кога беше митингот, кај Маријан бевме у контрола. Зоки бараше контрола.
МЈ: Да, да.
ГТ: Што се здавиле? Сега бидејќи истата екипа од Скопје им е таму, да појдат повторно кај него?
МЈ: Ај да зборнам со Зоки, да не направиме беља.
ГТ: Добро. Ја му звонам, оти сега по втор пат ако му најдеме неправилност, ќе треба пицеријата да му ја затвориме.
МЈ: Ај да зборам со Зоки.
ГТ: Да, ама стори ми абер за да не ги држам луѓето до сабајле таму.
МЈ: Не, нека појдат на овие….., доста му е.
ГТ: Ајде, ајд

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: Ало
МЈ: Гоцо, дај бе за таксиво малку ангажирај се. Сите комуњари у Центар тие ги носеле.
С: Ама сега како да се ангажирам за тоа. Ти викам, кажи ми
МЈ: Земи му ја лиценцата
С: Е шо, уште толку ќе ги изиритираме. Како да им ја земеме лиценцата.
МЈ: Друго, кажи ми која…Не, не, полека. Земи им лиценца да видиш која фирма е оснивач. Види во Централен регистер. Кој е човекот таму, најди го на име, да испитаме.
С: Ајде, ќе му најдам.
МЈ: Ќе го замолиме да му откажи во недела сабајле послушност и ќе се заглават со 500 гласа.
С: Добро.
МЈ: Ај.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Спиро Ристовски

СР: Како?
МЈ: Како лоциран проблем е
СР: Абе, оди фати таму во Струмица. Што си направил ти, тек си во Струмица бе?
МЈ: Сé е под контрола.
СР: Шо е под контрола. Мартин што ми се јавува, зошто се инсепкторите на терен. Координирајте се таму. Тие твоите од листа те цинкарат.
МЈ: Со кого да се координирам. Му ја е..в мајката на тој од Ново Село.
СР: Епа тој, на к…т ми се качи и на мене и на Мартин од сабајле.
МЈ: Екипа Пучаров криминал што има со нив.
СР: Епа сега, ако си ги штеди он криминалците, не е тоа мој проблем.
МЈ: Спиро, ај бе да ти кажам уште една работа. Ја спуштија зелката од 10 на 4 денари и утре сакаат да ни излезат на улица и да ни ја истурат зелката. Шо да правам?
СР: Ама, те разбирам бе брат. Ама, ти кажувам, нека не праќаат пораки, нека не досаѓаат кај Мартин и кај мене.
МЈ: Да им е..м мајката, шпиони.
МЈ: Тоа е идејата, ги притиснавме и утре нема да има штрајк, тоа е. Знаеш што направија? Зоки оди во откупен пункт, се фали, 10 денари, зелката не била никогаш 10 денари. Наредниот ден откупните пунктови се затворени, денот после тоа, на 4 денари ја спушта зелката. Што да му правам? Да ги чешлам?
СР: Убаво им праиш, ајде, терај.
МЈ: 100-те пензионери реши ми ги. Ајде, чао.
СР: Ајде, чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: Ало
МЈ: Од кај ти е сега оваа идејава?
С: Значи, идејава ми е, споредував сé живо и диво како што се движат работите, ме сфаќаш? Значи, од претходно што сум правел, седнав баш специјално за тебе да направам, за да не плачеш после…
МЈ: Значи, вчера упад му направив во Прилеп, му е..в мајката. Истото го направив во Радовиш.
С: Видиш, ти више знаеш што треба да правиш, ама ја морам дополнително да те потсетам.
МЈ: Истото му го направив во Кавадарци, истото му го направив во Неготино.
С: Добро.
МЈ: И истото го направив и во Струмица. Росоман му го пуштив Спирковиќ, не знам друго шо да правам за Росоман и тоа е.
С: Не, не, не. Јас само ти кажав од ова. Ти ако си го направил ова, супер. Да ми биде мене мирна совеста. Тоа ти кажувам.
МЈ: Ок.
С: Тоа ти кажувам. Ајде.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: еј Миле.
МЈ: Љупчо, не го бива овој инсепкторов, маме е.а вчера. Да му е..м мајката у п…а да му е..м. Тој што требаше да се затвори, пријател му бил, не го затворил.
С: Кој?
МЈ: Вака кажи му. Може ли Бети Чингароска да оди кај него и да го се договорат што како?
С: Може бе, зашто да не. Што треба, кажи ти да се направи. Овој ептен поштен е да ти кажам.
МЈ: На наш претседател на Месен комитет казни напишал.
С: Па ќе си ги повлече тие, кој го е.е.
МЈ: Ај, Бети нека појде одма кај него, нека и се јави на Бети.
С: Добро, ајде, чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: Ало
МЈ: Милица?
С: Молам министре.
МЈ: Абе, немаме ништо извештај од субвенцииве.
С: За субвенции, само Панче Даневски колку што знам доставил кај Дејан.
МЈ: Ова од Димитар што го работи.
С: Министре, имаме, како немаме. Нели вчера доставија?
МЈ: Вчера? А, друго?
С: И истите тие што ги доставија тие што се позитивно решени, ги пративме до општинскиве за да ги информираат да ги посетат луѓето и оваа Тања имаше направено извештај дека посетени се сите, дека сите као позитивно се изјасниле дека ќе гласаат. Го има направено извештајот, ќе ви го даде утре.
МЈ: Добро, утре нека пушти или вечерва Наде еден циркуларен кај тебе.
С: Добро.
МЈ: Да каже со општинскиве дали има нови луѓе прблеми со субвенции.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Љупчо Димовски

МЈ: Ало
ЉД: Министре, Љупчо Димовски, министерот за земјоделие.
МЈ: Љупчо, ало.
ЉД: Да, да, слушам…
МЈ: Како оди со исплатава на откупениов тутун? Бев во Могила, па се жалат.
ЉД: Е, па види, значи го притиснавме тој и треба за недела дена све да исплати. Он има уште 33%, така барем кажуваше, обврска.
МЈ: Кој?
ЉД: Од Струмица Табак, тој Мојсеј.
МЈ: Ама, те молам, притискај ова јако.
ЉД: Ама, цело време притискаме. Ја му претив дека ќе му земам лиценца.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Душко Миновски

ДМ: Министре, повели.
МЈ: Што, да, кажи, дај ми USB, негде катастрофа, 400-500 останато, негде 50, Неготино на пример не може да мрдне од 50.
ДМ: Овие шо, за посетиве на социјалциве?
МЈ: Не, за овие предметиве, нега, мега, овие…
ДМ: Нега многу направија бе министер, за два дена 850 во струмичко и ова. Едино може Кавадарци, Неготино, да, малце сега. Овде заменик министер што е, државен советник ги вика утре знаеш, ќе гледам барем една екипа тука да остаиме, за Скопје, а да овие двете останат бар таму.
МЈ: Малку да направиш една тура утре, да ги посетиш овие Кавадарци, Неготино, поголемите.
ДМ: Немаше проблем бе министер, ама нели сум оваа турава, у недела се договорив со овој Зоран, што ми го дадовте бројот, ќе дојдам ако сте слободни, од сабајле доаѓам
МЈ: Не ти требам јас. Ти потпрошетај ги. Јас во недела не знам како ќе биди.
ДМ: Добро, добро, важи. Тогаш со тој што ми го даде телефонот, со Зоран.
МЈ: И малку остро, ај у п..ку мајчину нека фатат, не им се работи.
ДМ: Така, така, така. Важи министре, готово, ќе ги поминам овие денови.
МЈ: Утре телефонски ѕвони ги а у недела те молам посети ги.
ДМ: Готово, обавезно доаѓам, од сабајле од девет почнувам. Важи.

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник

С: Пропуштив да ви кажам. Зборевме со Спиро, и така идете натаму, добро е на Мирослав да му кажете, нека направат за утре еден список, и Циганиве и на други места кадешто треба социјална помош да пуштиме
ГЈ: Добро, супер, ќе му кажам.
С: Значи да напраиме еден список, да ми го достави на мене, па ја на Спиро, да пуштиме социјална помош на тие семејства.
ГЈ: Важи. Важи.
С: Кај што ни е потребно, со тоа да ги фатиме и Циганиве.
ГЈ: Ок, супер, ќе му кажам.
С: Ајде.
ГЈ: Ајде.
С: Поздрав.
ГЈ: Поздрав, чао.

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник

ГЈ: Ало?
С: Ало, добар ден.
ГЈ: Мирослав, абе не ми ги дадовте списоците за социјална помош што ти реков.
С: Оооо, ги направија, 18 луѓе имаше.
ГЈ: Ама дај ги. Не е доволно да се направени, дај ги да им исплатиме на луѓето.
С: Па им кажав, им кажав јас.
ГЈ: Или на мене или на Ристе од кај мене нека му ги прати кој ќе ги прати.
С: Добро.
ГЈ: Добро, ајде, поздрав, чао.
С: Поздрав, чао.

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник

С: За ова уште да ве прашам за социјалниве семејства, сега чекам од Мирослав да ми каже колку пари ќе треба, дека ја имам тука на ова.
ГЈ: Добро.
С: Е сега парите на него да му ги дадам?
ГЈ: Па на него не знам на кој друг.
С: Јас ќе ги земам од Спиро па ќе му ги предадам на него.
ГЈ: Да де да.
С: Добро.
ГЈ: Они нека видат како после, натаму.
С: Како?
ГЈ: Нека види он после како за натаму.
С: Да. Пошто секундарно дека.
ГЈ: Да, ама најдобро на него да.
С: На него ќе му ги дадам. Добро.
ГЈ: Пошто негова е одговорноста.
С: Готово.

 

Разговор на Миле Јанакиески и соговорник

МЈ: Да.
С: Ало.
МЈ: Еј, шо.
С: Овде сум на Мала Станица. Значи, Циганиве сите изглегле, околу 60 и колку, шеесет и осум гласа, шеесет и два гласа. Сега им обеќаме некои 25 пакети со брашно нешто, не знам.
МЈ: Да, ќе им ги дадеме.
С: Дајте им ги пошто ќе почнат да излагаат, да негодуваат, ќе почнат да бамбурат тука по улици
МЈ: Да….Тони!
С: Дај те молам организирај ги тие.
МЈ: Ајде, чао.

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник

ГЈ: Треба таму многу внимателно, оти они, Циганиве многу ги држи Циц. Ти кажав кога беше тоа за поплавите по која линија. И може да не издадат.
С: Абе…
ГЈ: Значи треба ептен внимателно со разработено…
С: Види јавна тајна е, овој си работи, праќање тројца, собирање на овие биометрискиве и тоа е. И за возврат нека ги дадат сите тие…
ГЈ: Да де да, ќе направиме проценка колку може. И без врска сега да не, нешто кај што сме сигурни дека не може да не се изложуваме.
С: Да де да добро, апсолутно, апсолутно.

 

Разговор на Миле Јанакиески и соговорник

С: Ало.
МЈ: Кај си бе?
С: Тетово сум на терен.
МЈ: Шо праши во Тетово бе?
С: Еве у циганско маало сум, со Наташа и со Горан. Ти шо праши?
МЈ: Сакав ова….
С: Чекај не можамд а те слушнам да се тргнам на страна. Ајде, кажи.
МЈ: Значи ми треба твоја поддршка во Могила и во Новаци.
С: Да.
МЈ: Прво, твоиве директори да ги стегнат овие вработениве, многу има вработени.
С: Шо да му напраи?
МЈ: Да клоца, да лобира и така натаму.
С: Добро.
МЈ: Втора работа, се жалат на ова компанииве. Посебно таму една компанија, мислам дека беше Шкорпион. Има таква?
С: Шкорпион? Да има.
МЈ: Оставиле од СДС од Новаци, само за тоа ми збореше.
С: Ќе зборам Тута му е главен. Прашај ги, Тута им е главен на таа компанија? Така се вика.
МЈ: Можеш ли вака. Да те замолам едно попладне. Да ги земеш директориве од РЕК.
С: Добро.
МЈ: И заедно со нив да одржиш проширен состанок, со Могила и Новаци, ќе му ги наполниш едрата до максимум.
С: Готово бе, може, може.

 

Разговор на Миле Јанакиески и Ирена Мишева

МЈ: Ирена?
ИМ: Да.
МЈ: Значи те молам, кај сите учителки завртете, кол центарот,
ИМ: Добро
МЈ: Со следнава насока, ви благодариме што излеговте на гласање.
ИМ: Слушам, слушам
МЈ: Ве молиме за конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедите уште еден глас за ВМРО-ДПМНЕ.
ИМ: Ок. Ок, сега, ај чао.

 

Разговор на Миле Јанакиески и соговорник

МЈ: Колку имаме вработено во наше време, во време на Тодоровиќ, во образование? Има многу?
С: Во образование, па има. Нема многу.
МЈ: Колку?
С: Па испод 100 не би требало да е.
МЈ: Да ги викниме да ги уплашиме малку дека ќе ги брка Жерновски?
С: Ајде. Мада тие сите земаа решенија ги боли к..от. Ќе ги извадам…
МЈ: Ами од кајзнае…
С: Ок. Ок. Ќе ги извадам.
МЈ: Треба многу јак притисок. Мислам имаше и минатиот пат ама на луѓето треба притисок огромен.
С: Знам ја. Тие што се у општина што сме ги примиле, 2009-та, 2010-та, му ставата на Фејсбук лајк на Жерновски. Шо праиш?
МЈ: Кои тие?
С: Едни два-тројца. Им отидов вчера со метла им реков од другиот понеделник со метлава надвор ќе идете сите.
МЈ: Кои?
С: Тука имаме некои што се вработени. И во финансии, ваму-тами. Што да ти кажам. Тука пола ми се комуњари. Мислам ај дел се затечени. Ама има пола ние што сме ги вработиле, што ти викам ставаат лајк на Жерновски. Што да ти кажам. МЈ: А на….да ги фатиме.
С: Не јас им запретив, само да не напраиме контра ефект. Јас им викам ако тепаме на улица ќе ве пратам да чистите, да метите, со циганите, и Сашо ќе ви биде шеф.
МЈ: И шо викаа?
С: Ама зашто мене? Викам видов лајк. Ама не не, Фејсбукот ми го користи братучетка ми, ми го знае пасвордот, ваму-тами. Добро викам, да си знаете. Изгледа многу е скапо да си отвори свој Фејбук па твојот најде да го користи и викам на таа.
МЈ: Треба да му кажиме да гласа за нас. И да дадат потврда дека гласале за нас.
С: Е како ќе дадат потврда?
МЈ: Со триаголниче речи му ќе гласаш, ќе ти го провериме ливчето, ако не гласаш ќе те избркаме од работа. Победуваме секако, тоа треба да биде муабетот.
С: Да де да.

 

Разговор на Миле Јанакиески и Ирена Мишева

ИМ: Ало?
МЈ: Еј.
ИМ: Ви пуштивме сега ЈСП, ви пуштивме Градски паркинг комплет…
МЈ: На меил?
ИМ: Се му пуштаме ние на Игор, од кај тебе.
МЈ: На меил?
ИМ: Да.
МЈ: Игор до мене бе седи, до мене седи.
ИМ: Е така. ЈСП ви пуштивме, Градски паркинг е комплет, Водовод, Универзална сала ви е комплет пуштена, ДКЦ ви е комплет, Музеј на Град скопје комплет, средни училишта, Владо Тасевски, Браќа Миладоновци, Осми септември, Никола Карев, АСУД, Марија Кири Склодовска, Панче Арсовски,
МЈ: Каде е најслабо кажи ми, кажи ми.
ИМ: Еве Синиша ја работи улици и патишта, паркови е најслабо, таму мака мачиме и тами маваме поише. Ете ти кажувам. Така да, се слушаме пак.
МЈ: Ајде.

 

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Емил Стојменов

ЕС : Ало
МП: Ее Емил..
ЕС: Што праиш Мартин, добар?
МП: Добро, добро еве последен ден и така..
ЕС: ..аха аха, да знам дека си у гужва …тоа цело време праиме, размислуваме со ова шо ќе праиме, со емисијата на овој вечер разбираш..
МП: ..Аха
ЕС: .. и сеа они нешто начуле, овој се влечка не ја носи уште емисијата, се заканува демек ова она, ние не сме му кажале дека нема да му ја емитуваме ..
МП: ..мхм мхм
ЕС: И праиме некои финти, иначе најавите ги дал за емисијава…
МП: ..мхм..
ЕС: Му се за Викиликс ова, разбираш, најновото што е со ова..
МП: ..мхм мхм
ЕС: Второ најава му е нешо шо новата влада шо ќе победела и кој на кого ќе му даде пета во понеделник, разбираш..
МП: ..мхм мхм
ЕС: И он си ја напраил наменска веројатно емисијата сеа, сигурно е тоа..
МП: Можете да ја пуштите со лош тон емисијата, со пречки
ЕС: Слушај, ќе смислиме нешто и ќе ди кажам до вакво.. дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава нек си е… мајката, разбираш… Ајде ќе смислам нешто и ќе ти кажам, мислиме, да видиме нека ја донесе..
МП: Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат..
ЕС: Важи, важи ќе напраиме нешо..уживај
МП: Важи друже фала ти многу фала, чао чао

 

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Влатко Мијалков

МП: Ало
ВМ: Брат не е доста бе ја сум во кола идам накај штаб, до сега ги вадев..
МП: Јас сум .. сега ќе ти кажам.. вестите на Сител се затворени, овие од 6 шо почнуваат, Канал 5 више се на крај вестиве еве ја ги глеам сеа, следните вести на Канал5 се во 7 ипол и чуваме во случај нешто ново да не излезе дополнително да вакво.. а на следните вести шо ќе се на Сител ќе биде шефот гостин до полноќ, значи ќе почне накај 10 саат и ќе биде до полноќ. Евентуално на МТВ да им ги пуштиме..
ВМ: Јас ги носам и ти ги давам во штаб си?
МП: Да да у штаб сум
ВМ: Јас ги носам и ти ги давам и да знаеш дека ќе прочиташ и содржина и све и имиња и презимиња се таму..
МП: Важи важи
ВМ: На располагање ти се, види како ќе ги уклопиш шо ќе уклопиш може добро да се.. оставам на тебе,
МП: Важи важи ја ќе глеам преку МТВ некако да се вакво..
ВМ: Ти ги носам ако се уклапа у концепција ти ги носам може да биде добро..
МП: Важи важи..

 

Разговор помеѓу Драган Павловиќ Латас и Зоран Коњановски

ДПЛ: Кажи Зоки?
ЗК: Ај добро вечер..
ДПЛ: Шо праиш бе добро вечер..
ЗК: Добро еве го глеам премиерот…
ДПЛ: Ја не сум го глеал овој опуштен и конкретен во задњиве 5 години вака..
ЗК: Супер е, многу добро и Ивона ја води емисијата и добро му оди на премиерот
ДПЛ: И визуелно добро,амбиент има добар, го глеам она на А1 како у шупа да е..
ЗК: Ја само свртев видов цело време наместо Рада празното столче го кажува..
ДПЛ: Не не второ и визуелно и негативна енергија има у студиото многу..
ЗК: Зелено хахаха
ДПЛ: Да да да..
ЗК: Шо праиш ти?
ДПЛ:Нишо бе еве се одмарам сеа завршив све..чекаме да видиме у недела
ЗК: Бомбардираш, ќе те зеам во одбрана
ДПЛ: хахахаха ..Па види ја тоа као природен амбиент го осеќам..
ЗК: Јас на мојве им викам последниве два дена од министер за одбрана станав министер за напад па ќе го зеам и Латас сеа..
ДПЛ: Хахахах ама види ние сме тие 5-6 души, озбилно ти кажувам, ја и на Мартин му викам 10 души е цел тим, е… толку пари отидоа вработувања, привилегии, патувања по странство, п… ручкови и па 10 души…

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

С: Значи вака сеа, претседател во Центар е еден морон што работи во генерален секретаријат, значи работи во одделение, значи во генерален секретаријат во одделението на Суле, така да може него да го притиснеме и фактички од избирачкиот материјал да го извади избирачкиот список кадешто е заокружувано кој гласал кој не гласал да си го фотокопираме па да му го вратиме..
МЈ: Кај работи?
С: Во генерален секретаријат..
МЈ: Како се вика?
С:Да Коста се вика презимето не му го знам точно меѓутоа работи кај Кире а шеф му мислам овој Суле..
МЈ: Суле?
С: Да Суле, Суле
МЈ: Важи, ај ќе зборам
С: Ајде

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Да
МЈ: 51 избирачко место обработено.. губиме за 580 разлика
НГ: Што мислиш ќе има втор круг?
МЈ: Сега ги собирам претседателе неважечкиве има доста неважечки секогаш биле над илјада ако продолжиме ваков тренд мислам дека втор круг ќе одиме..
НГ: Ема колку има доста? Колку е тоа доста?
МЈ: Меѓу 1000-1500 имало по избориве, а има сега во просек по 20 по 30 по избирачко место, така да треба да има околу 700 800 неважечки.. тука ќе биде бројката
НГ: А колку ни требаат на нас за да има втор круг?
МЈ: Разликата што ќе биди помеѓу СДСМ и ВМРО треба да биди пониска од неважечките
НГ: Ама еве го слушам Сашо он некоја процека праи дека над 1000 ќе не тепаат у Центар.. могуче ли е тоа?
МЈ: Водно ги изброиле Коце (ама со премиерот зборам), Коце во двете има победено во Водно а тие се големи, 140 таму Коце победил..
НГ: А нашиов овој?
МЈ: Епа сеа го бројат Тодорович, прво Коце го зеле,Советот за Град Скопје и Коце..
НГ: Ама не е истото, не е истото
МЈ: Знам
НГ: Да
МЈ: Туак ќе биде, 100 плус минус…
НГ: Знае да биде тоа, да пуштиш таму на нашиве што поише неважечки да праат…. ало
МЈ: Да да ве слушам..
НГ: Викам да си пуштел Сашо вика абер до нашиве таму кај шо може да искрснат неважечки да …
МЈ: Кажано му е, кажано му е, од сабајле му е кажано…
НГ: И записници такви работи за после да може да..
МЈ: Да да има забелешки..
НГ: Да се судиме…
МЈ: Дада
НГ: Ајде

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески

МЈ: Како е?
ГЈ: Куманово ако имаме начин да договориме со ДУИ мислам дека има шанси да го земеме, оти не се многу гласови..
МЈ: Како?
ГЈ: Таму се 88 илјади гласачи запишани, а 1700 гласа губиме
МЈ: А епа како мислиш? Да поништуваме?
ГЈ: Епа така да поништиме на пример..
МЈ: А има основ?
ГЈ: Па ее основ колку шо имаше за Струмица, 10 ќе поништиме избирачки места и да се фатат за врат албанците никој да не излезе…
МЈ: Добро, ајде
ГЈ: И така, добро ајде

 

Разговор на Миле Јанакиески со Ирена Мишева

ИМ: Кажи Миле?
ИМ: Ало, Ало
МЈ: Ало
ИМ: Ej, Кажи
МЈ: Може ли една работа, еден телефон да го ставиш вон употреба?
ИМ: Кој, кажи?
МЈ: Од ЕСДЕЕС, лобира, 306 775…
ИМ: Како?
МЈ: 306 775 да биде исклучен да не работи нешто..
ИМ: Како?
МЈ: 306 775
ИМ: Што има претходно?
МЈ: 070
ИМ: Океј
МЈ: Да го ставиш вон сила, да не можат да вртат…
ИМ: Океј
ИМ: Иначе добро ни оди со институцииве, да знаеш, ќе ти пишам…се слушаме јас и ти…
МЈ: У базата сум
ИМ: Те слушам. Е шо не се секирај, се слушаме со тебе.

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски

ГЈ: Од Дик го пратија писмо овие шо заебаа работа нашиве, ама не пишале рок за постапување во писмото и у вторник ќе им одговорам.
КБ: Да, де, да.
ГЈ: Да видам ОДИХР како ќе ги оценат изборите, па после ќе им одговрам.
КБ: Вторник, а можеш у месец јуни вторник…
ГЈ: Не, оти ќе има втор круг ќе ме прозиваат, да не биде тоа тема знаеш…
КБ: Да, да
ГЈ: Дека ВРМО нешто крие, ама нека помине понеделник.
КБ: Апсолутно, апсолутно…
ГЈ: И ќе видам шо ќе им одговорам, дали тоа шо прашуваат нешто, или нешто друго ќе размислам…
КБ: Важи, важи…Горде, овој држи го Кире, само знаеш, следи го..и ја го следам…Знаеш со овој другиов се во акција…….
ГЈ: Еве ги кај мене во вакво на 5 метра од местото од кај шо јас и ти разговараме, Кире…хахаха На работа сме си сите ние, кај нас штаб имаме. Мислам, ние имаме два штаба, еден штаб кај мене на спрат, тој е месен комитет на ВМРО околу Центар, све има кај нас, а другиот ни е доле у сала, кај шо доаѓаат амбасадорите, овој, оној и ја повремено таму улетувам, да видат амбасадорите дека све е ок. После си се качувам кај мене на спрат и си работиме партиски работи. Така сме ние организирани.
КБ: Да, да, опасно..
ГЈ: Ако сакаш дојди ни у контрола да видиш како работи кол центарот?

 

Разговор на Миле Јанакиески со Спиро Ристовски

МЈ: Алоо
СР: Абе не ме дупи, една и пол минута те чекам на телефон…Од кабинетот на министерот Јанакиески…Абе јави се на мобилен, не ме…ај…
МЈ: Со тебе да се поврзам, не можам..
СР: Ај кажи
МЈ: Што ни е со оние пензии, завршивме ли работа?
СР: Што?
МЈ: Со тие пензиите проблематични шо беа?
СР: Ко ќе завршиме, тоа не е така лесно…Завршивме со пензионерите, на бања ги сменивме од 13-ти, а овие другиве чекам уште да ми јават…
МЈ: значи како лансирам проблеми, признај, а…

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и соговорник

ГЈ: Како е во правна расположението?
С: На нивоо…
ГЈ: Победничко? Имате некои проблеми?
С: Да…вие во МВР?
ГЈ: Ние во МВР, ВМРО МВРО, исто, два штаба имаме…Еден партиски, еден за странците кај што ги носиме…Ич неаме, за разлика од други институции, не се ни устручаваме ништо..Кол Центар имаме у МВР…
С: Убаво…
ГЈ: А, бре..
МЈ: Важи

 

Разговор на Миле Јанакиески со соговорник

С: Еј Миле знам дека ќе идеш нагоре, ја до МВР бев, дојдов кај тебе, и знам дека членови имаат уште едни излезено.
МЈ: Стегајте брат, пуштај ако треба полиција, од дома нека ги зема.
С: Со коли ќе идеме сега. Кол центарот не е веќе ефикасен туку со коли. Од дома.
МЈ: Ајде.

 

Разговор на Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска

МЈ: Гоцо?
ГЈ: Ало?
МЈ: Абе, ми се јави сега овој Горан со автобусите, неколку автобуси од Тетово на технички ги пратиле…
ГЈ: Епа може ги пратиле Миле, сега…И ДУИ е у кампања..Ајде ќе се јавам…
МЈ: Или дај…види шо е?
ГЈ: Абе, знам шо е…Сега..Истото ние шо го праиме, го праат ДУИ…Тоа е..
МЈ: А шо, ги носиме на технички?
ГЈ: Па ние секогаш, кога има митинг било кој на технички преглед им ги праќаме автобусите, да има помалку луѓе.
МЈ: А и ДУИ?
ГЈ: Па сите…ДУИ не носат толку многу луѓе…ама на СДС салата ги праиме…

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски

ГЈ: Со откажување кога веќе го изедовме ќотекот…
КБ: Да, да..
ГЈ: Знаеш, да беше у некоја порана фаза, океј…Ама сега кога до овде е дојдено, нема шо ние да им се плашиме на нив? Треба дури и да ги навлечеме нешо така агресивно да се испонашаат, некој да ги снима и да ги извадиме…и ќе јадат пријава за изборно насилство…
КБ: Да, да, да

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и Никола Тодоров

ГЈ: Ниноо?
НТ: Молим?
ГЈ: Абе да се искоординираме со каков тон да одиме со избориве,пошто реално има повеќе инциденти отколку првиот круг?
НТ: Да…
ГЈ: Да видиме како да ја фатиме работата, ….
НТ: Види, Ја им реков на сите овие да искачаат со, мирно е, со некои инциденти помали…ваму, таму..
ГЈ: Ја го одложив пресот у 12, пошо не знам како да ја тераме, за у два го презакажавме…
НТ: Да, де, да…Па не…Подобро да нема многу од ваша страна, а? Ок е у 2.
ГЈ: Па затоа се координирам, освен ако ние не одлучиме, дека ни треба да дигаме малку тензија…
НТ: Па не…мислам дека е боље овака…Добро е, мирно…вака, онака…
ГЈ: Има една ситуација у Струмица што не ни одговара…Таму негде тој со кутијата е комуњар, и тоа ќе си го даваме, све. Меѓутоа, има и еден наш, што е сопруг на директорката на затворот, него го препознаваат, сега јак доказ нешто нема…Пукал во воздух..
НТ: А тој ли е тој шо пукал, да му ебам мајката?
ГЈ: Да, е сега ќе видиме таму како ќе биде…Сега кој знае со шо..Ќе видиме на крај може да му пуштиме прекршочна за со гасен пиштол,
НТ: За нарушување на јавен ред и мир…
ГЈ: Нешо така… Дека не пукал кон избирачко место, пукал у воздух…ама у моментот чисто да имаш у предвид..
НТ: Да му се јавите, да му кажете дека ќе му ја ебеме мајката…ако напраи уште нешто..
ГЈ: Само таа ситуација не ни одговара…другово се комуњари приведени, во Кочани многу..

 

Разговор на Гордана Јанкулоска со Васил Пишев

ГЈ: Ало?
ГЈ: Васе, како ситуација?
ВП: Абе, добро е тука, ама се топи тоа…
ГЈ: Види, му кажав на Славе, таму кадешто мислите дека е тенко, не пишувајте записници, остајте простор за приговор, неаме контрола таму, остајте простор па после за уши циган по циган ќе ги вадиме…Сега мора така, оти затворени се избирачките места…Океј Васе…
ВП: добро, добро..

 

Разговор на Гордана Јанкулоска со Славе Ѓошев

СГ: Тава шо го направииме, ќе имаме и втор круг, ќе видаме дефинитивно според записниците..
ГЈ: Значи не е прв поминат?
СГ: Нееее…Како ќе нема, нашите веќе слават..
ГЈ: Тие се кај Ромите?
СГ: Две се кај Ромите, две се уград кај шо имаме влијание, можеме да…
ГЈ: Ако е кај Ромите, за уши ќе ги носиме, не смее да писне…Битно не помина у прв?
СГ: Еве ги нема низ град…Тоа е тоа..
ГЈ: Па кажи бе Славе, само кога имате мака се јавуваш, да му се сневиди..
СГ: Абе шефице, слуши, јас не сум Силвана Бонева, хехех
ГЈ: Нема гајле, ептен ми е мерак за вас…посебно

 

Разговор на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески

ГЈ: Молам?
МЈ: Песталоци, викаат дека се затворени со полиција и само таму нема да земеме избирачко место?
ГЈ: Чекај да видам со Ристе, имаше нешто, ама..?
МЈ: Се јавив на Ристе, не знае, сега проверува…
ГЈ: Епа не, јас со него треба да проверам, не ми кажува, сега гледам заминал отворил врата…
МЈ: Слушај Центар како е? 180 губиме
ГЈ: Добро.
МЈ: и имаше неважечки, 917, другите има околу 100…
ГЈ: Поништете ги со Ристе тоа збориме, нешто да поништете…

 

Разговор на Миле Јанакиески со Мартин Протогер

МЈ: Ало?
МП: Ало?
МЈ: Молам
МП: Овој мајмунов од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за утакмицава, за да не се напуни стадионов.
МЈ: Му кажав на тој шо му е чоеко, денес за тоа праев муабет..ако не објават до понеделник…
МП: Ако не објават до понеделник, кажи му дека он, жената, децата, све у ендек ќе ги најдат…Мајката да им ја ебам јас нивна комунистичка нивна..педерска…
МЈ: Ај чао..
МП:Ај…


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *