Реформата на социјалната заштита и заштитата на децата е во тек

Фото: Влада на РМ

 

Во предизборната Програма на СДСМ во декември 2016 година е ветено следното:

Во Законот за социјална заштита ќе воведеме Програма за минимален адекватен приход, преку којашто лицата кои живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход до линијата на сиромаштија во државата, со цел да бидат извлечени од состојба на сиромаштија. Секое четиричлено семејство, кое живее во сиромаштија и не остварува никаков друг приход, ќе добие 12.000 денари месечно. Семејствата со приход под 12.000 денари, ќе ја добиваат разликата од оваа програма. (На пример, ако во семејството влегува приход од 4.000 денари, државата ќе помогне со уште 8.000 денари плус). Програмата ќе се одвива во две фази започнувајќи од 2018 година. (стр. 215)

Ќе воведеме програма за индивидуална поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и семејства со ниски примања, како поддршка на семејствата кои се во зголемен ризик. На тој начин ќе ја намалуваме детската сиромаштија која ги загрозува децата, но и иднината на Македонија. (стр.216)

 

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија (стр.215 и 216)   – датум, декември 2016]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ од предвремените парламентарни избори 2016 година за реформа на социјалната заштита и заштитата на децата, е во тек на реализација. „Вистиномер“ ја базира оваа оценка после претставувањето на заокружениот план кој е веќе преточен во драфт закон за измени на Законот за социјална заштита. Планот беше преставен вчера, 18.09.2018 година на прес-конференција во Владата од страна на премиерот Зоран Заев и надлежните министри Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и Драган Тевдовски, министер за финансии.

Премиерот истакна дека двете крајни цели на овој план се намалување на сиромаштијата и зголемување на вработувањето, бидејќи планот предвидува комплементраност на овие две зацртани цели во еден пакет.

Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.

За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале“, изјави премиерот Заев. 

 

Министерката Царовска посочи дека практично се вложува во човекот и дека „со оваа реформа не само што го зголемуваме надоместокот, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени за да може да се активираат на пазарот на трудот. Секое дете ни е важно. Се грижиме за сите деца, и за децата на приматели на социјална помош и за децата во домаќинствата со ниски примања- за сите нив предвидуваме детски и образовни надоместоци“.

Преку практични примери беше презентирана реформата

Се реформира и начинот на работа на центрите за социјална заштита бидејќи секое ранливо семејство отсега ќе има социјален работник што ќе го води на терен, што занчи ќе има обврска да го посети да направи план и проценка на ризик на загрозеност и на реланите приходи.

Министерот Тевдовски појасни дека реформата ќе чини дополнителни 2,2 милијарди денари или околу 36 милиони евра кои треба да се обезбедат во буџетот за 2019 година. Тој истовремено додаде дека се очекуваат позитивни импликации во економијата, бидејќи се очекува поради поголем прилив на пари кај најранливите категории граѓани да се зголеми потрошувачката, а и дополнително да се намали вкупнит број на невработени лица.

Дополнително на прес-конференцијата беше појаснето дека законот се очекува да биде усвоен во ноември-декември годинава и да стапи на сила од први јануари следната година, како и тоа дека се очекува да биде зголемен опфатот на корисниците од оваа мерка особено по основ на детскиот и додатокот за образование на семејствата со минимален и гарантиран приход.

Бидејќи во ветувањето на СДСМ се наведува дека програмата ќе се спроведува во две фази започнувајќи од 2018 година, а бидејќи станува збор за заокружен и сеопфатен план кој веќе е преточен во драфт-закон, имајќи и предвид дека има обезбедено и пресметано и колку ќе чини, како и намерата да стапи во сила на 1.01.2019 година, практично за четири месеци, ова предизборно ветување, иако е со мало задоцнување и иако е на почеток на реализација, го оценуваме дека е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.