Ромевски против Ромевски: Прогностичкиот модел не го бива!

 

Оливер Ромевски, директор на Управата за хидро-метеоролошки работи, еден ден по катастрофалните поплави што го зафатија скопскиот регион даде изјава во која наведува дека тоа што се случило со дождовните облаци било феномен и не можело да се прогнозира. И во следните денови даваше изјави за кои сметаме дека не одговараат на вистината. Еве дел од изјавите:

Се случи еден феномен, кој што придонесе катастрофата…Јас сум потресен да ви кажам, во момент на дување на 70 км на час на ветерот за кој што бевте свесни, атмосферската нестабилна маса застана. Буквално застана на место и почна да истура огромно количество, буквално една бомба на таа територија. На Зајчев Рид измеривме 95 литри, а еве го податокот кој што вели дека во Петровец имало само 5 литри. Значи буквално просторот го загради, природата си го направи своето…Овој влажен воздушен бран ќе следи и денеска во попладневните часови. Се работи за многу нестабилна воздушна маса која не може да се прогнозира – (Нова и Телма)

Природата е прилично непредвидлива, како што знаете. Се она што се следи, во рамките на процедурата – како што УХМР ги следи овие геофизички појави – постојат одредени рамки во кои што системите апаратурата, техниката го дозволуваат…Но, природата во одредени моменти знае да направи одредени ситуации кои што излегуваат од тие рамки. Фактички се логични, но се непредвидливи. Токму таква работа му се случи на Скопје…еден природен феномен каде што човекот е немоќен (Од 0 до 2,25 минута)…Она што можам одговорно да го тврдам и да го кажам, е дека системот во Управата за ХМР, ги алармираше граѓаните почнувајќи од 03.08.2016 – (Канал 77)

[Извори: ТВ Нова; и ТВ Телма, Датум: 07.08.2016 и  Канал 77, Датум: 10.08.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Природната несреќа што му се случи на Скопје, поплавата во која загинаа 22 лица и е нанесена огромна материјална штета, е предизвикана од обилни врнежи на дожд што се случија во микрорегионот на 06.08.2016  година. Речиси е неспорно, бидејќи има неподелено мислење меѓу експертите, дека последиците од несреќата и во степенот на загуба на луѓето и во материјална смисла, можеле да бидат многу помали доколку постоел интегрален систем на превенција од поплави, меѓу кои, пошумување на голините, систем на одржувани одводни канали што би спречиле собирање на толкаво количество вода (имаше изјави дека вкупното количество вода било до 5 милиони кубни). Во овој систем на превенција спаѓа и идентификацијата и јавувањето за непосредната опасност, што е регулирано со Законот за заштита и спасување (член 5), а една од задолжените институции е и Управата за хидрометеролошки работи на РМ.

Директорот на оваа Управа и дел од вработените, неколку пати даваа изјави во јавноста дека УХМР дала соодветно предупредување уште неколку дена претходно, дека и на денот на несреќата издала прогноза дека претстои невреме со засилен ветер и врнежи од дожд, но дека не можела да го предвиди количеството на дожд, дека станува збор за феномен и дека тоа не го виделе ни на метео-радарот на Ѓуриште ниту пак,  тоа им го покажале нивните прогностички модели.

Ваквите изјави на Ромевски ( и на дел од вработените во Управата), ги сметаме за невистина, а еве и зошто. Точно е, дека природата е непредвидлива и точно е, дека Управат издава прогнози. Но, исто така е точно, дека прогнозите се прават врз низа параметри кои потоа се обработуваат во разни математички модели, што на крај ни даваат прилично точни предвидувања за времето и за водите. Кои модели ги користи УХМР не ѝ е познато на пошироката јавност, иако еден од вработените во изјава за јавноста рече дека тоа биле европски модели што ги користеле и други земји. И токму тука, доаѓаме до аргументот врз кој ја засноваме невистинитоста на изјавата на Ромевски во делот за можноста за прогнозирање на „феноменот“.

Всушност, самиот Оливер Ромевски во една од подоцнежните изјави, го спори моделот што го користи УХМР. Имено, во одговор упатен до уредникот на „Слободен Печат“ Бранко Героски, Оливер Ромевски расправа за тоа какви се реформи спровел во УХМР во 2015 и 2016 година, за на крај да поентира:

Се надевам дека вашиот директор од СДСМ, кога ќе дојдете на власт, ќе сработи повеќе, и евентуално подобро ќе ги следи протоколите и процедурите, затоа што овој модел што го користиме во УХМР го купил ваш директор во 2005 година и колку го бива се виде за голема жал на 6-ти.

Но, покрај оваа изјава на Ромевски, ние во нашата оценка поаѓаме и од друга изјава дадена од одговорно и стручно лице во УХМР. Станува збор за Васко Стојов, раководител на секторот за Хидрлогија при УХМР. Во анализата потпишана од него со наслов Зошто настанаа поплавите во Скопје, Стојов пишува:

Дали можеше да се спречи оваа катастрофа?

Не, ама можеше да се ублажи. Како? Со нормално одржување на каналските системи и речната мрежа, со чисти и слободни профили за истекување на водите, со изградба на ретензиони простори, но и со рана најава и аларм.

Најавата ја прави УХМР, а алармот (Центарот за управување со кризи – ЦУК). За рана најава УХМР се служи со светски познатите и признаени модели, но дополнително за потврда на овие модели потребен е јак мониторинг систем на водите и врнежите (хидрометеоролошкиот мониторинг).

УХМР најави поројни врнежи, но овојпат прогностичките модели потфрлија и не дадоа прогноза со екстремни големини. Овие облаци кои предизвикува јаки врнежи во скопско не беа опфатени со Aладин прогностичкиот модел.

Дополнително, Стојов објаснува дека УХМР, иако прави напори за постојан мониторинг, се соочува со работи кои ја отежнуваат нејзината функција:

Иако УХМР прави крајни напори да одржи нормален мониторинг, сепак веќе години наназад функционирањето на хидрометеоролошката служба во РМ е доведена на многу ниско ниво.Секоја година буџетот е сѐ помал и помал, се отплаќаат старите долгови за комуналии, нема средства за одржување на станиците, нема пари за нова опрема за мерење за нови станици. При секое заминување во пензија нема вработување за пополнување на работното место, по секоја поплава се ветуваат нови вработувања, но за жал ништо од тоа. Потребно е активирање на нови технологии, но потребно е одржување на целиот мониторинг систем. Дел од овој систем се состои и од набљудувачи за мерење на ниво на вода и паднати врнежи, тоа се обични граѓани ангажирани од УХМР да вршат мерење на овие податоци и за тоа земаат минаимална финансиска надокнада – оваа надокнада не е сменета 20 години.

Имаме децидно признание дека прогностичките модели што ги користи УХМР потфрлиле да предвидат непогода од екстремни размери, вклучувајќи ја пред се количината на дожд што може да падне, а тука е споменато и дека податоците не биле обработени со моделот Аладин.

Аладин е нумерички модел со висока дефиниција кој е развиен во последните две децении од АЛАДИН конзорциумот, од страна на експерти од 16 земји, а под раководство на Француската национална институција за метеорологија и кој генерално во пракса добива позитивни оценки, а ние за потребите од овој текст ги прочитавме наодите на хрватските и на бугарските експерти.

Поради овие аргументи наведени погоре, изјавата на Ромевски за неможноста за прогнозирање на екстремното невреме со веројатност од катастрофични размери, ја сметаме за невистинита. Вистина е само дека УХМР не успеала да ја прогнозира, а не и дека е невозможно да се прогнозира. Делумните причини за тоа ги наведува и самиот Ромевски, кој изрази сомневање во моделот што го користат, и Стојов, кој наведува повеќе причини зошто немало рано јавување и аларм.

 

Оценил: Teофил Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *