Седниците на Судскиот совет не се затворени за јавност

Фото: pravda.gov.mk

  

Министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска, која е член по функција на Судскиот совет, на 21 септември, по повод формирањето на Судско медиумскиот совет даде изјава која се однесува на јавност во работењето на Судскиот совет, а која ја оценуваме како невистина.

Дескоска вели дека со донесените закони за Судови и за Судски совет се елиминира тајноста на постапките, која наместо исклучок станала правило:

Имено, обврската за јавност на седниците на Судскиот совет беше занемарена и исклучокот за тајност на седниците се воведе како правило. Со последните измени на Законот за судскиот совет на Република Македонија овој недостаток е надминат со законското решение за јавно образложување на причините за исклучување на јавноста од седницата на Советот- изјави Тренеска Дескоска, министер за правда. 

 [Извор: Веб-страница на Министерство за правда (соопштение), датум: 21.09.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Членот 33, од Законот за Судски совет на РМ и Член 10 од Деловник за работа на Судскиот совет на РМ, ја гарантираат јавноста на седниците: Во нив се вели дека:

Седниците на Советот се јавни.

Предвиден е исклучок кој дава можност јавноста да биде исклучена од седница на Судскиот совет, само со Одлука на Советот „заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија“.

Во пракса, јавноста на работата на Судскиот совет е обезбедена на следниов начин:

  • пред одржување на седницата најмалку 1 до 7 дена претходно на веб-страницата на Советот се објавува Дневниот ред за седницата, со часот и местото на одржување
  • на седниците на Судскиот совет можат да присуствуваат новинарите и заинтересирани странки и да ја следат работата на Судскиот совет, вклучувајќи го и гласањето при избори и разрешување на судии, по расправа по претставки и сл.
  • на седниците, како заинтересираи странки, во својство на јавност можат да присуствуваат и граѓани, подносители на претставки за работа на судиите и претседателите на судовите

Доколку на седницата се разгледува прашање за дисциплинска одговорност/разрешување на судија или поведување на постапка, или пак, се решава по приговор за оценка на судијата или приговор против времено упатување на судија од еден во друг суд, за кои постапката е тајна според Закон, јавноста се исклучува само во тој дел, а по завршување на расправата по точката која не е јавна, присутната јавност повторно се повикува во салата за седници.

По завршување на седницата, на веб-страницата се објавува соопштение во кое е наведено што одлучил Советот на седницата. Соопштението се објавува во релативно кратко време по завршување на седницата.

Пример 1:Соопштение од 284-та седница одржана на ден 18.09.2018 година

Пример 2: Соопштение (најава) за 282-та седница на Судски совет на РМ – 19.07.2018 година, каде што е наведено дека една од точките на дневен ред не е јавна и во тој дел јавноста ќе биде исклучена.

Дека во изминатиот период била обезбедена формата на „јавност“ на седниците на Судскиот совет, покажува и Анализата на Институтот за човекови права од Скопје, кој во рамки на проектот: Резиме на работата на Судскиот совет на РМ – Tранспарентност, отчетност и ефективност на работењето на Судскиот совет на РМ, спроведен во периодот 2016-2018 година:

Период ноември 2016 г. – февруари 2018 г. :

• Седниците на Судскиот совет, во периодот на мониторингот, беа отворени за јавноста, освен во случаите кога се одлучуваше по Барања за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, како и при редовно или вонредно оценување на судиите и претседателите на судовите;

• Во еден случај, иако од претседател на суд беше побарано вонредното оценувањето да биде јавно, Судскиот совет не дозволи јавност на седницата, образложувајки дека јавноста во постапката за оценување на судиите не е јавна заради заштита на угледот на судијата и од тие причини ССРМ не дозволува јавност на таа постапка, иако судијата побарал јавност;

• Соопштенијата за закажани седници редовно се објавуваат на интернет страницата www.sud.mk во делот „Судски совет“;

• Одлуките за избор на судии и претседатели на судови се објавуваат на веб-страницата;

• Веб-страницата ги содржи сите полиња и изгледа прегледно, но не е лесна за пребарување и информациите од претходната веб-страна не се целосно префрлени;

Соопштенијатата за јавност претежно се однесуваат на известување за одржана седница и на известувања од одржана седница, службени состаноци и на учество на меѓународни конференции и форуми на членовите на ССРМ и слично. Во своите годишни извештаи за работа Судскиот совет истакнува дека „особено води сметка за транспарентноста и јавноста при реализацијата на активностите од надлежност на Советот, како и градење професионален однос во остварувањето на комуникацијата со јавноста…“

Со оглед дека тајноста на седниците, според закон, е единсвено предвидена поради заштита на интегритетот и угледот на судијата кој се оценува, исклучувањето на јавноста, во случаи кога самиот судија бара јавност на постапката, треба да се преиспита, бидејќи со обезбедување на јавноста Судскиот совет би бил заштитен од шпекулации, а јавноста би била сведок на професионалното работење на ССРМ. Обезбедување на транспарентноста, освен отвореност на седниците и редовно ажурирање на интернет страницата, вклучува проактивно информирање на јавноста за прашања кои се од клучно значење за обезбедување на независноста – се констатира во Анализата на Институтот за човекови права од Скопје.

Од наведените примери, јасно произлегува дека седниците на Судскиот совет биле отворени за јавност, а тајноста во постапките била исклучок, а не правило како што тврди министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.

Оттука, нејзината изјава, цитирана на почетокот на текстот ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Оценил: Саше Димовски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.