Што имаат заедничко лубрикантите и јаболката?

Фото: vmro-dpmne.org.mk

 

Пратеникот Димитар Стевананџија во тв дебата даде недоследна изјава:

Еден лубрикант во Република Македонија чини 415 денари. За 415 денари во овој момент во Ресен можат да се купат 830 килограми јаболка. 830 килограми јаболка за еден лубрикант, појаснува Димитар Стевананџија при гостување во емисијата „Само Вистина“

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб-сајт – датум, 06.11.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија, обидувајќи се да докаже дека Владата предводена од СДСМ нема никаков економски успех и дека парите ги троши на погрешно место, во тв дебатата во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, даде недоследна изјава поврзана со цената на јаболката.

Тврдењето на Стевананџија е едноставно недоследно и еден вид извртена вистина, зашто споредува работи кои не се споредливи или народски кажано „баби и жаби“.

Имено Стевананџија се обиде преку цената на јаболката, преку долговите што ги имаат вработените во „Еурокомпозит“, преку кризата со која се соочуваат земјоделците што се занимаваат со одгледување на ориз и слично, да докаже дека Владата се расфрла со над еден милион евра кои би можела да ги употреби за поинакви и покорисни цели.

Но, бидејќи споредува неспоредливи нешта, Стевананџија заборава да каже дека целата работа е што лубрикантите се составен дел од Програмата за заштита на населението од ХИВ, што Министерството за здравство ја спроведува во соработка со невладините организации со години.

„Аферата“ излезе на површина на почетокот на октомври годинава кога редакцијата на Економски лидер излезе со документ за јавна набавка на лубриканти. Владата се обиде да објасни, но најдоброто објаснување го дадоа националната координаторка за борба против ХИВ/СИДА др. Милена Стефановиќ и Платформата за одржливост на програмите за превенција на ХИВ/СИДА.

Суштината на нивните искази е дека лубрикантите се делат со години и тоа според светски препораки, заедно со кондомите во обид да се превенира ширењето на вирусот и на болеста. Единствената разлика е што наместо што досега тоа го плаќаа странци од донации, преку Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза, сега го покрива Владата.

Покрај тоа, сумата од над еден милион евра е за целата низа активности и материјални трошоци во Програмата, а не за лубриканти.

Поради сето погоре наведено, изјавата на Димитар Стевананџија, пратеник во Собранието на РМ, најблаго речено е недоследна, покрај што е и извртување на вистината.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.