Со помали глоби „поуспешно“ против корупцијата

Фото: freepek.es

Целосно новиот главен антикорупциски закон, и покрај значителните измени на подобро во однос на досегашниот, е со вградени фалинки добиени при последната амандманска расправа, особено во делот политички партии и незаконско финансирање. Зачудува и генерално намалената прекршочна политика, со значително помали суми за прекршоци од овој закон

 

 

Целосно новиот главен антикорупциски закон, и покрај значителните измени на подобро во однос на досегашниот, е со вградени фалинки добиени при последната амандманска расправа, особено во делот политички партии и незаконско финансирање. Зачудува и генерално намалената прекршочна политика, со значително помали суми за прекршоци од овој закон

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Собранието на Република Македонија на 17.01.2019 година со 81 глас за го донесе сосема новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси, кој, иако на прв поглед драматично ги зголемува овластувањата на идните антикорупционери, во старт беше „затапен“ со прифаќањето на добар дел од амандамните на опозицијата.

Ќе направиме кус преглед на дел од амандманите кои значително го менуваат текстот на предлогот што првично го изготви Владата на РМ и за кој се расправаше во матичните комисии, а за кои до вчера опозицијата тврдеше дека се во согласност со препораките од ГРЕКО. „Вистиномер“ веќе направи мал преглед на препораките од ГРЕКО, при што се заклучува дека освен една – бројот на членови на Антикорупциската комисија да биде пет наместо седум, ниту една друга не се наоѓаше во предлогот на опозицијата, а по вчерашното гласање станува јасно дека и таа препорака на ГРЕКО не е прифатена.

За да може јавноста и сама да направи споредба, на следниот линк ги имате претходно предложениот и усвоениот закон. Усвоениот е означен како Дополнет предлог II, a веднаш под него со ознака Целосен текст на материјалот, е предлогот на Владата без последните усвоени амандмани.

 

ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА СО НАМАЛЕНИ ГЛОБИ

Ќе започнеме од крајот – Прекршочните одредби сместени во Глава IX од законот. Овој пат не станува збор за споредба на решението на текстот со амандамни и без амандамните, бидејќи во нив нема разлика, туку споредба со досегашното законско решение. И веднаш се гледа дека глобите за веќе постоечките прекршоци, но и за новите се значително намалени во споредба со претходното решение.

На пример, санкцијата за непријавување на имот и на судир на интереси по стапувањето на функцијата, за време на функцијата или ако има промени, досега изнесуваше од 500 до 1000 евра во денарска противредност (член 63 од стариот закон). Сега законодавецот во новиот закон, член 109, за неисполнување на ваквата обврска предвидел изрекување глоба во висина од 300 до 500 евра!

Такви се и сите останати глоби. На пример, во членот 101 од новиот закон пишува дека на финансиска институција ќе ѝ се изрече глоба од 1.000 евра, доколку до Државната комисија не ги достави бараните податоци во рок од 15 дена. Што значат 1.000 евра за некоја од банките во РМ, макар и најмалата, па дури и за штедилница, макар и најмалата, јавноста може сама да извлече заклучок.

Само како пример, ГРЕКО, иако директно го нема наведено зголемувањето на казните, има наведено во последниот четврт круг на евалуација токму за непријаввање на анкетен лист на пратеници по нивното заминување од мандатот, дека казните би требало да бидат одвраќачки.

ГРЕКО потсетува дека Извештајот за евалуација, исто така, забележал оти одредени санкции не се доволно разубедувачки или дека оние санкции што се наметнати во пракса, понекогаш се значително пониски од она што законот го пропишува. (Стр.7, точка 29).

 

ФИНАСИРАЊЕТО НА ПАРТИИТЕ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА СОБРАНИЕТО

Една од посилните страни на новиот закон требаше да биде контролата врз финансирањето на политичките партии, особено за време на изборните кампањи. И навистина, вградени се повеќе членови кои ѝ даваат на Државната комисија такви овластувања. Но, во истовреме, со амандамните усвоени од власта, а предложени од опозицијата, ваквите ингеренции на Комисијата истовремено се подзатвораат, исто како што се подзатвора граѓанското пријавување на корупција или незаконско пријавување за време на изборни кампањи.

Во Член 31, став еден и став три направени се такви измени. На пример, во владиното решение пред амандманите стоеше дека во случај на сомневање околу финансирање на политичка партија, ДКСК по сопствена иницијатива или по иницијатива на кое било физичко или правно лице може да покрене постапка за испитување на финансирањето.

Во новото амандманско решение стои формулацијата дека во случај на сомневање, постапка може да се донесе по сопствена иницијатива или по иницијатива од  државни органи, политички партии или здруженија и фондации кои работат во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување

Во став три од истиот член, ДКСК е должна во рок од 60 дена да ја заврши постапката!? Ова решение е со амандамните на опозицијата, што власта ги прифати. Патем, за да го дознае значењето на оваа формулација, јавноста може да направи споредба со случајот „Талир“, на Специјалното јавно обвинителство, кое за предвидени 18 а не два месеци, не успеа да го подигне на ниво на обвинителен акт на 30 јуни 2017 година, туку тоа му успеа повеќе месеци отпосле. А со овој став три од членот 31, од ДКСК се очекува во рок од два месеци да ја заврши постапката.

Уште еден член поврзан со политичките партии е видоизменет значително. Имено, ДКСК со членот 32 имаше обврска во став 10 најдоцна три месеци по изборите да достави до Собранието посебен извештај за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања.

Со амандман на опозицијата, прифатен од власта, сега оваа формулација гласи: …до Собранието на Република Македонија доставува на разгледување посебен извештај за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања.

Законодавецот имал потреба со амандман да нагласи дека посебниот извештај е доставен на разгледување, што упатува на истата судбина на досегашните извештаи на Државниот завод за ревизија. Собранието некогаш ги разгледуваше, некогаш не.

* * *

Со овие измени и покрај значително зголемените надлежности на новите членови на Комисијата, зголемената транспарентност при нивниот избор, а особено поврзувањето на ДКСК со базите на податоци во РМ, намалени се можностите на Комисијата да биде поефикасна во спречувањето на корупцијата или во откривањето на судирот на интереси. Особено неразбирливи се намалувањњто на глобите во прекршочниот дел од законот, кои секако нема да делуваат на дестимулација на корупцијата и поголема ефикасност за нејзиното октривање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.