Соседите не ни се виновни за енормното загадување во Општина Карпош

Општина Карпош со паушални изјави за енормното загадување на 05.02.2017, Фото: Преземено од веб на Општина Карпош

Според резултатите од истражувањето на Финскиот институт за метеорологија и Австриската агенција за животна средина, а по барање на Градот Скопје, прекуграничниот пренос на загадувачки супстанци придонесува со 2 проценти на загадувањето во Скопје.

 

 

На 05.02.2017 мерната станица во Oпштина Карпош регистрираше екстремно загадување на воздухот со ПМ10  честички од oколу 1.218 мг/м3, кое е 24 пати поголемо од дозволените гранични вредности. Овој степен на загадување беше значително повисок од претходните денови кога загадувањето во општината беше четири до десет пати повисоко од дозволениот максимум. Како објаснување на оваа состојба, Oпштина Карпош на 06.02.2017 на својата веб – страница објави дека високата концентрација на ПМ10 честички најверојанто се должи на „Oблак од смог долж Качанички пат”. Ова е дел од изјавата:

Според дојавите и снимки од жители на Карпош, во периодот кога имало најголемо загадување, од повисоките места во Карпош (кај манастирот Св. Пантелејмон) е забележан облак кој се движи долж течението на реката Лепенец кон Карпош. Поточно, според нивните кажувања, најверојатно станува збор за ПМ честички кои се нуспроизвод од изработка на градежни материјали,  а токму во тој дел кај Качанички пат се наоѓа најголемата цементарница на соседно Косово, но и други помали индустриски капацитети за произвидство на гипс и други градежни материјали. 

[ИзворОпштина Карпош, датум: 06.02.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава ја оценуваме како недоследна, а еве и зошто.

Во изјавата на Oпштината, која се повикува на дојави и снимки од жители на Карпош“, се посочува дека високата концентрација на ПМ10 честички на 05.02.2017 се должи на индустриските капацитети од соседно Косово. Во прилог на изјавата  се објавени и слики како своевиден „доказ“ дека  „облакот кој се движи долж течението на реката Лепенец”  е причина за загадувањето.

Доколку се погледнат извештаите од последните месеци за концентрација на ПМ10 честички во воздухот, се согледува дека Карпош е една од најзагадените општини во градот. За отровните честички ПМ 10, во текот на целата година е дозволено само 35 пати/денови да се надмине границата од 50 микрограми на метар кубен, што не е случај во Општина Карпош.

Загадување во Општина Карпош на 05.02.2017, Извор: Mинистерство за животна средина и просторно планирање
Загадување во Општина Карпош на 05.02.2017, Извор: Mинистерство за животна средина и просторно планирање

Според резултатите од истражувањето (објавено на 16.12.2016) на Финскиот институт за метеорологија и Австриската агенција за животна средина, направено по барање на Градот Скопје, прекуграничниот пренос на загадувачки супстанци придонесува со 2 проценти на загадувањето во Скопје. Истражувањето покажува дека најголеми загадувачи во градот  се загревањето во домакинствата (32 проценти), сообраќајот (20 проценти), прашината создадена од неуредни површини, уличната и прашината од градежните активности (19 проценти), индустријата (18 проценти), сулфат соли (7 проценти)  и нитратни соли  (2 проценти).

Овие податоци потврдуваат дека веројатноста загадувањето да биде предизвикано од соседно Косово е минимална и дека е многу поверојатно загадувањето да се должи на локални причинители. Изминативе години со промена на урбанистичките планови во Општина Карпош се случува вистинска градежна инвазија на сметка на зелените површини. Со деталниот урбанистички план за Карпош 4 се предвидува изградба на повеќе станбени и деловни објекти, надземни и подземни паркиралишта, а на сметка на зеленилото во општината. Жителите на Карпош реагираат дека ваквите трендови во голема мера влијаат на загадувањето на Општината.

За можноста загадувањето во Општина Карпош да биде предизвикано од „Oблак од смог долж качанички пат”, стручно мислење побаравме од Марија Ѓорчева, инженер за животна средина и автор на студија за аерозагадувањето во Скопје, која вели дека за да се определат точно изворите на загадување неопходна е хемиска анализа, додека „визуелното следењето на облак“, како единствена метода не е сигурен показател. Еве го мислењето на Ѓорчева:

ПМ честички може да бидат емитирани од голем број извори, природни (вулкани, ерозија, песочни бури) и антропогени (електрани, индустриски капацитети, сообраќај, согорување на јаглен, согорување на дрва, согорување на отпад, градежни активности, пожари). Потеклото на ПМ честитките може да се одреди преку хемиска анализа на составот на честичките. Со оглед на тоа дека соединеннијата со тек на време може да се променат, важно е навремено земање на примероци од воздухот. Визуелно следење на облак може да дополни претходни хемиски анализи, но како единствена метода за одредување на извори на загадување не е сигурна. – Марија Ѓорчева за „Вистиномер“

Го консултиравме и метеорологот Славчо Попоски. Според негово мислење, причинители на загадувањетo биле повеќе фактори како: затоплување во домаќинствата, сообраќајот и високиот воздушен притисок. Но, единствен причинител, како што изјави Попоски, не може да бидат индустриските капацитети од соседната земја:

Во Скопје има висок воздушен притисок, фреквентен сообраќај и затоплување на домакинствата со нееколошки матерјали. Сите овие фактори придонесуваат кон висок степен на загадување, но само влијанието од градежните матерјали од Косово, секако дека не може да биде единствена причина. – Изјави Славчо Попоски за „Вистиномер“

Реакција на изјавата на Општина Карпош имаше и од Душко Весковски, претседател на ОО СДСМ Карпош:

Јакимовски и неговите соработници од ВМРО-ДПМНЕ го нарушуваат здравјето на граѓаните во општина Карпош за бизнис интереси! Уништија голем број зелени површини и паркови и неплански подигнаа градби, со што ја спречија природната циркулација на воздухот. Затоа општина Карпош стана најзагадена општина во Скопје, со високи концентрации на опасните ПМ10 честички, коишто се качија до 25 пати над максималното дозволено ниво. Граѓаните во Карпош со право реагираат и се загрижени за себе и децата“, изјави Весковски.

Во врска со споменатата објава од Општина Карпош (дека високиот степен на загадување во Општината на 05.02.2017 година, најверојатно, се должи на облак од смог долж Качанички пат), „Вистиномер“ се обрати до Општината и побара повеќе информации на што се темели овој став? Дали има анализа, истражување или мислење на стручно лице врз основа на кое се темели оваа објава?

Добивме одговор дека и покрај тоа што имаат сознанија (од граѓани) дека загадувањето се должи на фирми долж Качанички пат кои произведуваат градежни матерјали, сепак  да побараме стручно мислење од Министерство за животна средина.

Сознанијата за облакот кој беше видлив и со голо око ги добивме од неколкумина жители од Општина Карпош, кои ни приложија и фотографии од можниот извор на загадување. И покрај тоа што ние имаме сознанија дека во непосредна близина на Качанички пат има повеќе фирми кои произведуваат градежни материјали и голема цементарница, сепак надлежно за контрола на големите капацитети е Министерството за животна средина и евентуалните мерења и наоди од загадувањето може да ги добиете само таму. Тие може да ја потврдат или негираат информацијата врз основа на стручни анализи и мерења. (Општина Карпош)

Се обративме и до Министерство за животна средина и просторно планирање, како надлежна институција за мерење и контрола на аерозагадувањето и побаравме нивно стручно мислење за причините за високото загадување во Општина Карпош . До датумот на објавување на текстот (10.02.2017), не добивме одговор од Министерството.

Имајќи ги предвид изјавите на експертите, фактот дека изјавата на Општина Карпош не е базирана на анализа или стручно мислење, истражувањата кои покажуваат дека прекуграничниот пренос на загадувачки супстанци е најмал причинител на загадувањето, горенаведената изјава ја оценуваме како недоследна.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција