Судбината на „бомбите“ во понатамошната судска постапка

„Бомби“ за јавноста, „неподобни“ за судот. Фото: Призма/БИРН

Што сè може да се случи со прислушуваните разговори на опозицијата и каков статус имаат тие во понатамошната судска постапка во ситуација кога од страна на судот се изземени како докази.

 

Што сè може да се случи со прислушуваните разговори на опозицијата и каков статус имаат тие во понатамошната судска постапка во ситуација кога од страна на судот се изземени како докази.

 

Пишува: Александра Денковска

 

Се приближува рокот кога Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да ги поднесе и првите обвиненија за случаите кои ги презема. Таа денеска во изјава за медиумите рече дека специјалното обвинителство ќе го запази рокот за покренување обвинение, а тоа е 15 март. Што ќе се случува со „бомбите“, дали тие ќе бидат признаени како докази, што нема да може, а што од прислушуваните разговори, кои ги објавуваше лидерот на опозицијата во текот на минатата година, ќе може да се користи во понатамошната судска процедура.

Моментално, изземените докази за кривичните пријави кои ги поднесе опозициската СДСМ против владините функционери се чуваат кај судијата на претходна постапка, одвоени од другите прибавени докази и не можат да се разгледуваат, ниту, пак, да се користат во истражната постапка, затоа што така е предвидено во став 2 од членот 93 на Законот за кривична постапка.

Според овој закон, изземените докази нема да можат да се користат само во истражна постапка, а откако специјалното јавно обвинителство ќе поднесе обвинение, советот за оцена на обвинителниот акт ќе може да одлучува дали доказите ќе можат да се употребуваат во судската постапка.

Во членот 93 од ЗКП пишува:

Кога во овој закон е определено дека врз некој доказ не може да се заснова судската одлука, судијата на претходната постапка, по службена должност или по предлог на странките, ќе донесе решение за издвојување на тој доказ од списите, најдоцна до завршувањето на истражната постапка. По подигањето на обвинителниот акт, решение за издвојување на доказ донесува советот за оцена на обвинителниот акт. Против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд.

Ваков став има и професорката Мирјана Најчевска, која вели дека за секој доказ во понатамошната постапка ќе треба одново да се одлучува. Таа уште на почетокот, кога судот ги иззеде прислушуваните разговори како докази, рече дека можеби нема да биде доволно да се формира Специјално јавно обвинителство за да се реши скандалот со прислушувањето  и кривичните дела кои произлегоа од нив, затоа што најголем проблем е партизираното судство.

Дали формирањето на специјално обвинителство ќе биде доволно. Дури и според извештајот на Рајнхард Прибе, судството е проблематично, партиско и политизирано. Јавниот обвинител може да покрене обвинение по индиција или чуен глас, но мислам дека во секој случај, ќе треба одново да се одлучува дали „бомбите“ ќе можат или нема да можат да се користат во понатамошната судска постапка – вели Најчевска.

Слично размислување има и адвокатот Александар Георгиев, кој вели дека е премногу рано да се говори за тоа што понатаму ќе се случува со прислушуваните разговори. Тој вели дека одлуката на судот да ги изземе доказите уште во предистражна постапка е преседан.

Сè уште е многу рано за да се каже што ќе се случува со снимките и дали ќе бидат признаени како докази. Сè уште нема ни обвинение. Од овие причини сметам дека тоа што судот го направи пред неколку месеци, издвојувајќи ги бомбите како доказ, беше вистински преседан. Ги издвоија бомбите како докази уште во предистражна постапка – вели Георгиев.

Основниот суд Скопје 1 повикувајќи се на членовите 12 и 93 од Законот за кривична постапка, на 1. септември, денот кога почна да се спроведуваа Договорот од Пржино и опозицијата се врати во Собрание, на барање на адвокатот на повеќе функционери, Никола Додовски, судот ги иззеде прислушуваните разговори од доказниот материјал.

Член 12 став 2 од ЗКП вели:

Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Откако судот го донесе решението за изземање на доказите, Јавното обвинителство одлуката ја обжали на Апелациониот суд, но тој се прогласи ненадлежен и повторно за бомбите одлучуваше Основниот суд 1, односно неговиот Кривичен совет.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на денешната седница донесе решение со кое жалбите на ОЈО – Скопје против решенијата на судија на претходна постапка за издвојување на доказите од списите на предмети на обвинителството се одбиваат како неосновани и решенијата на судија на претходна постапка со кои се издвојуваат докази – аудио записи од телефонски разговори и транскрипти од истите се потврдуваат, пишуваше во соопштението на Судот.

Експертите уште вечерта, кога судот ја објави одлуката на својата интернет страница, излегоа со реакции. Поголемиот дел оваа одлука на судот е дека таа е неоснована и крши членови од ЗКП.

На пример, Хелсиншки комитет брзо по одлуката на судот излезе со реакција во која се вели дека судијата на претходна постапка вмешал прсти во работата на Јавното обвинителство, затоа што според член 294 од ЗКП надлежноста на судијата на претходна постапка почнува во истражната постапка.

Реакција за доказите имаше и професорот Гордан Калајџиев. Тој уште тогаш предупреди дека судот прави саботажа на Специјалниот јавен обвинител, кој треба да се занимава и да ги расчистува случаите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Тој додаде и дека одлуката на судот е и попречување на правдата, за која еден ден некој ќе треба да одговара.

За волја на вистината, знаевме дека ќе ја спорат законитоста на доказите од разговорите, но дека ќе ги издвојат уште пред да се истражи случајот, а и да се попречува истрагата за тоа кој снимал незаконито, е кривично дело против правосудството, изјави Калајџиев за телевизијата „24 Вести“.

Според него, судијата не е надлежен во предистражна постапка, бидејќи неговата надлежност е изрична само во делот на истражна постапка според член 294 од ЗКП.

 

ИЗВОРИ: 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар