Сугарески со кратко паметење – СДСМ вети изградба на 600 километри автопати

Сугарески во гостувањето на 1ТВ, 04.05.2018 Фото: Пртинтскрин

Министертот за транспорт и врски, Гуран Сугарески, во неговото последно интервју на 1ТВ, одговарајќи на прашањето на новинарот: „Премиерот Заев вети дека Македонија ќе се заокружи со 600 километри автопат, до каде сме на тоа поле?“, негираше дека неговата партија – СДСМ на последните парламентарни избори во 2016 година ветила 600 километри автопатишта и тврдеше дека таа бројка се однесува на изградба на автопати, експресни патишта, магистрални, регионални и локални патишта. Оваа негова изјава ја сметаме за невистинита

 

На 04.05.2018 година министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во  гостувањето во „Студио 1“ на 1ТВ, ја искажа следната невистина:

Значи одма на почеток сакам да кажам дека 600 километри автопат, ако ја погледнете изборната програма и на СДСМ и на Владата  на РМ,  не стои дека се 600 километри автопат. Тоа подразбира, значи, покрај автопатите, изградба и на регионални, експресни и магистрални патишта. Тезата што се обидуваат да ја нафрлат дека некој некаде ветил 600 километри автопат е мислам апсолутно погрешна…  

[Извор: 1ТВ (од 0,29 до 0,53 минута од  видеото), датум: 04.03.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министертот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во неговото последно интервју на 1ТВ, одговарајќи на  прашањето на новинарот: „Премиерот Заев вети дека Македонија ќе се заокружи со 600 километри автопат,  до каде сме на тоа поле?“, (0.02  до 0,28 минутоа од видеото), негираше дека неговата партија – СДСМ на последните парламентарни избори во 2016 година ветила 600 километри автопатишта и тврдеше дека таа бројка се однесува на изградба на автопати, експресни патишта, магистрални, регионални и локални патишта. Оваа негова изјава ја сметаме за невистинита.

Сугарески во интервјуто уште кажа и дека „изградбата на 600 километри автопат“ е, всушност, „теза на опозицијата и на оние кои сакаат нешто да исфабрикуваат и да кажат дека е ова нешто што го ветиле СДСМ и сега Владата на СДСМ не може да го исполни“ ( 0,57 до 1.06 минута од видеото). 

Дека ова што го говори Сугарески не е точно може да се види доколку се погледнат предизборните настапи на СДСМ во 2016 година, изборната програма „План за живот во Македонија“, како и Програмата на Владата (2017 – 2020).

На 07.12.2016 година, само неколку дена пред вонредните парламентарни избори (11.12.2016), претседателот на СДСМ (во тоа време лидер на опозицијата) на прес-конференција во Струмица рече:

Во Планот за живот во Македонија испланиравме нови 600 километри автопати, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта. Само во првите две години ќе вложиме 600 милиони евра за изградба на патишта,  (0.02 до 0.17 минута од видеото)

Во врска со ова изборно ветување во програмата на СДСМ „План за живот во Македонија“, на стр.6 се вели:

Испланиравме 3 милијарди евра за патната инфраструктура. За 10 години планираме нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта.

Фото: Принтскрин Изборна програма на СДСМ
Фото: Принтскрин Изборна програма на СДСМ

 

Истото  е наведено и во Програмата на Владата (2017 – 2020) на стр.40:

Владата ќе усвои план за инвестиции во патната инфраструктура од 3 милијарди евра во следните 10 години со што ќе го зголеми сегашниот финансиски недостиг за одржување на патиштата. Преку овие инвестиции, Владата ќе обезбеди изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта.

Од изјавата на Заев дадена во текот на изборната кампања, како и од напишаното во Изборната програма и во Програмата на Владата предводена од СДСМ, се гледа дека ветувањето се однесува на изградба на автопати, а дополнително се ветуваат уште 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта. Така што, изјавата на министерот за транспорт и врски дека  ветените 600 километри, освен автопати вклучуваат и експресни, магистрални, регионални и лолакни патишта ја оценуваме како невистина.

Инаку, на изјавата на Сугарески реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде ѝ порачаа на СДСМ „да не ја потценува интелегенцијата на граѓаните и нивното паметење“.  Критикувајќи го настапот на Сугарески партискиот потпретседател и поранешен министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, изјави:

Министерот за транспорт и врски, Сугарески без срам пред неколку дена изјавува дека тие не ветиле дека ќе изградат 600 километри автопат, а тоа им беше еден од најважните ветувања во изборите.

Заев во 2016 година вели дека со планот за живот испланирале 600 километри автопат. Тоа го ставиле на хартија како партиска програма, па го преточиле како програма на владата, која Сугаревски потоа ја читаше, а сега соочени со својата неспособност и незнаење да излезат и да ја убедуваат јавноста дека таква работа никогаш не е ветена.

 

Забелешка :„Вистиномер“ во декември минатата година ( 2017)  го анализираше ветувањето на СДСМ дека „за 10 години ќе се изградат нови 600 километри автопатишта, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта“, како преамбициозно и според Методологијата го оцени како недоследно.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.