Суверенoста на граѓаните најдиректно се докажува на референдумско изјаснување

Ѓорге Иванов. Фото: Вебсајт на Претседател на РМ

Суверенитетот на граѓаните најдобро се потврдува со партиципација на референдумското изјаснување, како форма на директно демонстриран суверенитет на луѓето во сопствената држава. Покрај индиректниот, т.е. пренесување на нивната сувереност врз пратениците. Од тука, пораката дека Иванов ќе бојкотира, е всушност порака до граѓаните да се откажат од своето суверено право да одлучуваат

 

Суверенитетот на граѓаните најдобро се потврдува со партиципација на референдумското изјаснување, како форма на директно демонстриран суверенитет на луѓето во сопствената држава. Покрај индиректниот, т.е. пренесување на нивната сувереност врз пратениците. Оттука, пораката дека Иванов ќе бојкотира, е всушност порака до граѓаните да се откажат од своето суверено право да одлучуваат

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија, имаше свое обраќање пред претставници на македонската дијаспора во САД, во кое се детектираат овие две извртени вистини, т.е. спинови:

Спин: Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет.

Во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост.

Спин: Речиси три децении, Грција тврди дека Република Македонија е вештачка творба. Но, вистината е дека токму со оваа спогодба се создава вештачка творба, која не е израз на волјата на македонскиот народ и македонските граѓани. Со спогодбата се создава нов субјект, нова држава која ќе биде анационална.

Наједноставно кажано, последиците од оваа спогодба можат да се сумираат во една реченица. Она што Грчката држава им го направи на Македонците во Грција сега со оваа спогодба сака да им го направи на Македонците во Република Македонија. Да ги обезличи, да ги обезимени, да ги замолкне.

[Извор: Веб страна на Претседател на РМ Ѓорѓ е Иванов, датум: 23.09.2018]

 

 

Контраспин: Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во својот говор пред дел од диајспората во САД, а во организација на Обединетата македонска дијаспора, употреби неколку спинови во врска со референдумот и договорот меѓу Скопје и Атина од Преспа, но тука ќе се задржиме само на два.

 

„ПОЛУСУВЕРЕНА ДРЖАВА“? КАДЕ ЌЕ ЗАМИНЕ СУВЕРЕНИТЕТОТ??

Извртена вистина, т.е. спин е дека со Договорот од Преспа се создава нова полусуверена држава, со нов внатрешно правен и меѓународно правен идентитет. Точно е дека името треба да биде променето во Република Северна Македонија, но тоа нема да го смени ниту внатрешниот, ниту надворешно-правниот идентитет. Тоа е затоа што граѓаните на земјата и натаму можат да се изјаснуваат и се признаваат како Македонци или граѓани на Северна Македонија за оние кои не се поистоветуваат со етничкото значење на зборот.

Исто така, не се менува придавката македонско и изведениците од неа. Така што и во внатрешно-правниот и во меѓународно-правниот поредок, тие придавки ќе може да се употребуваат непречено, исто како што непречено ќе се употребува и македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Впрочем, сето тоа може да се разбере ако се прочита во Спогодбата, а пластично јасно го појасни вчера и еден од креаторите на овој документ, министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Полусувереноста или загубата на суверенитетот, така се чини од неговото излагање, Иванов ја вади од тезата дека граѓаните на РМ не решавале за оваа спогодба, туку решенијата ги донеле политичките елити и тоа „без негово знаење“, што е многу дискутабилно, имајќи предвид спротивни тврдења на други актери во политичкиот врв. И бидејќи е точно дека суверенитетот извира од народот, т.е граѓаните, претседателот Иванов во својот говор едноставно само требаше да потсети дека тој суверенитет е пренесен преку парламентарните избори на народните претставници, т.е. пратениците. Од нив, пак, извираат и другите две власти, извршната и судската, и секоја одлука на едната или на другата во крајна линија повторно е на проверка кај пратенците, т.е. законодавната власт, т.е. Собранието.

Покрај ова, Иванов е сам со себе е во конфликт кога заборава да каже дека друго непосредно демонстрирање на волјата на граѓаните во една демократија е референдумското изјаснување. Со самото тоа што испраќа силна порака до граѓаните дека ќе го бојкотира референдумот, тој свесно влијае и други да бојкотираат, со што ќе си го ускратат правото на непосредно изјаснување, т.е. на т.н. директна непосредна демократија и практикување на нивниот суверенитет. Со директно изјаснување тие можат да кажат што мислат за договорот и дали го прифаќаат или не, како предуслов за влез во евро-атлантските интеграции.

Вака, со пораката дека претседателот ќе го бојкотира изјаснувањето, Иванов повторно се враќа во еден магичен круг за кој се изјаснува дека е против: политичките елити, наместо народот, да го читаат и да го толкуваат договорот.

Токму затоа, ова за полусуверeноста е извртена вистина т.е. спин од страна на претседателот Иванов. Зашто суверенитетот на граѓаните најдобро се потврдува со партиципација на референдумското изјаснување.

 

„АНАЦИОНАЛНА ДРЖАВА“? ЌЕ ГО СНЕМА ЛИ НАЦИОНАЛНОТО ЧУВСТВО?

Вториот спин, речиси и да не заслужува посериозно да се деспинува. Секој граѓанин со малку образование, ако го прочита Договорт ќе разбере дека потенцијално идната Република Северна Македонија воопшто нема да биде анационална држава. Во неа ќе живеат граѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Бугари, Еѓипјани и секој кој како сака ќе може да се изјасни во однос на својата националност. Како и досега, секој ќе може да си го говори сопствениот мајчиниот јазик и да се изјаснува според сопствената волја. Секој граѓанин ќе може да се нарекува, да речеме Македонец, кој има сопствена историја, идентитет, јазик, култура, итн… И тие нема да бидат северномакедонски, ами македонски. Истото важи и за сите други етникуми кои живеат како граѓани во Република Македонија.

Оттука, токму со овој Договор, Грција всушност признава дека Македонија и Македонците не се вештачка творба, туку за прв пат го официјализира за меѓународна употреба (освен за нивна домашна) и македонскиот народ, и македонскиот јазик, и македонскиот идентитет. Со таквото признавање, на Атина ќе ѝ биде сè потешко да ги негира сите значајни пресуди на Судот за човековите права во Стразбур, кои се однесуваат на македонското малцинство во Грција, или, пак, да ги отфрла сите кредибилни извештаи за непризнавањето, било да се на ЕУ, било да се на Високиот комесар за човекови и малцински права на ООН, било да се на силните меѓународни невладини организации кои се занимаваат со ова прашање.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.