Угриновски нема право да крие сознанија за тема од широк јавен интерес

 

Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Јовица Угриновски, настапувајќи во дебата на ТВ24 рече дека трагедијата на Кајмакчалан, во која загинаа двајца млади македонски планинари можела да се спречи, ама како сега немало да каже, што го сметаме за недоследно.

Да (можеше да се спречи несреќата – н.з.). Тоа ( како можело-н.з.), ќе го одговараме понатаму. Да пуштиме сега Јавното обвинителство да си ја заврши својата работа, па после ќе го објавиме (одговорот како можело да се спречи – н.з.).

[Извор: ТВ24 – Анализа 24, датум: 21.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Дебатата во која учествуваше проф. д-р Јовица Угриновски беше посветена на расветлување на околностите во кои загинаа двајца македонски планинари во тура на искачување на врвот на планината Ниџе, Кајмакчалан од грчка страна, при што, ставот на Угриновски, искажан во неговата последна реченица во емисијата, дека несреќата можела да се спречи, ама тој сега нема да каже – е чиста недоследност.

Недоследноста ја лоцираме во три причини. Првата причина е во тоа што во текот на емисијата Угриновски со најубави зборови се изразуваше за водичот на турата Зоран Костадинов, набројувајќи ги неговото искуство и заеднички искачените врвови:

Конкретно, со конкретниот водич јас сум бил на Мон Блан, на Грос Глокнер, на Мрмолада, на Триглав, на Килиманџаро и на Маунт Кенија. Тој е 40 години планинар. (52 мин од дебатата)

Но, со последната реченица, со искажаниот став дека несреќета можела да се спречи, практично алудираше токму на водичот на турата. Зашто претходно не се дискутираше за евентуална друга причина, освен што Угриновски исклучи една: „Времето не е узрочник“ (причинител н.з.) – вели тој.  Не ги нотираше ни обидите на грчките спасувачи. Значи, останува водичот/водичите, од кои едниот е најверојатно жртвата (овој впечаток се стекнува од Извештајот, каде едното лице, Александар, добива наредба од Зоран веднаш да се вратат назад).

 

КОМПЛЕТНА РЕЛАТИВИЗАЦИЈА

Втората причина е тоа што Угриновски ги релативизираше прописите и правилниците пропишани од самата Федерација, вклучувајќи го и издавањето на лиценците за летни и зимски водичи со степени, кои, за да се добијат, како што рече, потребно е слушање и полагање на предмети и дека сето тоа е сериозно знаење и обука. Но, на прашањето дали некој со летна лиценца може да организира зимска тура, Угриновски одговора: „Ако има искуство –ДА!“

Со тезата дека има искусни планинари кои по триесетина години искачуваат планини и врвови, а немаат лиценца и се подобри од оние со лиценца, недоследно ја посочи (не)потребноста од лиценците и од правилата што ги пропишува Федерацијата, па во крајна линија со тоа и потребата од нејзиното постоење (а, за школите и правилата во ФСПМ има и други сериозни обвинувања во јавноста).

Значи, и покрај ваквиот став, релативизација – Угриновски вели несреќата можеше да се спречи. Е, па, ако можела, дали вината е во непочитувањето на прописите и правилниците на Федерацијата или, пак, сето тоа паѓа во вода и не важи ако водичот имал искуство, а тој факт не е спорен.

Како поинаку несреќата можела да се спречи, освен ако не се прекинело искачувањето или воопшто не се организирало поради временските услови? Но, Угриновски го релативизираше и тоа, наведувајќи дека тој кога ќе стапнел на планина носел одлука дали да се искачи или не и дека за него видливост од 150 метри, ветер од 50 км на час и темпратура од -9 степени Целзиусови на стартот не се причини да не се продолжи со искачувањето!? Објаснувањето е посебно интересно – авиони слетуваат на видливост од 150 метри!?

 

ЈАВНОСТА ИМА ПРАВО ДА ЗНАЕ

И конечно, крајната недоследност е фактот што Угриновски шири во јавноста впечаток дека нешто знае повеќе, но дека тоа немало да каже, давајќи му предност на јавниот обвинител!?

Всушност, Угриновски на тоа нема право. Тој е јавна личност и одговорен функционер на еден сојуз – Претседател на Федерација планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), а јавноста има право да знае сè што знае и тој, зашто јавноста има право на вистина околу нешто што е од пошироко општествено значење, особено кога ќе се случи несреќа со жртви.

Во овој случај, самата несреќа, и безбедноста на планинарите генерално, е тема и дебата што е од пошироко општествено значење, бидејќи сите ние сме или активни или повремени или потенцијални планинари.

Јавноста има право да знае сè што некој друг знае на темата, а излегол да дебатира или да искажува ставови пред јавноста на ТВ медиум. Овој став нема потреба да се образложува повеќе, а ако професор Угриновски има потреба да провери што значи јавност и што е разликата помеѓу јавен интерес и интерес на јавноста, има каде да праша или да прочита.

Поради погоре искажаните аргументи, сметаме дека ставот на Угиновски дека знае како несреќата можела да се спречи, ама ќе кажел по истрагата на јавниот обвинител, е недоследна.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

One thought on “Угриновски нема право да крие сознанија за тема од широк јавен интерес

  1. Odlicna I argumentirana analiza.Sepak ste potrosile vreme analizirajki eden obicen diletant koj sto za zal e pretsedatel na makedoskata planinarska federacija.Vo meguvreme dodeka pretsedatelot Ugrinovski ne ne udostoi so odgovor kako vo idnina mozat da se sprecat tragedii kako ovaa na Kajmakcalan planinarite mozat slobodno da povelat I ponatamu da se izlozuvaat na opasnost so zivotozagrozuvacki posledici.Zalno I tragicno.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *