Прекумерната смртност во земјите од ЕУ е комплексен проблем, не може да се припише на ковид вакцините

Фото: Image by Angelo Esslinger from Pixabay

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот и паушално се тврди дека секаде каде што има прекумерна смртност, тоа е резултат на вакцинацијата против ковид. Експертите се децидни дека за да се најде валидна врска меѓу вакцинацијата и прекумерната смртност во земјите, би биле потребни податоци од индивидуалните случаи, како што се причината за смртта, вакциналниот статус на лицата и споредба меѓу вакцинираните и невакцинираните

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот и паушално се тврди дека секаде каде што има прекумерна смртност, тоа е резултат на вакцинацијата против ковид. Експертите се децидни дека за да се најде валидна врска меѓу вакцинацијата и прекумерната смртност во земјите, би биле потребни податоци од индивидуалните случаи, како што се причината за смртта, вакциналниот статус на лицата и споредба меѓу вакцинираните и невакцинираните

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Епидемијата на прекумерна смртност продолжува во силно вакцинираните земји на ЕУ. Европските земји со највисоки стапки на инјектирање во 2021-2022 година имаа највисоки стапки на пораст на смртноста во 2023 година.

Потоа во склоп на објавата се споделува табела според која наводно во државите од ЕУ каде имало голем процент на вакцинирано население (поради тоа што се истакнуваат годините 2021 и 2022 се доаѓа до заклучокот дека станува збор за вакцинација против ковид-19), наводно највисоки биле стапките на смртност. Наведени се државите Исланд, Финска, Ирска, Малта, Холандија, Австрија, Кипар, Германија, Швајцарија, Данска, Норвешка, Словенија, Луксембург, Португалија, Грција, Франција, Естонија, Шпанија, Шведска, Словачка, Италија, Белгија, Полска, Лихтенштајн, Унгарија, Хрватска, Латвија, Бугарија и Романија.

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Евидентен е трендот кој дури и месеци по завршувањето на главната вакцинална кампања  против ковид-19, уште е незапирлив. Станува збор за трендот на поврзување на прекумерната смртност во светски рамки и во повеќе држави, со вакцинацијата против ковид-19. Речиси сите држави во светот поминаа тежок период на економска и здравствена криза предизвикан од пандемијата.

Тој период се карактеризираше со намалена достапност на здравствените услуги за граѓаните на државите, бидејќи болничките капацитети беа презафатени со ковид пациенти, а редовните програми и програмите за превенција и третман на останатите хронични болести, претрпеа пад на ефикасноста. Но, проблемот со прекумерната смртност во која било држава, не може да се поврзе со вакцинацијата против ковид, туку е мултифакторијален, односно зависен од повеќе фактори во секоја држава посебно, но и колективно во светот.

Тоа го покажува и самата споделена табела во објавата што ја рецензираме. Така во неа, се забележуваат европски држави кои, исто така, имаа висока стапка на вакцинална покриеност против ковид- 19, а во кои стапката на прекумерна смртност не е во пораст туку во пад (Хрватска, Бугарија, Романија). Само до 3 февруари 2022 година, во Хрватска вакцинирани биле 63 проценти од населението.

Професорот Џефри Морис, кој е директор на одделот за биостатистика на Универзитетот Пенсилванија, за проверувачите на факти на Ројтерс вели дека ако вакцините предизвикувале прекумерни смртни случаи, тогаш тоа конзистентно би се гледало во земјите со високи стапки на вакцинација, а не само во неколку.

Друг пример од објавата што ја рецензираме е примерот на Португалија, каде трендот на прекумерната смртност на населението почнал уште пред ковид вакцините да бидат достапни, односно во текот на пандемијата. Во факторите кои придонеле за оваа смртност, бил и самиот коронавирус односно болеста ковид-19.

Но, антивакциналното лоби е упорно во ширењето на погрешниот контекст дека секаде каде што има прекумерна смртност, тоа било наводно, резултат на вакцинацијата. Не само за земјите од ЕУ, туку таква дезинформација беше пласирана и за Австралија.

Не можат да се влечат валидни заклучоци од само еден фактор, како вакцинални стапки добиени од државите, затоа што државите се разликуваат по многу аспекти, а не само по стапката на вакцинација.

Портпаролот на Еуростат, за Ројтерс вели дека прекумерната смртност може да биде предизвикана од низа фактори како топлотни бранови и други случаи на екстремни временски услови и се согласува дека прекумерната смртност може да биде поврзана со топлото време, цитирајќи дека во Португалија и Шпанија во јуни 2022 година имало неколку такви бранови.

Професорот Џефри Морис, директор за биостатистика на Универзитетот во Пенсилванија вели дека за да се најде валидна врска меѓу вакцинацијата и прекумерната смртност во земјите, би биле потребни податоци од индивидуалните случаи, како што се: причината за смртта, вакциналниот статус на лицата и споредба меѓу вакцинираните и невакцинираните. Тоа не го содржи обавата што ја рецензираме. Не се знае ниту колку од вакцинираните / невакцинираните лица починале.

Дополнителните податоци исто така би требало да вклучуваат дополнителни фактори поврзани со вакциналниот статус и ризикот од смрт, како на пример возраста, полот, социоекономскиот статус, претходни болести, професија, бидејќи сето тоа е поврзано со ризикот да се заразите со ковид-19. Треба да се земат предвид и историјата на ковид инфекцијата, преку аналитички пристапи, додава Морис.

На страницата на Еуростат се вели дека меѓу март 2020 и јули 2022 година, ЕУ регистрирале четири различни бранови на прекумерна смртност со највисоки врвови во април 2020 година, ноември 2020 година, април 2021 година и ноември 2021 година.

Од Еуростат додаваат дека во јули 2022 година смртноста продолжила да варира ширум Европа. Латвија немала прекумерна смртност, додека најафектираната Шпанија имала стапка на прекумерна срмтност од 36,9 проценти. Другите земји со стапки повисоки од 15 проценти се Кипар, Грција, Португалија, Малта, Италија, Австрија, Словенија, Ирска и Германија.

Прекумерната смртност се одредува кога се зема бројот на починати од која било причина во даден временски период и тој број се споредува со основата од претходните години, во период кој не бил афектиран со пандемијата. Во овој случај, таа основа се состои од просечниот број смртни случаи што се случиле во секој месец од 2016 до 2019 година.

Со оглед на тоа што и самиот Еуростат наведува дека смртта може да настапила од која било причина, не може да се тврди дека таа е предизвикана од вакцинацијата.

Дополнително, нова студија од 2024 година покажува дека голем број од прекумерните смртни случаи кои биле атрибуирани на природни причини, всушност биле недетектирани смртни случаи од ковид-19.

Во Велика Британија, како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, експертите ги истакнуваат ефектите на долг ковид како само едно од објаснувањата за смртноста повисока од просечната. Ројтерс додава и дека дијагностиката и здравствената заштита, исто така придонесуваат како уште еден фактор кон прекумерната смртност.

Стјуарт Мекдоналд, заменик претседател на Continuous Mortality Investigation,во Лансет за прекумерната смртност во Европа коментира:

Прекумерната смртност во Англија е највисока кај младите на возраст меѓу 20 и 44 години и оние на средни години, меѓу 45 и 64,

Тоа е показател дека најмладите групи се тие кај кои има највисоко ниво на прекумерна смрност. А овие групи се најмалку вакцинирани. Постарите групи каде вакцинацијата беше повисока и каде бустерите беа давани почесто, имаат помала прекумерна смртност. Нема големи научни докази кои дури и бегло би сугерирале дека вакцините предизвикуваат поголема штета отколку корист. Тие недвосмислено базирано на сето она што сум го видел, предизвикуваат намалување на штетите, вели тој.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Точно е дека во земјите од ЕУ, како и во земјите од цел свет има пораст на прекумерната смртност, но таа не е поврзана со вакцините против ковид туку е мултифакторијален проблем.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција