Вистина: Десет пати зголемен бројот на мигранти

Бегалци на македонска граница Фото: Скриншот

Армијата на Република Македонија е подготвена за прифаќање на зголемен број странски државјани, меѓутоа во моментов нема потреба од зголемување на бројот на војници на македонската јужна граница. Ова го истакна министерот за одбрана , Зоран Јолевски, синоќа на отворањето на напредната школа на НАТО, „Справување со заканата од тероризмот во Југоисточна Европа“, во Охрид и појасни дека во јануари годинава, во споредба со јануари лани, бројот на мигранти што доаѓаат е за десет пати зголемен. (Зоран Јолевски)

[Извор: Новинска агенција “Mета”, Датум: 15.02.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Предмет на оваа анализа е  изјавата на министерот за одбрана, Зоран Јолевски дека бројот на мигранти кои доаѓаат во Македонија во 2016 година е за десет пати поголем од бројот на мигранти во 2015 година. Анализата има за цел и да овозможи агрегиран преглед на број мигранти во Македонија во изминатиов период, а во  пресрет на сè поголемото радикализирање на историскиот масовен егзодус на бегалци, австриското ограничување за влез кое предизвика домино ефект на балканската рута, заканите на шенген зоната и европските несогласувања. Иако, за оваа тема е тешко да се обезбеди целосна нумеричка прецизност, сепак, ваквата изјава на министерот за одбрана која е без очигледна тенденција за манипулација со бројки, може да се процени како вистинита.

Најрелевантни извори на изработени статистички извештаи со детална евиденција за миграциските текови и конкретниот бегалски бран се датабазите на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Меѓународната организација за миграции (ИОМ) како и Агенцијата на Европската унија за контрола на границите – Фронтекс.  Овие организации податоците воглавно ги превземаат од Министерство за внатрешни работи, а потоа ги одработуваат во различни аналитички формати зависно од потребите. Прецизната евиденција од страна на Министерство за внатреши работи за бројот на бегалци во земјата започнува од јуни месец кога драстично и се интензивира бегалскиот наплив, до тогаш нема евиденција. Министерството за внатрешни работи почнувајки од 29.06.2015 на својата веб страна започна редовно да го објавува бројот на бегалци на кои им се издадени потврди, како и број на издадени потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

До месец јуни, се издвојуваат следните поважни текови за секој месец одделно:

  • На почетокот на 2015 година веќе започнуваат најавите од страна на Агенцијата на Европската унија за контрола на границите – Фронтекс дека тоа е година кога Европската Унија треба да очекува рекорден број на бегалци.
  • Во текот на месец февруар 2015  во Македонија се откриваат случаи на криумчарење со илегални мигранти кога Министерството за внатрешни работи откри 43 илегални мигранти од кои 40 од Сирија.
  • Во март 2015 година во Велес е откриена група од 60 илегални мигранти во воз на Македонски железници на линијата Гевгелија – Скопје. Во овој период по пругите и автопатите се забележуваат групи на бегалци кои транзитираат низ земјата.
  • Во април 2015 година се случи и трагичната несреќа кога во близина на Велес, воз усмрти 14 и повреди најмалку 4 мигранти. Во овој период започнуваат и критиките на Хелсиншкиот комитет за човекови права кон Министерство за внатрешни работи поради нехуман однос кон бегалците, релативизирање на овој проблем и лошите услови на Прифатниот центар во Гази Баба. Во мај 2015 година се засилува безбедносната сигнализација долж пругите низ Македонија.
  • Во јуни 2015 се случува драстично зголемување на бројот на бегалците кога илјадници мигранти чекаат влез во Македонија во меѓузоната на македонско-грчата граница. Во овој месец се врши измена и дополнување на Законот за азил и привремена заштита според кои мигрантите можат формално да побараат азил, да се движат низ земјата во следните 72 часа, да користат јавен транспорт , но и право на привремена заштита во случај на масовен прилив. Во овој период во Македонија веќе влегуваат по 3000 мигранти дневно, а околу 1800 барања за азил се поднесуваат во период од три дена.

Според информациите од Министерство за внатрешни работи,  од 19.07.2015 до 03.10.2015 вкупниот број на издадени потврди на странски државјани е 113.501.  Бидејки од страна на MВР овој податок е даден за вкупен период од три месеци, не може да се овозможи прецизна анализа за точниот процент на зголемување на бројот на бегалци на месечна основа иако се проценуваше дека во тој период просечниот број на бегалци на дневна основа достигнува и до 3000 илјади. Оваа анализа е возможна почнувајки од октомври 2015 година бидејки УНХЦР објавува систематизирани податоци за број на бегалци на македонската граница на дневна основа. Согласно оваа анализа просечниот дневен број на бегалци за месец октомври 2015 година е 6221, ноември 5322, декември 2899 и во јануар 2016 година – 1719 бегалци.

Бегалци графикон

 

Untitled

Споредено со јануари 2015 кога спорадично се забележуваше мал број на илегални премини и имајки ја предвид анализата за зголемувањето на бројот на бегалци во текот на целата година, може да се заклучи дека изјавата на Министерот за одбрана, Зоран Јолевски е вистинита.

Линкови:

 

Оценето од: Милена Јосифовска