Владата чекори кон половина од мандатот, а премиерот допрва најавува нова Антикорупциска комисија

Фото: Принтскрин

 

Премиерот Зоран Заев во еден телевизиски настап неодамна најави дека изборот на нова Комисија за спречување на корупција ќе се случи во најкус можен рок, што сепак претставува недоследна изјава, доколку се знае дека СДСМ како опозициска партијата најавуваше нова формат на Антикорупциска комисија во првите 6 месеци од изборот на новата Влада, но тоа не се случи иако веќе изминаа цели 18 месеци.

И Владата и политиката покажуваат желба тоа да се заврши и ќе се заврши во најбрз можен период. Парламентот штом го донесе самиот закон ќе бидат избрани и членовите на антикорупциската комисија и телото ќе биде оформено со една нова легислатива, којашто комплетно е во координација со венецијанската комисија, европската делегација…

[ИЗВОР: „360 Степени “, Алсат М ТВ – датум 16.11.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Покрај напредокот во интеграцискиот процес, едно од стожерните ветувања на СДСМ со кои дојде на власт беше возобновување на правната држава и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата. Во таа насока, социјалдемократите како опозиционери најавија и нов формат на Антикорупциска комисија, која со засилени надлежности и инструменти, вистински ќе се бори против криминалот и корупцијата. Впрочем, ова ветување беше дел и од предизборната програма на СДСМ.

Ќе предложиме нов формат на вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, силен мандат и независен состав, се наведува на страна 233 од предизборна програма на СДСМ за парламентарните избори во 2016 година наречена „План за живот во Македонија“.

 Патем, ова ветување стои во делот наречен „План 180“, кој ги опфаќа итните реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци.

Доколку се има  предвид дека Собранието ја избра актуелната влада на 31 мај 2017 година, Владата требало барем да предложи нов формат на антикорупциска комисија до крајот на минатата година. Но, веќе поминаа 18 месеци од изборот на актуелната влада, а ниту е предложен новиот концепт врз основа на кој ќе се заснова идната Антикорупциска комисија, ниту има изгледи дека наскоро ќе се екипира ова регулаторно тело.

Наместо тоа, државата веќе 8 месеци практично функционира без никаква антикорупциска комисија, имајќи во предвид дека во март годинава петмина од вкупно седум членови на Комисијата си поднесоа оставки по скандалот со злоупотреба на финансиски средства. Имено, ревизијата од страна на Управата за јавни приходи врз работењето на претходниот состав на антикорупционерите покажа дека ним им се исплаќале патни трошоци врз основа на неверодостојни патни налози, по што тие поднесоа оставки, иако тврдеа дека случајот е инструиран.

Инаку, премиерот Заев во емисијата „360 степени“, емитувана на телевизијата Алсат М на 16.11.2018 година, го релативизираше фактот што во земјава повеќе од пола година нема никаква Антикорупциска комисија, истакнувајќи дека земјата порано имала формално вакво тело, но тоа не давало резултат. Воедно, тој истакна дека Владата веќе го усвоила и го доставила во собраниска процедура новиот закон за антикорупција, врз основа на кој ќе се формира и новата Комисија за спречување на корупцијата.

И Владата и политиката покажуваат желба тоа да се заврши и ќе се заврши во најбрз можен период. Парламентот штом го донесе самиот закон ќе бидат избрани и членовите на антикорупциската комисија и телото ќе биде оформено со една нова легислатива којашто комплетно е во координација со венецијанска комисија, европска делегација. Вградени се сите оние слабости кои ние сме ги воочиле порано, поминато ни е на Советот за реформи низ дебатите и ќе биде добра легислатива за успешна антикорупција“, изјави Заев во „360 степени“ (од 51.50 до 52.22 минута од видеото).

Во оваа прилика, премиерот посочи дека кога беше поверојатно дека нема да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство за иницирање на постапка за промена на Уставот согласно Договорот со Грција, власта донела политичка одлука и покренала постапка во парламентот за избор на нови членови на Антикорупциската комисија според сè уште актуелниот закон. Меѓутоа, подоцна се обезбеди потребното мнозинството, вонредните избори отпаднаа од комбинација, па прекинал и овој процес.

Сепак, изјавата на Заев дека наскоро ќе се формира нова антикорупциска комисија откако Собранието ќе го изгласа новиот закон за антикорупција, се коси со најавите и ветувањата на СДСМ и нејзините претставници дека ќе го предложат новиот формат на комисија до крајот на 2017 година, бидејќи веќе цела 2018 година не само што нема нова Антикорупциска комисија, туку нема никаква комисија за проверка на индициите за корупција кај јавните функционери.

ИЗВОРИ:

Оцени: Влатко Стојановски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.