Владата најави економски аташеа, па се откажа

Фото: vlada.mk

Имајќи предвид дека Анѓушев со промовирањето на новиот концепт фактички призна дека се откажува од првичната заложба за воведување економски аташеа, неговата изјава ја оценуваме за недоследна

 

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, деновиве (22.01.2019) на прес-конференција во Владата, ја даде следната изјава којашто ја сметаме за недоследна. Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање дали останува на идејата за воведување економски аташеа, рече:

Не, значи она што го согледавме во меѓувреме, е дека доколку се економски аташеа согласно Законот во МНР, треба да се од редовите на ова Министерство, односно да бидат најмалку две години таму вработени, а за жал таков кадар специфичен нема и затоа пребегнавме кон ова (отворање на три регионални канцеларии), што е пооптимална, а верувам и со поголем резултат идеја.

[Извор: веб-страница на Владата, датум: 22.01.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, во која соопштува дека ја отфрлиле претходната идеја во амбасадите да се назначат економски аташеа, со образложение дека според законската рамка за работа на дипломатските претставништва економските аташеа мора да бидат вработени во МНР најмалку две години, ја сметаме за недоследна во однос на тоа што Анѓушев го говореше во 2017 година. Имено, пред две години, тој најави дека ќе се укинат економските промотори кои ги воведе претходната Влада и наместо нив ќе се воведат економски аташеа.

Да потсетиме дека во август 2017 година од Владата најавија дека се работи на нов модел за економска промоција на државата:

Сега се работи на ремоделирање на досегашниот концепт на економски промотори. Улогата на економските промотори ќе ја превземат економски аташеа кои ќе бидат под контрола на економските ресори во Владата – велат од Владата. Првичната проценка покажува потреба од околу 18 економски аташеа во земјите со кои што Македонија има најголем потенцијал за економска соработка. 

Три месеци подоцна, на 26 ноември 2017 година, Анѓушев соопшти дека со Министерството за надворешни работи направиле стратегија за избор на првите 20 економски аташеа кои ќе бидат испратени во места најатрактивни за македонската економија.

Тие економски аташеа треба да го научат македонското стопанство и ќе поминат обука од два месеца во Македонија. Треба да го поминат целокупното македонско стопанство за кога ќе одат во светот да знаат што можат да продадат од Македонија. Тие треба да бидат комерцијалисти на македонската економија во светот и да привлечат странски инвестиции во Македонија, но такви кои ќе можат да соработуваат со македонската економија, изјави тогаш Анѓушев.

Економските промотори беа промовирани пред речиси единаесет години (во 2008 г.)  од претходната Влада  и до 2017 година ги имаше 33 низ светот, а потоа нивниот број беше намален на 20 со укинување на 13 локации на кои Македонија имаше вакви лица за привлекување странски инвестиции. Претходната Влада мандатот на преостанатите 20 економски промотори го продолжи до 30 јуни 2017 година.

Актуелната Влада, пак, пред неколку дена соопшти дека нема да испраќа ниту економски промотори, чии месечни плати се движеа од 2.500 до 3.000 евра, ниту економски аташеа, туку можностите што се нудат во земјава за странските инвеститори ќе ги презентира преку три регионални канцеларии.

Токму тоа ќе го направиме преку три концентрирани центри. Едниот центар да биде, во Америка, веројатно на Источниот брег, едниот центар во Германија, веројатно во Западниот дел на Германија, каде што ќе може да се покријат и сите соседни земји, значи во центарот на Европа и едниот центар на Блискиот Исток, каде што ќе можеме да ги информираме тамошните земји. Тоа ќе бидат единици, концентрирани, кои што ќе имаат двојна задача. Една задача е светот да го информираат за нашите програми, да разговараат со странски инвеститори, да ги донесат во Македонија, а другата задача ќе биде, да презентираат македонски производи, тоа што ние како држава го произведуваме. Практично, ова е сосема различен и она што морам да го подвлечам, многу поевтин модел, отколку да испратите во 40 земји, 40 промотори, кои што работат дивергентно. Ова ќе биде евтин модел, кој што имате во Буџетот, нема да чини премногу, а од друга страна концентрирано очекуваме да донесе резултат, соопшти  Анѓушев во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Па, имајќи предвид дека Анѓушев со промовирањето на новиот концепт фактички призна дека се откажува од првичната заложба за воведување економски аташеа, неговата изјава ја оценуваме за недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.