Загадениот воздух убивал 1.350 луѓе, но во 2011 година

Фото: Pixabay/Wikipedia

Во рамките на редовното секојдневно меѓупартиско препукување со владејачката СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение ја обвини власта за неспособност да се справи со проблемот на загадениот воздух и наведе дека „според податоците на Светска банка, само поради загадениот воздух во Македонија, на годишно ниво се регистрирани 1.350 смртни случаи“

 

Во рамките на редовното секојдневно меѓупартиско препукување со владејачката СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение ја обвини власта за неспособност да се справи со проблемот на загадениот воздух и наведе дека „според податоците на Светска банка, само поради загадениот воздух во Македонија, на годишно ниво се регистрирани 1.350 смртни случаи.“ Според методологијата на „Вистиномер“, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ е полувистина: изјавата е точна, но недостигаат важни детали или е извадена од контекст.

СДСМ е неспособен да се справи со проблемот со загадениот воздух и затоа единствениот адут им се манипулациите преку кои сакаат да ги убедат граѓаните дека благодарение на непостоечките мерки на Заев, Македонците го дишат најчистиот воздух.

Имено според податоците на Светска банка, само поради загадениот воздух во Македонија, на годишно ниво се регистрирани 1.350 смртни случаи.

(Извор: ВМРО-ДПМНЕ, датум: 18 декември, 2018)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Светската банка навистина има проценка дека загадениот воздух во Македонија годишно предизвикува околу 1.350 предвремени смртни случаи. Но, проблемот е во тоа што овој податок е првпат објавен во проценка за 2011 година. Втор во низата проблеми со соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е што тоа е година кога партијата беше во својата пета година на владеење. Трет проблем е што во истата проценка се наведени податоци за загадувањето од 2007 до 2011 година. Во секоја од тие години просечната концентрација на ПМ10 честички е неколку пати над максимално дозволената според регулативите на ЕУ.

Листата на проблеми во соопштението продолжува.

Илјадници граѓани го изгубиле работно место поради хронични и кардиоваскуларни болести, предизвикани во текот на работењето на отворено.

Точно. Извештајот на Светската банка наведува и колку загадувањето ја чини македонската економија: 253 милиони евра, или 3,2 отсто од бруто-домашниот производ. Но во 2011 година. Во година на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кому, како на власт, експертите од Светска банка во истиот извештај му посочиле и какви мерки и политики треба да спроведе за да го намали загадувањето до граничните вредности усвоени од Европската унија.

И тоа не доведува до последниот проблематичен дел на соопштението:

Власта додека мисли дека е опозиција граѓаните ќе страдаат. Сè додека СДСМ бега од одговорност, Македонија ќе биде на прво место на светските листи за загаденоста на воздухот.

Додека се расфрлаат со лаги и ги полнат џебовите со народни пари, граѓаните со респираторни заболувања ги полнат клиниките како последица од енормно загадениот воздух.

Лагите на СДСМ се веќе препознатливи кај народот и затоа тој ќе ги казни за сите црнила кои и ги нанесуваат на Македонија.

Првата реченица е целосно точна. Проблемот е во тоа што во времето на цитираниот извештај на Светската банка, тоа се однесувало токму на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, сево ова не ја амнестира СДСМ, која е на власт од 1 јуни 2017 година, од одговорност за последиците на загадувањето.

Последиците од загадувањето, како што е наведено и во извештајот на Светската банка, се чувствуваат по долготрајна изложеност на загаден воздух. Особено катастрофалните последици, кои особено се јавуваат кај лица по 30-тата година од животот.

Да покажела ВМРО-ДПМНЕ малку поголем интерес за загадувањето денес како опозициска партија, отколку во периодот кога беше партија на власт, ќе го откриела извештајот на Европската агенција за животна средина Квалитетот на воздухот во Европа за 2018 година, кој има уште поцрни проценки: повеќе од 3.000 лица годишно умираат како резултат на загадениот воздух во Македонија.

Сево ова го прави соопштението на ВМРО-ДПМНЕ совршен пример за односот на партиите кон еден од најсложените, најкритичните и најзапоставуваните проблеми во земјава денеска – загадувањето на воздухот или, преку него, здравјето и животот на граѓаните. Тоа е прашање кое и денешната власт како опозиција често го потегнуваше, а по него денес посегнува ВМРО-ДПМНЕ. Но, ниту една од противничките партии, кога е на власт, не успева да го реши.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Игор К. Илиевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.