Започнати се активности за новите ветерници во Богданци

Ветрниот парк Богданци Фото: Принтскрин elem.com.mk

 

Ќе започнат со работа новите ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 100 мегавати.

 [Извор: Изборна програма на СДСМ ( 2016 ) „План за живот во Македонија“,  стр. 247 , датум: декември 2016]   

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г) СДСМ вети дека „ќе започнат со работа новите ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 100 мегавати“ и реализацијата на овој проект е во тек.

Споменатото ветување на социјалдемократите  е дел од  нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , дадено во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.247). Според ваквиот проектиран изборен рок ветувањето треба да биде исполнето најдоцна до први јуни 2019 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.

Онака како што стојат работите, извесно е дека изборниот рок ќе биде поробиен. Иако, пролетта минатата година беше најавено дека ветерниот парк кај Богданци ќе биде комплетиран оваа година (2019), но сепак тоа не се случи.

Активностите за реализација на проектот се започнаа на крајот на минатата година и според најавите новите ветерни турбини би профункционирале до крајот на наредната година (2020).

Имено, Договорот за реализација на втората фаза од проектот ветерен парк „Богданци“, инвестиција вредна 21 милиони евра,  беше потпишан на 13.12.2018 година. Средствата за  заокружување на овој проект  се обезбедени од германската КфВ банка во износ од 18 милиони евра, додека три милиони евра се сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Договорите за заемот и за гаранцијата ги потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски, германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих, директорот на КфВ банката за ЈИЕ и Турција, Кристоф Тискенс и генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миноски.

Како што беше тогаш соопштено, во оваа втора фаза ќе бидат изградени уште шест ветерни турбини со инсталирана моќност од 13,8 мегавати, а кои се очекува да почнат со производство за најмногу 24 месеци, односно до крајот на 2020 година.

Па имајќи предвид дека се започнати активности за реализација на проектот (потпишан е Договор) според методологијата на „Вистиномер“ ветувањето добива оценка „во тек“ , со забелешка дека неговиот рок за реализација е пробиен.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.