Земјата во која живееме со Ахмети има име: Република Македонија

Али Ахмети - пратеник во Собранието на РМ од 2002 до денес. Фото: скриншот

Изјавата на Али Ахмети, пратеник и лидер на ДУИ, што е во коалиција во владата со СДСМ, е очигледна невистина. Според Уставот на Република Македонија, според сите други државни документи и историски факти, сосема е сигурно дека државата во која живееме заедно со Ахмети се вика Република Македонија

 

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во интервју за грчки медиум ја даде следната изјава што e невистина:

Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат – изјави Ахмети во емисијата „Историес“ на ТВ Скај.

[Извор: ТВ Алфа –  Ахмети: Ние сме држава без име…, датум: 07.02.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Али Ахмети, пратеник и лидер на ДУИ, што е во коалиција во владата со СДСМ, е очигледна невистина. Според Уставот на Република Македонија, според сите други државни документи и историски факти, сосема е сигурно дека државата во која живееме заедно со Ахмети се вика Република Македонија.

Република Македонија е прогласена за независна држава на 8 септември 1991 година врз основа на резултатите на Референдумот за независност, а на 17 ноември 1991 година, кога е прогласен  и донесен Уставот, таа е уредена и како таква – самостојна, суверена, независна демократска држава на Македонците и на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и на сите други граѓани што живеат во неа. Пред Референдумот одржан на 8 септември, со кој граѓаните решија да се одвојат од социјалистичка Југославија, во јануари 1991 година беше донесена Декларација за независност во Парламентот, кој, пак, беше конституиран по првите повеќепартиски избори одржани во 1990 година.

Претходно, во разни форми кои го означувале уставното уредување Република Македонија, носела различни имиња, но секогаш со зборот Македонија од конституирањето на АСНОМ во 1944 на втори август.

Впрочем, Али Ахмети е пратеник во Собранието на Република Македонија од 2002 година до денес.

Тоа што Република Македонија според соодветни резолуции на Обединетите нации денес (во последните 20-тина години) разговара за разликите околу името со Република Грција, е сосема друго прашање, исто како што е друго прашањето околу „привременото име“ за кое зборува Ахмети, а тоа е акронимот Поранешна Југословенска Република Македонија.

Овој акроним, со кој сме заведени во Обединетите нации, според документите на светската организација, е наменет само за внатрешна употреба во рамките на ословувањето во организацијата. Тоа што таквото правило не се почитува во голема мерка е резултат на моќното лоби на Република Грција, која, сепак, не успеа на 130-тина земји да им го наметне нивниот став.

Ахмети во истата емисија, според изворот, но и другите медиуми од каде што го цитираме, изразува готовност и за промена на Уставот поради барањата на Грција, но, сепак, тука нагласува дека ДУИ е подготвена да го стори тоа, со што станува јасно дека и по ова прашање има разлика меѓу коалиционите парнтери во Владата, исто како што има разлика и по прашањето за референдум на кој граѓаните би се изјасниле за решението од разговорите со Грција.

Поради погоре наведените аргументи тврдењето на Али Ахмети дека „земјата нема име“ и дека има само едно привремено име ПЈРМ, ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција