Кризата во Авганистан ги оживеа старите дезинформации за бегалските кампови

Фото: IHH Humanitarian Relief Foundation

Лавина реакции предизвика најавата од македонската Влада дека во државата се очекува да пристигнат околу 500 луѓе од Авганистан, по што тие ќе бидат згрижени по хотелите и одморалиштата додека не бидат пренесени во други држави. Социјалните мрежи се полни со говор на омраза, напади до Владата и нејзините институции, а јавноста уште еднаш остана поделена по прашањето  – ќе се соочиме ли со уште една бегалска криза?

Лавина реакции предизвика најавата од Владата дека во државата се очекува да пристигнат околу 500 луѓе од Авганистан, по што тие ќе бидат згрижени по хотелите и одморалиштата додека не бидат пренесени во други држави. Социјалните мрежи се полни со говор на омраза, напади до Владата и нејзините институции, а јавноста уште еднаш остана поделена по прашањето  – ќе се соочиме ли со уште една бегалска криза?

 

Пишува: Весна Коловска

 

На социјалните мрежи се споделуваат фотомонтажи со муџахедини по македонските хотели, а во некои од коментарите дури се најавува дека наводно:

Америка планира енклава на муслиманите на Балканот и да тестира биолошко оружје врз нив.

Овие објави на социјалните мрежи немаат врска со реалноста, туку по примерот од 2018 година заплашуваат дека следи нов наплив на мигранти од Авганистан, со цел да го населат Балканот со Муслимани и да ја сменат демографската слика на овие простори.

Не се работи за никакви бегалци, кои ќе одат во некакви кампови. Тоа е јасно и е расчистено. Се работи за  хуманитарци, луѓе коишто исто како и сите нас се обидуваат да го подобрат животот по светот. Ќе бидат сместени по хотелите, сето тоа е организирано. Има дел од луѓе кои ќе останат неколку дена, дел кои ќе останат еден месец, колку и да е потребно, ние сме тука. Сакам да знаете дека точно е утврдено кој плаќа по хотелите. Тие што работат на трансфер од Кабул до Скопје, работат и на нивниот трасфер од Скопје до крајната дестинација. Сите се за времено сместување, изјави  деновиве премиерот Зоран Заев во Тетово (19.08.2021).

Премиерот уште кажа дека овие граѓани, кои доаѓаат, се со однапред пријавени листи со нивните податоци. Станува збор за асистенти на ОН и членови на нивните семејства, на Националниот демократски институт (НДИ), на Фондацијата Отворено општество, на Капата на националните организации на САД-НЕТ.

 

ПРИФАТЕН ЦЕНТАР ВО БАРДОВЦИ И ПРОТЕСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ЖИТЕЛИ

Најавите за прифаќање на луѓе од Авганистан доаѓа во време кога македонската Влада започна со изградба на нов прифатен центар во Бардовци во Скопје кој, всушност, е замена за стариот и руиниран објект во Гази Баба. Овој објект веќе 20 години работи како Прифатен центар, наменет за привремено задржување на странци. Жителите на Бардовци изминатиов период оргнизираа неколку протести со барање да се стопира изградбата на објектот. Граѓаните стравуваат за нивната сигурност и безбедност, бидејќи објектот се гради на сто метри од селото.

Од Министерството за внатрешни работи  демантираа  дека ќе се гради трет прифатен центар. МВР во подолг текст за државната новинска агенција МИА објасни дека не се работи за нов, трет прифатен центар во државата, туку  тој што почува да се гради во Бардовци, е  замена за стариот и руиниран објект во Гази Баба. Овој објект, што некогаш бил градинка, веќе 20 години работи како Прифатниот центар, наменет за привремено задржување на странци. Според МВР овој прифатен центар е несоодветен на потребите, што е нотирано во повеќе домашни и странски извештаи.

Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат врска со мигрантите, како што одредени медиуми повремено ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести, информираше МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дополнително објасни дека станува збор за еден единствен објект, со ист капацитет како постојниот, на соодветна локација надвор од населено место, во близина на обиколницата, на неколку километри оддалеченост од населеното место Бардовци.

„Вистиномер“ уште во 2018 година пишуваше дека станува збор за дезинформации, изнесувајќи факти дека се работи за нов објект, замена на постоечкиот, руиниран во Општина Гази Баба. Овие дезинформации неодамна повторно оживееја по социјалните мрежи, а пишуваше и ТВ Алфа,  што „Вистиномер“ го дебанкираше. На истата тема пишува и „Призма“, каде е пренесена изјава од МВР дека и покрај реализирани градежни зафати за подобрување на условите за сместување, овој објект и понатаму не може да одговори на потребите за сместување, поради што се работи на нов објект, како замена на постоечкиот.

 

БЕГАЛЦИТЕ И ЕРОПСКАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Прифаќањето на бегалци е обврска што Македонија ја има прифатено со потпишувањето на Европската конвенција за човекови права и домашната легислатива. Експертот за миграции, Трпе Стојановски,   во изјава за „Вистиномер“ вели дека секоја уредена држава обезбедува капацитети каде привремено ќе ги згрижи луѓето кои се принудени да ја напуштат својата држава. Прифатниот центар во Гази Баба има ограничен простор, додека новиот, што почнува да се гради со средства на Европската унија, е квалитетен проект со среднорочно и долгорочно решение за прифаќање на странци.

Државава има уреден систем, добро сме истренирани со бегалската криза во 2015 година, имаме искуство и колективна меморија, која помага во справување со поголем бран на бегалци. Ако државата е подготвена, знае да менаџира, тоа значи дека ќе може да се справи и со поголем бран на бегалци, кој станува реалност. Прифатните центри се обезбеден пристоен, хуман престој за бегалци, ниизјави Стојановски.

Тој смета дека овој бегалски бран нема да потрае многу. Според Стојановски, Македонија не е прва земја на одговор на напливот на бегалци, како што беше со косовската криза, кога во седум центри беа згрижени 350.000 луѓе, кои останаа во државата со години.

Нема основа од стравувањето дека ќе ни се повтори минатото, особено косовската криза. Од Авганистан географски сме одалечени. Се следи состојбата и навремено се реагира, ни рече Стојановски, кој сепак очекува институциите транспарентно, убедливо и аргументирано да ја информираат јавноста, вклучувајќи и за прифатните центри.

Стојановски повикува државните претставници заедно со локалната заедница да ги утврдат плановите, со цел да ги решат сите грижи и да ги сослушаат стравувањата на граѓаните.

Македонија во минатото се соочи со пет поголеми бегалски кризи. Според анализата на Центарот за право на бегалци и миграции на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, во 1991 година беа згрижени 1.180 луѓе од Албанија. Во текот на војната во Босна и Херцеговина –  35.000 бегалци, додека најголемиот бран беше со Косовската криза во 1999 година и приливот на дури 360.000 бегалци. Косовската бегалска криза во Македонија официјално заврши во септември 2003 година, иако и натаму престојуваат косовски граѓани, кои се без решен статус. Следува конфликтот во 2001 година, кога беа регистрирани 86.954 домашно раселени лица и последната бегалска криза со наплив на мигранти, главно од Ирак, Авганистан и Сирија, кои транзитираат низ државата.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција