Вакцините против ковид немаат чипови!

Четвртиот бран на ковид пандемијата го достигна врвот, а социјалните мрежи вријат од дезинформации кои се однесуваат на вакцинацијата против ковид. Иако Вистиномер и Порталб со многу факти многу пати ги побија лажните тврдења според кои со вакцината, во човечовото тело се вметнуваат чипови, корисниците на социјалните мрежи продолжуваат да споделуваат такви и слични дезинформациски наративи.
Содржината која ја рецензираме е пост на Фејсбук објавен на 21 август. Станува збор за пост на Фејсбук првично објавен на 6 август 2020 година. Постот содржи 4 слики и еден параграф со 4 редови и е објавен на страницата ,,Инфо Атдеу“.
Конспирациска теорија или вистина?! Вака изгледа чипот кој сакаат да го стават кај секој од нас, еден доказ за тие што не веруваат… За овој чип се вели дека ќе содржи податоци за лицето и неговиот идентитет и со негова помош ќе се извршуваат бројни активности, како плаќања, и многу други работи. Ве молам, споделете го овој пост, да го видат сите и да внимаваат!, се вели во постот.
Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип.
Вакцинацијата е еден од најефикасните начини за спречување на болеста ковид. Вакцината му помага на имунолошкиот систем да ги препознае и да се бори со патогените (факторите кои предизвикуваат болест), како што се вирусите и бактериите. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал. Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за Политифакт изјави дека идеата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.
„И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз“, вели доктор Вилбур Чен.
Ваквите содржини претставуваат ризик за јавноста!
Тврдењата засновани на конспирациски теории за целта и ефикасноста на вакцините, претставуваат ризик за јавноста, посебно во овој периодот кога целиот свет, но и нашата земја се соочува со нов бран на инфекции со делта сојот. Во последните две недели, во нашата земја кривата на нови случаи, како и активни случаи покажува значително зголемување, со што капацитетите на болниците во многу градови во земјата се максимално исполнети.
Кривата на дневни случаи на новозаболени со Ковид-19 до 26 август/ Извор: ворлдметерс
Кривата на активни случаи со Ковид-19 до 26 август/ Извор: ворлдметерс
Од Mинистерството за здравство изјавија дека скоро сите нови случаи и хоспитализирани со Ковид 19 се невакцинирани. За да се спречат смтрните случаи од Ковид-19, министерот за здравство, Венко Филипче апелираше до граѓаните што помасовно да се вакцинираат.
„Вакцините се ефективни и ефикасни, ова се гледа по малиот број на новозаболени и хоспитализирани во градовите каде што опфатот со вакцини е поголем. Историски гледано, вакцинацијата и става крај на секоја пандемија и епидемија”, изјави Венко Филипче.
До 27 август во Северна Македонија аплицирани се вкупно 1.220.375 дози на вакцините, а 516.797 од граѓаните се вакцинирани со две дози.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција