Не е вистина дека полицијата уапсила граѓани кои мирно протестирале во Тетово

Фото: vmro-dpmne.org.mk

Изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, дека во Тетово се апселе граѓани кои мирно протестирале е невистинита. Протестите, како што може да се види од новинарските извештаи и билтенот на Министерството за внатрешни работи, во еден момент биле насилни, а нападнати и повредени биле и неколку полицајци кои биле задолжени да го чуваат јавниот ред и мир

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на 19.09.2021 година, одговарајќи на новинарски прашања во врска со протестите во Тетово кои се одржаа поради трагичниот пожар во модуларната тетовска болница, даде невистинита изјава, дека се апселе граѓани кои мирно протестирале.

Венко Филипче и Зоран Заев треба да си дадат веднаш оставка за да може истрагата да се одвива непречено, да не влијаат. Наместо тоа, не треба да апсат граѓани кои што мирно протестираат, а со тоа и да дефокусираат од нивните оставки, рече Арсовски меѓудругото.

[Извор: Јутјуб  Дата: 19.09.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, дека во Тетово се апселе граѓани кои мирно протестирале е невистинита. Протестите, како што може да се види од новинарските извештаи и билтенот на Министерството за внатрешни работи, во еден момент биле насилни, а нападнати и повредени биле и неколку полицајци кои биле задолжени да го чуваат јавниот ред и мир.

По протестот поради пожарот во модуларната болница, беа приведени петмина демонстранти поради агресивно однесување и физички напад на полициски службеници.

Како што информираше МВР, на 17.09.2021, полициски службеници од СВР-Тетово ги лишиле од слобода Б.А.(31) од с.Туин, кичевско, Н.Б.(52) од с.Мала Речица, тетовско и Џ.С.(33) од с.Вешала, тетовско, а на 18.09.2021 од слобода биле лишени и В.А.(33) и А.Ш.(30), двајцата од Тетово, затоа што се однесувале агресивно и физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија за време на протест што се одржал на 17.09.2021 во Тетово, во периодот од 13.50 до 16.30 часот. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Како што изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР-Тетово за ТВ 24, двајца од приведените се сомничат за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, а другите три лица се кривично пријавени поради основи на сомнение дека сториле две кривични дела: напад на службено лице во вршење работи на безбедноста и за учество во толпа.

Во протестниот марш кој на 17 септември започна на градскиот плоштад во Тетово, а продолжи пред општинската зграда каде се одржа говор, дел од демнонстрантите фрлаа со јајца врз зградата. Протестот потоа продолжи кон изгорената модуларна болница, па кон Демократската унија за интеграции (ДУИ), но полицијата го блокираше пристапот до седиштето на партијата, пренесе Радио МОФ.

Дека протестот не беше мирен се гледа и од прилогот на ТВ 24 кој одеше во живо на социјалната мрежа Фејсбук. Како што извести ТВ 24, демонстрантите ја нападнале полицијата која го бранела седиштето на ДУИ.

Граѓаните кои попладнево мирно протестираа во Тетово, како поддршка за починатите кои загинаа при пожарот во модуларната болница во Тетово, влегоа во конфликт со полицијата. Тие се упатиле кон седиштето на ДУИ во Мала Речица, но таму им е забранет пристапот. Групата граѓани почнала да фрла со јајца и со камења кон општинската зграда и притоа дојде до судир и со припадниците на МВР.

Како што информираше порталот Локално, пак, за време на протестот четири полицајци поминале со лесни повреди.

Од сето ова можеме да заклучиме дека изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, дека се апселе луѓе кои протестирале мирно во Тетово, е невистинита.

 

Оцени: Ана Анастасовска

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција