Со основниот минимум од три судии работат неколку судови во источниот регион

Основен суд Штип Фото: Вистиномер

Има судови, како делчевскиот, беровскиот и виничкиот, кои работат само со тројца судии, што е основниот минимум за еден основен суд да постои. Девет судии судат во кочанскиот суд, од кои еден е делегиран во Основниот суд во Виница. Дали работата со намален број на судии или на основниот минимум се одразува на работата на предметите? Во Извештајот на Судски совет за 2020 година, каде се нотира дека поради недостаток на судии во шест судови во државата, има трупање на предмети

Има судови, како делчевскиот, беровскиот и виничкиот, кои работат само со тројца судии, што е основниот минимум за еден основен суд да постои. Девет судии судат во кочанскиот суд, од кои еден е делегиран во Основниот суд во Виница. Дали работата со намален број на судии или на основниот минимум се одразува на работата на предметите? Во Извештајот на Судски совет за 2020 година, каде се нотира дека поради недостаток на судии во шест судови во државата, има трупање на предмети

 

Пишува: Весна Коловска

 

На седницата на Судскиот совет од 23 септември годинава, судијката на Основниот суд од Штип, Невена Перица, времено е упатена за извршување на судиската функција во Основен суд Делчево, за период од 6 месеци. Тоа е првпат по подолго време од штипскиот Основен суд да се делегира судија во некои од помалите судови во регионот. Со најновото делегирање, Основниот суд во Штип останува со 12 судии кои постапуваат по предмети, од потребниот број од 19 судии, според систематизацијата. Во овој суд работат уште двајца судии, од кои едниот е претседател, додека на вториот судија функцијата му мирува, додека е член на Судскиот совет.

Штипскиот Основен суд со одделение во Пробиштип, е најголемиот примарен суд во источниот регион, но, во годините наназад повремено се случувало да се делегираат судии во помалите општински судови. Во моментот има судови, како делчевскиот, беровскиот и виничкиот, кои работат само со тројца судии, што е основниот минимум за еден основен суд да постои.

По три судии има по судовите во Берово, Делчево, Свети Николе и Виница. Девет судии судат во кочанскиот суд, од кои еден е делегиран во Основниот суд во Виница. Во Берово делегиран судија е Илија Стојанов од струмичкиот Основен суд, кој таму ќе остане до следната година, кога заминува во пензија. Во Виница, во Основниот суд в.д.претседателка на судот е судијка, чие место мирува во Апелацискиот суд во Штип.

На оваа состојба укажува Извештајот на ЕУ за напредокот на Сверна Македонија за 2020 година во делот за правосудството:

Останува од суштинско значење да се обезбеди соодветна проценка на потребите, особено во обвинителството и да се донесат стратегии за човечки ресурси засновани на докази, кои во моментов се во фаза на подготовка. Подеднакво е важно да се обезбеди соодветно екипирање, кое вклучува стручни соработници и обезбедување средства за обновување и правилно одржување на ИТ инфраструктурата во судството. Спроведувањето на ИТ стратегијата за секторот правда во голема мера зависи од странската помош и финансирање. Тројца нови вработени во ИТ беа вработени во јавните обвинителства, но ниту еден во судовите. Вработувањето на ИТ кадар е тешко поради неконкурентни плати. Потребни се напори за понатамошно подобрување на употребата на алтернативно решавање на спорови, вклучително и преку соодветните комори. Бројот на случаи на медијација е намален во последните години, особено во однос на работните спорови.

ТРУПАЊЕ ПРЕДМЕТИ

Дали работата со намален број на судии или на основниот минимум се одразува на работата на предметите? Ова прашање е содржано во Извештајот на Судски совет за 2020 година, каде се нотира дека поради недостаток на судии во шест судови во државата, има трупање на предмети.

Од осум основни судови, кои работат во подрачјето на Апелацискиот суд – Штип, половината (четири) не усепале да го совладаат приливот на нови предмети и се сметаат за неажурни. Најголем остаток од предмети има Освновниот суд – Струмица, со 627 предмети, додека на листата неажурни судови се уште Кочани, Радовиш, Делчево и Виница.

Тринаесет судии минатата година биле делегирани на работа во друг суд.

Меѓу овие тринаесет судии, на времено извршување на судиската функција се упатени судии во Берово, Виница, Делчево, Крушево, Неготино.

Мининстерот за правда, Бојан Маричиќ, изјави дека проблемот со недостаток на судии се решава со делегирање, односно времено прераспределување на работа во други судови, сè додека не излезе новата генерација од Академијата за судии и обвинители.

За избор на судии или обвинители мора да се чека новата генерација, која треба да заврши до јуни или до крајот на идната учебна година и веќе наредната есен, значи во септември – октомври 2022 ќе можат да се избираат тие за судии или јавни обвинители. Се работи за околу 60 кандидати. Дотогаш немаме начин да избираме нови судии. Дотогаш ќе треба со организација на работата во договор со Судскиот совет и апелациските подрачја да се справат судовите со бројот на предмети и со обемот на работа, изјави Маричиќ.

Министерот за правда вели дека власта е свесна за овој проблем, меѓутоа, законот е таков, што на местата судии и обвинители можат да се именуваат само завршени кадри од Академијата за судии и обвинители.

Во Крива Паланка 12 години нема обвинител, во други места исто така има недоволен број на судии, има еден или ниту еден судија. Впрочем, мислам дека Судскиот совет сега изврши избор, летово, на шест нови судии од последната генерација академци што останаа сè уште неизбрани и дел од нив се делегирани во Берово, дел од нив се делегирани во Крушево, така што Судскиот совет води грижа за пополнување на овие места, вели министерот за правда Маричиќ.


Извештајот на Европската комисија за ефикасност на правдата (СЕРЕЈ) од 2016 година, нотира дека Северна Македонија со 24,37 судии на 100 илјади жители има поголем број судии по глава на жител од просекот на СЕРЕЈ, кој изнесува 21,5. Но, од 2016 година, па досега, тој број на судии е намален, дел поради разрешувањата на Судскиот совет, а дел поради пензионирање. Од изготвувањето на извештајот на Европската комисија за ефикасност на правдата досега, 2021 година, пензионирани се 60 судии.

 

СЕ ДЕЛЕГИРААТ, НО И РАЗРЕШУВААТ СУДИИ

Извештајот на ЕУ забележува дека во согласност со новата законска рамка, Судскиот совет го смени системот на назначување и унапредување и допрва треба да одобри квалитативни критериуми при професионалното оценување на судиите. Во извештајниот период, Судскиот совет назначи 28 судии и 16 претседатели на судови и им овозможи на 32 пензионирани судии да ги извршуваат своите задачи за уште една дополнителна година. Советот на јавни обвинители назначи 18 дипломци од Академијата за обука на судии и јавни обвинители да служат како обвинители во Основните јавни обвинителства, назначи раководители на четири Основни јавни обвинителства и им дозволи на 12 пензионирани обвинители да ги извршуваат своите задачи поради недостиг на персонал. Двата совети назначија 31 од 37 дипломирани студенти од 6-та генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

*извор Судски совет на РСМ

Од редовите на основните судии од апелациското подрачје на Штип, во претостојниот период ќе треба да се избираат нови апелациски судии на местото на двјацата разрешени судии за несовесно работење од страна на Судскиот совет на седницата од 26 август годинава. Претседателот на Основниот суд во Штип, Ѓорѓи Андонов, ни потврди дека има недостаток на судии во редовната работа.

Имајќи предвид дека моменталниот број на судии кои постапуваат по предмети е помал од утврдениот потребен број, како и дека во работа судиите имаат голем број на предмети имајќи ја предвид и проширената стварна надлежност на ОС Штип, како и тоа да согласно Законот за судовите ОС Штип е надлежен за подрачјето на Општините Штип, Пробиштип и Карбинци, реално е да се истакне дека моменталниот број на судии не е доволен за да сите предмети и судски постапки бидат навистина брзо, ефикасно и квалитетно завршени, вели Андонов за „Вистиномер“.

Последните две децении се смени и структурата на предметите по примарните судови, кои сè поретко имаат големи случаи на корупција, криминал и слично. Во случајот со Основниот суд во Штип, како што нагласува претседателот Андонов, структурата на предметите зависи од подносителите, т.е. Јавно обвинителство и правни и физички лица.

Бројот на предмети од било која област, вклучително и од кривичната област, зависи од бројот на поднесени обвиненија до судот. Од кривичната област доминираат предмети за кривични дела за кражби и наркотични дроги, од прекршочната област – прекрошоци од сообраќајна природа, а од граѓанската област предмети од работните односи, посочува Андонов.

Во делот на реформите, штипскиот Основен суд ја најавува претојната дигитализација, кога судењата ќе можат да се одвиваат онлајн. Основниот суд од Штип е во пилот проектот од пет судови со опремување на пет судници за онлајн судења. Претседателот Андонов дели дека се прават напори и да се зголеми транспарентноста на судот и судските процеси, колку што условите го дозволуваат тоа.

По однос на стандардите на ЕУ, во ОС Штип се имплементираат сите процеси кои значат исполнување на тие стандарди, а кои се и пропишани со законски и други прописи. Се прават напори и да се зголеми транспарентноста на судот и судските процеси, колку што условите го дозволуваат тоа – преку отворени денови за граѓаните, студентите и учениците, преку информирање преку веб-сајтот на судот кој е дел од судски портал на ниво на државата, како и преку секојдневна комуникација со медиумите, било тоа да е преку портпаролот на судот, по пат на писмена комуникација, соопштение или на друг начин, вели Андонов.

На потребата од продолжување на целосното спроведување на начелата на независност и транспарентност, укажува и Извештајот на ЕУ, каде стои дека „останува важно да се обезбеди дека судството е заштитено од кој било ризик или перцепција на политичко мешање“.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција