Во Богданци е изградена само првата фаза од рекреативната патеката кај Честите Јавори

Фото: bogdanci.gov.mk

Ветувањето на градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов за ,,Уредување на месноста викана Честите Јавори со урбана опрема’’, наведено  во неговата изборна програма  „Живот во Богданци за сите“ (стр. 27), со која излезе на локалните избори во 2017 година, досега  не е целосно реализирано. На овој локалитет е изградена само рекреативна патека во должина од 2.650 метри, но таа не е осветлена и не е е поставена урбана опрема, така што ова негово изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

 

Ветување: Уредување на М.В. Честите Јавори со урбана опрема

 [Извор: Изборна програма на градначалникот Блаже Шапов „Живот во Богданци за сите“ стр. 27; датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов за ,,Уредување на месноста викана Честите Јавори со урбана опрема’’, наведено  во неговата изборна програма  „Живот во Богданци за сите (стр. 27), со која излезе на локалните избори во 2017 година, досега  не е целосно реализирано. На овој локалитет е изградена само рекреативна патека во должина од 2.650 метри, но таа не е осветлена и не е поставена урбана опрема, така што ова негово изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

За време на изборната кампања во 2017 година Шапов, како кандидат на СДСМ за градоначалник на Богданци, објави дека ќе ја уреди месноста Честите Јавори.

Локацијата на м. в. Честите Јавори е често користена (посебно во минатото) од жителите на Богданци како излетничко место. За жал, децениската негрижа го претвора овој простор во дива депонија и ги одвраќа луѓето да го користат. Позицијата на овој локалитет, која е од десната страна на регионалниот пат Богданци-Дојран, е потенцијално место за застанување и одмор на сите туристи кои транзитираат на овој правец. Изобилството на дрвја-јавори овозможуваат во летниот период, кога температурите во нашиот крај се навистина високи, разладување да пронајдат голем број на граѓани. За да се заштити овој локалитет и да се овозможи негово користење, од што поголем број на , мора истиот да се збогати со одредени содржини. Најпогодно е поставување на соодветна урбана опрема, која ќе одговара на оваа локација, и која ќе биде во функција на нејзините посетители, напиша Шапов  во својата програма.

За уредувањето на овој локалитет градоначалникот Шапов најпрво предввиде изградба на велосипедско-пешачка патека од Богданци до Паљурци која ќе поминува низ месноста Честите Јавори. За таа цел Општината аплицираше до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР).

Во јули 2019 година Општината на својата веб-страница објави дека им се одобрени средства од АФПЗРР за три проекти, меѓу кои и за пешачко велосипедска патека која ќе минува низ ова област.

Општина Богданци доби  финансиска поддршка од АФПЗРР  од подмерката 323.3 – Изградба или реконструкција на патна инфраструктура за пристапност до и околу природни знаменитости во рурални средини вклучително и нивно уредување. Финансиската поддршка е за проектот : Реконструкција на пешачка и велосипедска патека Богданци-Чести Јавори- Паљурци.Вкупната одобрена вредност за бараната инвестиција изнесува 10.681.140 денари, објави Општина Богданци на својата веб-страница на 9 јули 2019 година

Изведбата на оваа патека почна осум месеци подоцна. Тендерот во висина од 158 илјади евра го доби гевгелиска фирма која во април минатата година ги почна изведбените работи на терен. Во мај 2020 година, Општината објави дека работите течат според предвидената динамика.

Градоначалникот Блаже Шапов тогаш за медиумите изјави дека  ќе се изведе само првата фаза од ова патека, а потоа ќе се бараат средства за продолжување на втората фаза, како и збогатување на патеката со дополнителни содржини.

Ова е првата фаза од овој проект  со оглед дека нашата намера е да ја продолжиме оваа пешачко велосипедска патека до браната Паљурци. Како општина работиме на обезбедување средства за останатите 2.000 метри до браната. Сакаме Богданци со браната Паљурци како излетничко место, да ја поврземе со патека за рекреација. Не се исклучува можноста и поставување урбана опрема и осветлување на ова патека, но наша приоритетна цел е целосна изградба на истата па потоа да работиме на дополнителни содржини на ова патека, изјави на крајот на мај 2020 г. градоначалникот Шапов

Излетничко рекреативната патека Богданци, Честите Јавори – Паљурци прва фаза, беше реализирана во јули истата година. Тогаш градоначалникот Шапов на својата ФБ страница објави дека е реализиран еден од проектите за кои ја добил довербата во 2017 година.

На крајот на мината година од страна на Советот, беше донесена програмата за локален економски развој 2021, согласно која за оваа година се планира реализација на втората фаза од оваа патека. Сепак, тоа досега не се случи.

Па, со оглед на тоа што не се отпочнати работите од втората фаза од изградбата на рекреативната патека и сè уште не е поставена потребната урбана опрема кај месноста Честите Јавори, ова предизборно ветување на Шапов го оценуваме како делумно исполнето

 

ИЗВОРИ:

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција