Доктор Кузмановски: Вакцинацијата има повеќе придобивки

Неколку медиуми во Северна Македонија известија за голем број несакани ефекти од вакцините против Ковид-19, но во насловите на овие вести не беше нагласено дека се работи само за ефектите што ги пријавуваа граѓаните, без да се потврди дека истите се како последица на вакцините. За тоа како (не) треба да известуваме за овие теми кои имаат потенцијал да предизвикаат паника, разговаравме со ПР експертот Демуш Бајрами, а во меѓувреме за можните несакани ефекти, зборува доктор Иле Кузмановски, пишува Порталб.мк. 

Голем дел од медиумите, како и националните телевизии во Северна Македонија, во своите наслови имаа „набројано“ 240 несакани ефекти од вакцините против коронавирусот. Но, ваквиот начин на известување има потенцијал да предизвика паника кај граѓаните кои планираат да се вакцинираат. Тука , тука, и тука тука можете да прочитате такви вести.

Иако веста е вистинита, начинот на кој пишуваат медиумите, особено што се однесува до насловот, сугерира дека овие несакани ефекти се добро утврдени и проверени од медицинската наука, што не е вистина, бидејќи тие се само пријави од страна на граѓаните и најголем дел од пријавените ефекти се вообичаени.

Демуш Бајрами, декан на Факултетот за комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) за Порталб.мк истакна дека формата на медиумско известување за опасните појави зависи од начинот на продукција на медиумската содржина, и додаде дека медиумското известување треба да се редуцира за да се истакнат најважните елементи на известувањето.

Формата и начинот на медиумско претставување, поточно формата на медиумското известување за опасна појава преку нејзино покривање во поширок општествен контекст, неминовно зависи од продукцијата на медиумските содржини. Теориите за избор на медиумски содржини и теоретски пристапи кон ризиците од заразни болести за општеството, како што е ширењето на корона вирусот, кој е проширен низ целиот свет, добивајќи пандемски размери, се важни димензии на денешниот општествен живот. Затоа мислам дека медиумското известување треба да се сведе на истакнување токму на оние елементи кои се најважни во одредувањето и согледувањето на ризикот, како што е заканата за населението од пандемијата со Ковид 19 во актуелната ситуација. Оваа состојба станува уште поопасна поради понатамошните мутации на вирусот, што може да имаат сериозни здравствени последици врз населението“, изјави Демуш Бајрами, експерт за комуникација.

Според Бајрами, должност на медиумите е да ја подигнат свеста за ризикот и итната потреба од вакцинација, и додаде дека покрај континуираното информирање за коронавирусот, медиумите треба да ги поттикнат граѓаните за масовно вакцинирање.

Во врска со овие настани, добро медиумско (новинарско) известување треба постојано да ја предупредува јавноста за проблемот со коронавирусот, односно ризикот од оваа пандемија од една страна и брзите здравствени и фармацевтски реакции за подготовка на сценарија за заштита од можни избувнувања на нови варијанти на Ковид 19. Во овој случај важна улога има изборот на оние вести од медиумите кои ја подигнуваат свеста за ризикот и итната потреба од вакцинација. Сериозните медиуми имаат должност систематски да ја поттикнуваат јавноста со известување, предвидување или утврдување на интензитетот на вирусот, со единствена цел да ја убедат јавноста за масовна вакцинација како превентивна мерка, додаде експертот.

Која е вистината за несаканите ефекти од вакцините против Ковид-19?

Според доктор Иле Кузмановски, точно е дека има несакани ефекти од вакцините против коронавирусот, но според него, несакани ефекти можни се од било кој друг лек.

Сепак, Кузмановски додаде дека не сите несакани ефекти кои се пријавени на платформата креирана за нивно пријавување од страна на граѓаните се како последица на вакцината.

Важно е да се напомене дека и покрај различните тврдења, вакцините против Ковид-19 се ефикасни и безбедни. Сепак, има несакани ефекти од нив, исто како што има несакани ефекти од било кој лек. Формиран е систем за пријавување на несаканите ефекти од вакцините, кој се нарекува ВАЕРС. Ги евидентира сите ефекти кои се манифестирале кај пациентите по вакцинацијата, но не значи дека сите овие ефекти се должат на вакцините, рече доктор Иле Кузмановски.

Според доктор Кузмановски, несериозни се голем дел од пријавените ефекти на таа платформа, а додаде дека несаканите ефекти кои се сериозни се исклучително ретки.

Вакцина, ковид, коронавирус, вакцинација; Фото: Pexels

Повеќето ефекти кои се пријавуваат се несериозни, односно најчесто се работи за тремор, замор, болка во мускулите, главоболка. Меѓутоа, има и посериозни реакции, како анафилактичен шок, тромбоза, миокардитис и смрт. Треба да се напомене дека тие се исклучително ретки. На пример, анафилактичен шок по вакцинацијата се случил кај приближно 2 до 5 луѓе на милион вакцинирани, оваа реакција може да се појави по која било вакцина, како и како резултат на било каков лек или храна. Неодамна објавената студија, во која се опфатени 38 милиони вакцинирани луѓе, покажала дека миокардитисот се јавува кај 1 до 10 луѓе на еден милион вакцинирани со две дози. Од друга страна, оваа реакција се јавува кај 40 милиони луѓе кои биле позитивни на Ковид-19, што докажува дека самата инфекција претставува четири пати поголем ризик за миокардитис од вакцината“, рече доктор Иле Кузмановски.

Докторот ја анализирал и статистиката за смртноста од Ковид-19 во светот и кај нас и вели дека статистиката на смртноста од Ковид-19 во светот е 688,9 лица на милион заразени, односно 3751 лице на милион заразени во нашата земја.

Во меѓувреме многу е голем бројот на пациенти кои се соочуваат со последиците од Ковид-19 по инфекцијата. Имајќи ги предвид овие податоци, можеме да заклучиме дека смртноста од Ковид-19, како и компликациите по инфекцијата имаат многу поголема инциденца од потенцијалните несакани ефекти од вакцините, додаде тој.

Инаку, според лекарот Иле Кузмановски, овие реакции се јавуваат кај многу мал број луѓе, па поради тоа не ги надминуваат придобивките од вакцинацијата. Поради тоа не треба да постои страв од вакцините, бидејќи можноста да се појават овие ефекти е исклучително мала. И во моментов, вакцинацијата, заедно со другите превентивни мерки остануваат единствена стратегија во борбата против оваа болест.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција