Четири години „подарокот“ од 33 милиони евра за рускиот гасовод сè уште е во истрага

Фото: Принтскрин

Иако станува збор за една од највисоките суми за кои СЈО утврдило дека е оштетен буџетот, дури 33 милиони евра, со кои требаше да се регулира рускиот долг кон земјава, случајот се уште тапка во место, а од Јавното обвинителство, кое ги презеде предметите на СЈО, велат дека сè уште се чекаат одговори од Русија. Ставрески само еднаш, во 2019 година, беше виден во просториите на Финансиската полиција на распит за овој случај кој се однесува на рускиот гасовод 

Иако станува збор за една од највисоките суми за кои СЈО утврдило дека е оштетен буџетот, дури 33 милиони евра, со кои требаше да се регулира рускиот долг кон земјава, случајот сè уште тапка во место, а од Јавното обвинителство, кое ги презеде предметите на СЈО, велат дека сè уште се чекаат одговори од Русија. Ставрески само еднаш, во 2019 година, беше виден во просториите на Финансиската полиција на распит за овој случај кој се однесува на рускиот гасовод 

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Предметот „Подарок“ што во 2018 година го отвори тогашното Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде како осомничени се јавуваат ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, веќе четврта година е во истражна постапка. Во случајот, Ставрески и Јанакиески се сомничат дека за руска фирма од Москва прибавиле имотна корист од речиси 33 милиони евра, откако склучиле спогодба за изградба на гасовод, со која би се регулирал рускиот долг од некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон С. Македонија. 

Иако станува збор за една од највисоките суми за кои СЈО утврдило дека е оштетен буџетот, случајот сè уште тапка во место, а од Јавното обвинителство, кое ги презеде предметите на СЈО, велат дека сè уште се чекаат одговори од Русија. Ставрески само еднаш, во 2019 година, беше виден во просториите на Финансиската полиција на распит за овој случај. 

Предметот за кој покажувате интерес е во истражна постапка. Се прибира доказен материјал неопходен за расчистување на случајот. Со оглед дека во предметот има меѓународен елемент, Обвинителството ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош​ за да ги побара неопходните податоци што до овој момент не се пристигнати како одговор на ова барање, велат од Обвинителството за „Вистиномер“.

Според она што го соопшти СЈО од истрагата, Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу двете влади, руската и македонската. Со спогодбата се регулирал рускиот долг во износ од 60.560.242 американски долари, кој требало да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5″ за вкупна сума од 75.700.303 американски долари или 55.647.292 евра, при што Русија требало да учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.

Претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која била подолга за речиси 36 километри во однос на претходно споменатиот договор за делницата „Клечовце- Блок станица 5″.

Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле  свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва ОАД Стројтрансгас. Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626 евра (за еден километар гасовод).

Според СЈО, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси” ја прифатил нереално високата цена на услугата од Договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил Договорот со руската компанија, со што, според СЈО, ѝ била овозможена противправна имотна корист од 32.664.672 евра, колку што е впрочем оштетен и буџетот на С. Македонија.

Со една реченица, Македонија фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема Македонија, фактички останал „подарок” за Русија, изјавија од СЈО во 2018 година.

Поранешниот министер за финансии Ставрески е осомничен единствено во овој случај на поранешното Специјално јавно обвинителство. Ова Обвинителство заврши во дебела сенка по отворањето на случајот „Рекет“ во кој меѓу обвинетите, а сега осудените, беше неговата некогашна шефица Катица Јанева, која издржува затворска казна од 7 години.

Специјалното јавно обвинителство ги предаде сите предмети во Државното јавното обвинителство во 2019 година, а предметите продолжија да ги водат истите обвинители. За истрагите отворени по 2017 година, прислушуваните аудио снимки важат само како индиции, а не се користат како докази на суд. Голем број предмети сè уште се во истражна постапка.




Qries


 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција