Ѓорѓе Иванов: Младите остануваат во Македонија поради стабилната економија

Претседателот на државата Ѓорге Иванов вели дека економскиот успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци живеат во Македонија, а работат за светскиот пазар.
Иванов вели:

„Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решат проблемите кои други ги наметнуваат“

gjorge-ivanov
Ѓорге Иванов, Претседател на Македонија, Извор: Плусинфо 23.09.2014

Образложение:

Претседателот на државата вели дека се отвараат нови работни места за младите.

Универзитетскиот професор Здравко Савески, кој е активист на Левичарското движење Солидарност, вели дека да имаше толкаво драстично намалување на невработеноста, во земјава ќе имаше економски бум. Со усложнување на процедурата за пријавување, невработените вештачки се бришат и сè поголем станува бројот на неевидентираните невработени лица, вели тој.

Според него:

„Агенцијата за вработување може да ги заострува законските одредби до точка до која дури и нула невработени ќе има на нивната евиденција, но тоа не значи дека тие луѓе ќе бидат вработени“, вели Савески.

Според Еуростат (службата за статистика на ЕУ) од 1998 до 2011 година, 230 илјади луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија.

„Од нив 170 илјади Македонци се со привремен престој во земјите од ЕУ. Најголем дел од иселениците во ЕУ живеат во Италија, потоа следуваат Германија, Австрија, Словенија. Во периодот од 2002 година до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во тој период околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја. Но, се претпоставува дека бројката е многу поголема, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој“.

Консултантот Глигор Стојков вели дека ниските плати, економската нестабилност и неизвесност и малкуте можности за напредок во кариерата ги бркаат младите во странство.
Тој за еден медиум изјави:

„А таму ги привлекуваат поголемите плати, подобрите услови за работа и подобро организирана средина“.

Социлогот Илија Ацевски за РСЕ вели:

Перспективите за создавање на еден нормален живот во Македонија се многу мали, а тоа го покажуваат и самите статистички податоци кои говорат дека невработеноста е доста висока, дека е заситен пазарот со високо образовани кадри, дека веќе денес за некои професии мора да се чека по 10 години за да се пружи некоја шанса луѓето да се вработат. Тој комплекс од фактори делува на тоа иднината и перспективата да се гледа некаде надвор од Македонија.“

Светска банка објави извештај, чии податоци за вкупниот број на иселени лица силно одекнаа во земјава. Во извештајот се вели:

„447.000 македонски граѓани мигрирале во странство заклучно со 2010 година, што претставува над 20 отсто од населението, а доколку се има во обзир дека многу граѓани во странство работат на црно, се претпоставува дека безмалку една четвртина од вкупното население е надвор од земјава. Инаку, тоа ја рангира државава на 23-тото место во групата земји во светот со најмногу емигранти, во друштво со Газа, Гранада, Самоа…“

Според истражувањето на штипскиот Правен факултет – Седумдесет и седум отсто од младите сакаат да заминат во странство.

Универзитетскиот професор Страшко Стојановски вели:

„50 проценти од анкетираните се изјасниле дека сакаат да заминат од земјава за да заработат, да студираат на некој познат универзитет или да градат кариера, но повторно би се вратиле во Македонија. Според овие истражувања 15 отсто од нив велат дека заминуваат од државата со претпоставка дека нема да се вратат во земјава“.

Според Дијана Крстевска раководител на одделението за демографија при Државниот завод за статистика:

„Вкупниот број на отселени граѓани од Македонија во други држави изнесува 1.143 лица. Според половата структура 680 се мажи и 463 жени. Во 2011, најмногу, 803 лица се иселиле од Охрид, следи Дебрца со 117 , Тетово 21 . Од нив најмногу, 254 лица заминале во Австралија , во Германија 168 во САД 129 лица, следуваат Италија, Швајцарија и други земји“.

Професор Зоран Ивановски вели дека кризата најсилно удира на работната сила и не се изненадувачки податоците дека постојано се намалува бројката на вработените. Според него, бизнис климата се уште не создава доволна понуда на нови работни места и поради тоа не може да се реши големата стапка на невработеност.

„Не треба да не залажува она што се случува во областа на администрирањето и евиденцијата, затоа што дефинитивно сметам дека состојбата не се подобрува како резултат на кризата, слабиот инвестиционен циклус и останатите проблеми со кои се соочува во овој момнет македонската економија.“

Поради изјавите од професорите, статистичките податоци од Државниот завод за статистика, Еуростати Светската банка, може да се констатира дека изјавата на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов е невистинита.

Линкови:

Оценето од Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција