Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат

Фото: Колаж, Мета.мк

Стотици луѓе во групи на социјалните мрежи раскажуваат негативни искуства со продавници кои ги наоѓаат на интернет. Фејсбук групата во која луѓето се жалат на онлајн измами достигна над 64 илјади членови, а таму можат да се видат најразлични искуства на измамени граѓани. Но, шемата, во принцип, се сведува на истото

 

Нарачал голем ѕиден часовник со модерен дизајн, му стигнал мал пластичен со логото на фудбалскиот клуб „Манчестер јунајтед“. Друга госпоѓа нарачала темно зелен фустан со црни цветни мотиви и палто, а добила бледо син модел кој е сосема различен и наместо цветови, на него се испечатени пеперутки. Трет нарачал жолта спортска маичка, му стигнала бела, четврт, пак, добил ракавици на кои недостига еден прст, а некој нарачал играчка куче, а добил барбика. Парите ги дале, измамниците ги блокирале, враќање нема, a нема ниту замена.

Со развојот на интернетот граѓаните сè повеќе гравитираат кон онлајн трговијата, а со тоа, имајќи ја предвид недоволната дигитална и финансиска писменост, тие сè почесто се жртви на трговците-измамници. Стотици луѓе во групи на социјалните мрежи раскажуваат негативни искуства со продавници кои ги наоѓаат на интернет. Фејсбук групата во која луѓето се жалат на онлајн измами достигна над 64 илјади членови, а таму можат да се видат најразлични искуства на измамени граѓани. Но, шемата, во принцип се сведува на истото.

Леснотијата на поставување продукти и цени онлајн заедно со анонимноста што ја дава интернетот само ги охрабрува измамниците, а моментално единствен начин да се заштитат граѓаните е да бидат претпазливи од каде купуваат.

Начинот на кој функционираат овие продавници е едноставен. Прават профил на социјалните мрежи, поставуваат фотографии кои ќе ги привлечат вниманието, а откако некој ќе нарача тие ги доставуваат. Плаќањето се врши во кеш на доставувачот што врши карго услуги и не е никако поврзан со продавачот. Производот не смеете да го отворите кога ќе го преземете од карго-доставувачот и си го плаќате, заедно со доставата. Бидејќи дел од онлајн продавачите не се регистрирани и не плаќаат данок, купопродажбата се одвива „на црно“, а фискални сметки нема.

Од оштетени пратки до достава на продукти кои се целосно различни од нарачаните, се забележуваат илјадници измами. Мета.мк изврши проверка на дел од профилите од кои има најмногу поплаки. Па така, голем дел од нив се профили кои по одредено време го менуваат името на продавницата. Откако јавноста ќе дознае за незадоволствата на муштериите, сопствениците на „ онлјан продавниците“ создаваат нови профили, со различно име, но ги нудат истите производи по истата добро позната шема. Кога ќе им пишете за да се пожалите и да побарате замена, тие ве блокираат и не сте во можност повеќе да им пишете.

Облека, обувки, апарати за домаќинство и декорации се само дел од она што го нудат трговците измамници, кои луѓето најчесто ги купуваат поради поволните цени и брзата достава до нивниот дом. Ваквите профили не се само домашни, често се порачува и од Косово и Турција.

 

За да се замаскираат негативните искуства, постојат и ананонимни објави и лажни профили кои оставаат позитивни искуства.

Ако се земе предвид само легалната онлајн продажба, се забележува дека таа вртоглаво расте. Така, само во првите 9 месеци од 2023 година биле потрошени над 330 милиони евра кон домашните е-трговци, покажуваат податоците на Народната банка.

Во овие податоци не се вклучени продавниците кои се наоѓаат на социјални мрежи и бараат да платите во кеш на доставувачот, но се покажува зачестеното пазарување онлајн. Вкупната сума речиси сигурно е драстично повисока.

Едукацијата е единствена заштита

Моментално во Македонија нема начин да се стави крај на нелигитимните продавници.

Бидејќи продавниците кои измамуваат низ социјални мрежи не издаваат фискална сметка и трговецот не е регистриран, Државниот пазарен инспекторат нема надлежност да постапува.

„Доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава“, стои на веб-страната на инспекторатот.

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) може да помогне само со едукација бидејќи не располага со други механизми на заштита. Дури и да се обратат оштетените граѓани во инспекциските служби, тие ќе им побараат документи бидејќи во Законот за потрошувачи стои дека може да се реагира, но исклучиво со фискална сметка.

„За облека купена онлајн не може ништо да се направи зашто немате адреса на фирмата, немате фискална, немате друг контакт. Имате само потврда од поштата дека ви го доставила производот, а тоа не е доволно. Ако не ви даваат фискална, не купувајте“, посочува Татјана Тасевска од ОПМ во текст за Мета.мк.

Во 2021 година беше создаден регистарот на Е-трговци кој ги содржи продавниците кои имаат интегрирано онлајн плаќање во една од 5-те банки во Македонија. Од регистарот за Е-трговци велат дека на овој начин граѓаните можат да проверуваат од каде купуваат.

Забележуваат дека најголем дел од поплаките кои стигаат до нив, доаѓаат само ако станува збор за фејсбук нарачка (сива економија), а не за купување со помош на е-трговијата од регистрирани е-трговци.

За заштита од онлјан измамите, тие советуваат купувачите да бидат информирани за тоа кој стои зад е-продавницата / брендот од каде се купува, кој е правниот субјект, и дали истиот има јавно објавени контакт информации како е-маил адреса, контакт телефон и слично.

„Важно е кога купуваме онлајн да ги знаеме овие информации за ако во случај не сме задоволни од е-продавницата, прво да знаеме каде да се обратиме за рефундација, поврат на средства или замена на производ, а второ и да знаеме од кого да се пожалиме доколку нешто не се испорача согласно правата на потрошувачите“, велат од регистарот за Е-трговци.

Додаваат и дека доколку се купува од регистрирани Е-трговци, сите права кои ги имаат потрошувачите согласно законот за заштита на потрошувачи е-трговците се должни да бидат почитувани, а тоа не е случај кога се купува од нерегистрираните продавници на социјални медиуми.
„Kако и во традиционалната трговија така и при онлајн купување, мораме да се информираме и да дознаеме што е можно повеќе информации за производот, за квалитетот, да прочитаме рецензии за истиот или да прашаме некој што можеби веќе го купил и користи производот за негово задоволство од истиот, како би биле сигурни дека купуваме добар производ“, велат оттаму.

НА КОИ МЕСТА МОЖЕТЕ БЕЗБЕДНО ДА КУПУВАТЕ ОНЛАЈН – ОБЈАВЕН РЕГИСТЕР НА ВЕРИФИКУВАНИ Е-ТРГОВЦИ ВО МАКЕДОНИЈА

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција