Не е вистина дека „Огнените“ формирале партија, делуваат како фракција на ДУИ

Тврдењето во постот дека „Огнената група“ се одвоила од ДУИ и формирала нова партија е неточно. Вакво нешто досега не се случи, тие на почетокот на овој месец одлучија да останат во ДУИ и да функционираат како фракција на партијата 

Тврдењето во постот дека „Огнената група“ се одвоила од ДУИ и формирала нова партија е неточно. Вакво нешто досега не се случи, тие на почетокот на овој месец одлучија да останат во ДУИ и да функционираат како фракција на партијата 

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека таканаречената група „Огнени“  се одвоиле од нивната матична партија ДУИ и направиле посебна партија. Ова не е точно, Огнените сè уште се дел од ДУИ.

АЈ АИРЛИЈА НЕКА Е!
ОГНЕНИТЕ СЕ ОДВОИЛЕ ОД ДУИ И СИ НАПРАВИЛЕ ПОСЕБНА ПАРТИЈА! :)))

Неколку истакнати припадници на ДУИ, поголемиот дел од нив бивши и сегашни функционери, веќе подолг период се незадоволни од нивната матична партија. Овие припадници меѓу себе се нарекуваат „Огнената група“.

„Огнената група“ нема дилеми дека Али Ахмети треба да остане лидер на партијата, но сметаат дека треба да има нови лица во владиниот тим и во ДУИ.

Членовите на „Огнената група“ се незадоволни од работењето на дел од министрите во Владата и нивен став е дека треба да се разреши вицепремиерот Артан Груби од сите државни и партиски функции како и на министрите Бујар Османи и Крешник Бетеши.

Од друга страна, пак, Ахмети продолжува со цврсто водење на партијата и го именуваше токму Османи за координатор на огранокот во Чаир, а потоа и го назначи Рафиз Алити за координатор во Сарај – двете општини чии градоначалници се предводници на „огнената група“.

„Огнената група“ и пред неколку месеци го изрази своето незадоволство, по што имаше неколку средби со партискиот лидер во Мала речица. Лидерот на ДУИ по овие разговори најави дека дебатата во партијата ќе продолжи и тврдеше дека „нема оган” што треба да се изгасне во ДУИ.

Овие превирања во албанскиот владин коалициски партнер, сепак, не резултираа со одвојување на „Огнените“ од ДУИ и нивно формирање на нова партија, како што се тврди во објавата што е предмет на оваа рецензија. Вакво нешто досега не се случи, напротив, тие на почетокот на овој месец одлучија да останат во ДУИ и да функционираат како фракција на партијата.

Нивниот одговор е дека тоа го прават како резултат на незадоволството во партиската база за начинот на кој функционира ДУИ, игнорирањето на интересите на граѓаните и концентрирањето на моќта кај неколкумина министри.

Од самиот почеток наведуваме дека ќе искористиме демократски средства за артикулирање на нашето незадоволство и незадоволство на граѓаните. Нашата цел е да ја добиеме битката внатре во ДУИ, изјави Изет Меџити од фракцијата во ДУИ.

По шпекулациите дека ќе ѝ се приклучат на БЕСА, од Огнената група пристигна соопштение во кое се вели дека нивното место е во ДУИ.

На Огнената група на која и даваат поддршка една третина од гласачите на ДУИ не и е местото надвор од ДУИ, туку треба да отстапат тие кои немаат ниту гласачи, ниту реализирани проекти, со што ќе се создаде место за млади подготвени и компетентни кадри кои ја знаат и ја сакаат ДУИ, се посочува во соопштението.

Според сите наведени факти, заклучуваме дека тврдењето дека „Огнената група“ се одвоила од ДУИ и формирала нова партија не е точно. Тие, засега, решија да останат во ДУИ каде што формираа фракција.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција