Рецензија: Холандската амбасада финансира опозиција и создавање парадржавни системи во Македонија

Холандската амбасада финансира опозиција и создавање парадржавни-crop-resize

Пред нас е текст во кој се суспендирани сите етички и професионални новинарски стандарди. Овој шпекулативен редакциски материјал не посочува извори, нема факти и аргументација, туку тежи од обвинувања кон амбасaдата на Кралството Холандија. За неа се тврди, дека, наводно, со грант од 80.000 евра ќе финансира опозициски настроени медиуми и ќе работи против Владата и интересите на државата!

„За намерата на холандската амбасада да работи против актуелната владејачка гарнитура и против Република Македонија говори и фактот дека еден од финансираните проекти е сајт на кој ќе се објавуваат податоците за сите медиуми во Република Македонија: кои се нивните основачи, колку пари вложиле, кои им се уредниците, колку новинари работат за нив, колку приходи и расходи оствариле во текот на годината и по кои основи и слично. На овој веб-проект работат поранешни новинари од кланот Рамковски. Сите овие податоци кои ќе ги објавува новиот портал се веќе достапни преку Централниот регистар и Управата за јавни приходи. Тоа значи дека амбасадата финансира создавање паралелен систем во Македонија наспроти државните институции кои потоа би се користеле за намери и цели за потребите на опозицијата и странските амбасади пред центрите на одлучување во Брисел.“

Holandska_ambasada_shortЛинк до оригиналниот напис: Холандската амбасада финансира опозиција и создавање парадржавни системи во Македонија

Датум и време на објавување: 10.01.2014

Датум на рецензирање: 11.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Целиот текст виси. Сите наводи се произволно нафрлени.  Проектот за  веб-сајтот за база на податоци за сопствениците на медиумите, кој се посочува во текстот како, наводно, исклучително опасен за интересите на државата, воопшто не е на Холандската амбасада. Туку на South East European Media Observatory и според нашите сизнанија, станува збор за далеку помала сума од  80.000 евра.

Наспроти  тврдењето во текстот:

„Во затворена постапка амбасадата најпрво реши да склучи договори со медиумите кои по свои критериуми си ги одбра, па дури потоа да ги извести јавноста и останатите апликанти за процесот кој го спровела целосно нетранспарентно,“

во острата реакција од  Холандската амбасада, која ја пренесоа дел од медиумите, се вели:

„Извештајот за напредок од 2013 година прави неколку референци во однос на состојбата со медиумите, а заштита на слободата на изразување во медиумите е една од клучните области кои се во фокусот на Дијалогот на високо ниво помеѓу ЕУ и Македонија претставен во Март 2012 година. Македонската влада, исто така, самата го идентификуваше „зајакнувањето на етичките и професионални стандарди во новинарството“ како цел во тој дијалог.

Усогласувајќи ги овие приоритети со своите приоритети во надворешната политика, Холандија одлучи дел од својот буџет за билатерална помош во наредните две години да го посвети на медиумите како тема со цел дополнително да го поддржи развојот на професионални стандарди во областа на медиумите и  понатаму да ја промовира слободата на изразување. 

Во духот на транспарентноста, Амбасадата ги обезбедува сите инфорамции врзани за претходните и актуелните донаторски активности, истовремено и до македонската влада и до пошироката јавност. Детали за овие активности можат да се најдат и на веб страницата на Амбасадата, а деталите за проектите поддржани во рамки на фондот за медиуми ќе бидат исто така објавени на страницата во моментот кога амбасадата ќе ги формализира одлуките со договори“. 

Во однос на наводите искажани во последниот пасус од написот :

Никогаш не видовме финансирање на образовни проекти во училиштата или поттикнување на претприемништвото, малите претпријатија, земјоделието и културата. Единствено видливо добро од финансирањето на холандската амбасада се 50-те лалиња засадени во Градскиот парк во Скопје.

во соопштението од Амбасадата се дадени прецизни податоци за висината на холандските донации и за тоа како и каде се насочувале, од кои се гледа дека текстот што го рецензираме е чиста конструкција.

Исто така, тврдењето:

 „од 2008 г. до крајот на 2013 година, холандската амбасада го финансираше работењето на невладината организација “Разбуди се” на чело со Артан Груби…“

според известувањето од Холандската амбасадата е целосно невистинито.

„Амбасадата никогаш не донирала за ниедни активности на невладината организација „Разбуди се“ “

Содржајност: Начинот на кој е изработен овој материјал, интонацијата и пласамнот јасно покажуваат дека не постоела  намера да се слушне и другата страна, односно да се побара став од Холандската амбасада, па и од колегите новинари „од кланот на Рамковски“, кои, исто така, се ставаат на „столбот на срамот“.  Чисто во име на некаква колегијалност, барем да се прашаат:  за каков грант се работи, со колку и со чии пари ќе се прават „парадржавни системи“!?

Пристрасност: Текстот ја извртува вистината и покажува отворена наклонетост кон владејачката партија.

Коментирање: Овој жанровски недефиниран текст изобилува со конструкции и коментатосрки елементи за кои не може да се каже, дали се или не се интегрирани со фактите, бидејќи факти нема.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е редакциски и истиот ден беше објавен на повеќе медиуми, кои како извор го посочија весникот.

Квалитет на насловот: Насловот е тендециозен и спинерски со намера да шокира.

Фотографија: Написот има две илустрации што претставуваат скриншот на два текста со наслови:  „Артан Груби меѓу првоосомничените за тепачките на Кале“ и „Албанец вработен во Холандската амбасада предизвика меѓуетнички инцидент“, објавени во весникот пред три години. Тие треба да го засилат впечатокот  за „уривачкото сценарио“ на Холандаската амбасада и некои опозициски новинари!

Говор на омраза: Написот е со навредлив тон, ја претставува во лошо светло Холандската амбасада и предизвикува негативни реакции кај дел од читателската публика.  Тоа се гледа и од коментарите под текстот, кои се со недолична содржина. Намерно се прави и една конструкција:

„Холандската амбасада го финансираше и работењето на ЛГБТ центарот во Македонија и го поддржуваше одржувањето на геј-парадите“

Иако, всушност, во Скопје се одржа Марш на толеранцијата поддржан од најразлични организции, вклучувајќи ги и оние кои се борат за правата на ЛГБТ заедницата.

Заклучок: Написот пласиран на ударно место на насловната страница на весникот е дискредитирачки и претставува дрзок атак  врз угледот на Холандската амбасада. Тој буди негативни чувства кон Холандија, која е една од земјите кои финансиски ја помагаат нашата држава и наш искрен пријател. Заклучокот на текстот:

„Единствено видливо добро од финансирањето на холандската амбасада се 50-те лалиња засадени во Градскиот парк во Скопје.“

најблаго кажано е приземен и претставува демонстрација на невкус до крајни граници.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција