Политиката е појака и од Уставот

Maybe have a gander at the Constitution before voting next time, eh? Image: Wikipedia/MFCS

Одлуката за самораспуштање на Парламентот, со одложено дејство предизвика бурни реакции во јавноста, а правниците реагирааат дека со тоа е погазен највисокиот правен акт во државата, Уставот. Според нив, во државава, во моментов имаме неуставна Влада и распуштено Собрание кое сè уште носи закони.

 

Одлуката за самораспуштање на Парламентот, со одложено дејство предизвика бурни реакции во јавноста, а правниците реагирааат дека со тоа е погазен највисокиот правен акт во државата, Уставот. Според нив, во државава, во моментов имаме неуставна Влада и распуштено Собрание кое сè уште носи закони.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На 18. јануари, откако спикерот Трајко Вељаноски ја констатираше оставката на премиерот Никола Груевски и престанокот на мандатот на дотогашната Влада, владеjачкото мнозинство во Парламентот, во отсуство на опозициската СДСМ, на експресно закажана седница изгласа самораспуштање на Собранието. Одлуката е со одложено дејство, односно Собранието ќе се распушти на 24. февруари.

Два часа подоцна, Собранието, со 71 глас „ЗA“ и со девет воздржани, ја избра и новата преодна влада која ќе ја предводи премиерот Емил Димитриев. Сите министри од претходниот состав беа предложени за министри и во преодната влада, вклучувајќи ги и министрите предложени од опозицијата, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и за труд и социјална политика, Фросина Ременски, кои не беа присутни на седницата.

Распуштањето на парламентот со одложено дејство предизвика бројни реакции во правничката фела и многу познавачи на Уставот реагираа дека со ваквиот потег пратениците од владеjачкото мнозинство го прекршиле Уставот на Република Македонија. Според правниците, Македонија сега има несутавно избрана Влада и Собрание.

Начинот на распуштање на Парламентот и изборот на нова Влада јасно е прецизиран во Уставот на Република Македонија. Во членот 62 од Уставот е наведено дека:

Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Според правниците, во Уставот никаде не е предвидено дека Собранието може да се самораспушти, но одложено, како што е тоа во конкретниот случај.

Уставот предвидува распуштање на парламентот со изјаснување на мнозинството од пратениците и тоа не може да биде одложено. Денот на изјаснување на пратениците, односно 18. јануари во случајов, се смета за ден на распуштање на паралментот и тогаш мандатот се враќа кај народот. Токму затоа е и предвиден, во таков случај, пократок рок од 60 дена за одржување на избори. Сега имаме распуштено Собрание кое избра влада и кое носи закони. Сите одлуки на парламентот сега се неуставни. Според Уставот, избори треба да има 60 дена по распуштањето на парламентот, а тоа е 60 дена од 18. Јануари – објаснува адвокатот Ѓорѓе Поп-Кочев.

Професрот по уставно право, Осман Кадриу, вели дека Уставот не познава случај да се донесе одлука со одложено дејство. Тоа е само случај со законите.

Уставот дозволува да се донесе некој закон и тоа да има одложено дејство од одредени причини. Тоа во правниот речник е познато како вакацио легис. Законот се носи, но тој ќе стапи во сила по 6 месеци или една година, на пример, бидејќи во моментот на неговото донесување нема услови, кадровски или финансиски, тој да се примени. Тоа е посебно наведено во преодните и завршните одредби на законот – вели професорот Кадриу.

Според него, одлуката за распуштање на Парламентот не може да има таква одредба, бидејќи не е закон, односно од денот кога таа е донесена, почнува да важи.

Со сличен став е и професорот по уставно право, Саво Климовски. Според него, одлуката да се распушти Парламентот и таа да има одложено дејство е неуставна.

Ако пратениците сакаа такво нешто, прво требаше да пристапат кон измена на Уставот, тој да предвидува таква одлука, па потоа таквата одлука да се носи во Парламентот. Вака како што е сега напишан највисокиот правен акт на државата, одлука за распуштање на парламент со одложено дејство, не познава. Факт е дека имаме застарен Устав, но тој мора да се почитува. Во случајов, важи онаа народната: „Јачи је став, него Устав“ – коментира Климовски.

Правниците се согласни и дека ваквата одлука, може да биде оспорена пред Уставниот суд.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција