И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет, колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до 2028, а членство во ЕУ во 2030 година. ВМРО-ДПМНЕ бара алтернатива на преговарачката рамка – започнување на преговори, а менување на Уставот на крајот. Но, ниту едните, ниту другите, не кажуваат како тоа да се постигне и колку нивните понуди се остварливи

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до 2028, а членство во ЕУ во 2030 година. ВМРО-ДПМНЕ бара алтернатива на преговарачката рамка – започнување на преговори, а менување на Уставот на крајот. Но, ниту едните, ниту другите, не кажуваат како тоа да се постигне и колку нивните понуди се остварливи

 

Пишува:Теофил Блажевски

 

Европската иднина на С. Македонија е јасно нагласена во повеќето изборни програми на парламентарните и идните парламентарни партии што се натпреваруваат на овие избори и тука нема особена разлика, освен кај Левица. Што се однесува до двете најголеми политички партии во македонскиот блок, на прв поглед разликата е голема. И двете цврсто запишале дека местото на државата е во ЕУ. И двете се за менување на Уставот, едните да се почека крајот на преговорите, а другите веднаш и да се отпочнат и да се завршат до 2028 година. Нема одговор меѓутоа, на прашањето за остварливоста на двете понуди, така што на крајот останува неизвесноста како опција во понудите.

 

ВМРО – ДПМНЕ: Да почекаме до крајот

Партијата ВМРО-ДПМНЕ која од летото 2022 година има конзистентен став против преговарачката рамка со ЕУ позната како т.н. француски предлог, во делот од програмата „Платформа 1198 “, во однос на ЕУ започнува со следење на досегашниот 30 годишен став на сите политички партии, па дури и го нагласува како клучен:

Клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Македонија економски, географски, историски, културолошки и цивилизациски ѝ припаѓа на Европасе наведува во првиот пасус од политичките приоритети на македонската надворешна политика (152 стр. од Платформата).

Нешто подолу се наведува:

Учејќи од националните порази заради разединетост, ВМРО-ДПМНЕ особено ќе води сметка за градење национално единство по клучните прашања за државата. Од особено значење е натпартиското обединување на сите граѓани на Македонија за клучните прашања, заштитата на јазикот, идентитетот, историјата, културата, економскиот развој, владеењето на правото, како и високите европски вредности и стандардисо што, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на консензус за постигнување единство и за ова клучно прашање за државата – стратегиската цел Македонија во ЕУ.

Бидејќи е јасно познато дека сегашниот услов за почнување на преговорите по кластери е промена на Уставот и внесување на Бугарите и други малцинства во него, ВМРО-ДПМНЕ која, исто така, од 2022 г. има конзистентен став, „нема промена на Устав под бугарски диктат“, истото го повторува и во Платформата:

Идната Влада силно ќе се залага за изнаоѓање на соодветно решение во прилог на реално придвижување на процесот на европска интеграција. Во насока на изнаоѓање на излезно решение по однос на прашањето за уставните измени, кое веќе е поставено како услов за почеток на преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ нуди легални и легитимни алтернативи во согласност со меѓународното право и принципи

…Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила.

Заклучокот е јасен. Нема Бугари во Устав додека траат преговорите и тоа е таа алтернатива што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Иако се наведува дека за ова и за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и култура ќе се бара поддршка од европските институции, не се појаснува што ќе прави оваа партија доколку дојде на власт, а ЕУ, на пример, не ја прифати алтернативата што ја нудат. Затоа што, да потсетиме, првата реченица од надворешно политичката програма на оваа партија е членство во ЕУ како стратегиска цел на идната влада.

Во однос на Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, партијата е, така да се каже, многу помека во однос на програмата на претседателскиот кандидат што го поддржува, Гордана Сиљановска Давкова, за која Преспанскиот е сè уште отворено политичко прашање. Во „Платформата 1198“ нема ни споменување на овие договори, туку политиките кон соседите се опишани со воопштен говор, од кој сепак може да се разбере дека се нагласува рамноправноста и еднаквоста во правата и обврските:

Наша визија се добрососедски односи базирани на взаемно почитување и соработка, како и еднаквост во правата и обврските на соседите. Само градење на односи врз принципот на рамноправност на страните, можат да доведат до почит и вистинска соработка, (154 стр. од Платформата).

Од оваа реченица тешко да може да се насети дека е во план репреговарање на Договорот со Бугарија, или пак, цврсто инсистирање на исполнување на грчките обврски од Преспанскиот договор – промена на називите на таблите и усвојување на трите меморандуми за соработка. Она што е сигурно е дека ќе се врши извесен притисок и на двете земји без никаква гаранција за успех, посебно врз Бугарија, преку почитување на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, а кои се однесуваат за правата на македонското малцинство во двете земји. Кое пак, и според Преспанскиот договор не постои, а според Договорот со Бугарија, Скопје нема ни право да се меша, зашто се дефинира како внатрешно политичко прашање на Бугарија.

Никој не кажува како до консензус за промена на Устав. Фото: Влада.гов.мк

Недефинираната безалтернативност кон ЕУ на СДСМ

СДСМ, како што настапуваше досега, настапува и во својата програмска понуда до гласачите во однос на ЕУ. И за СДСМ, ЕУ нема алтернатива и тоа е нагласено во првиот наслов на поглавјето за надворешна политика во делот на ЕУ:

ЗА ЕВРОПСКАТА УНИЈА НЕМА АЛТЕРНАТИВА

Веднаш потоа се редат клучните пасуси што се однесува за евроинтеграцискиот процес на државата (131 стр. од Програмата за европска иднина):

Нашата стратешка цел и нашиот државен интерес се јасни и силни – Европска иднина на Северна Македонија – полноправно членство во Европската унија во 2030-та година.

Нашата визија: Сакаме држава во која „ЕУ е дома, а дома е ЕУ. ЕУ во МК 2024, МК во ЕУ 2030 година!“

Ако 2020-2024 беше мандат за почеток на преговорите, тогаш 2024-2028 е мандатот за завршување на преговорите и членство во ЕУ до 2030 година! Овој мандат е за преговори за ЕУ, а ЕУ не е веќе далечна приказна што убаво звучи. Сега имаме шанса и отворена врата за членство во 2030.

Потоа, СДСМ се фокусира на успешно завршениот скрининг, на добрата усогласеност на нашето законодавство со она на ЕУ и на констатацијата дека и во 2023 година сме немале назадување во ниту едно поглавје, а сме имале прогрес во 80 отсто од поглавјата. Оваа интересна математика не е појаснета попрецизно, во кои од поглавјата сме немале назадување и ако сме немале, што е запишано за нив?

По овој дел се наведува и констатацијата за неопходност од уставните измени:

Од клучна важност е да имаме успешни уставни измени и одржување на втората меѓувладина конференција.

Тоа го знаеше јавноста и досега, па уставни измени не се случија. СДСМ никаде натаму во програмата не кажува што ќе се случи со нивната безалтернативност – промената на Уставот како нешто што е од клучна важност – доколку оваа партија повторно продолжи да владее. Ова, се чини, било неопходно да се појасни во програмата, затоа што СДСМ речиси цели две години не успеа да направи услови за двотретинско мнозинство потребно за промена на Уставот. Нема одговор ниту на прашањето дали ставот на ЕУ ќе остане ист кон проширувањето и по европските избори во јуни и, колку тоа ќе влијае на текот на преговорите.

Инаку, СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ смета дека македонскиот идентитет и јазик се загарантирани и дека македонскиот јазик е еден од јазиците на ЕУ, што формално гледано не е точно, бидејќи ќе стане официјален јазик по завршување на преговорите и при формалниот прием. Засега е работен јазик во преговорите, иако, суштински може да се смета дека прашањето за јазикот е одвишно и пренапумпано прашање од страна на опозицијата.

Може да се заклучи дека разликата меѓу двете понуди, онаа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на ЕУ, само на прв поглед е драматично различна. И првите и вторите ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет и политика на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до 2028, а членство во ЕУ во 2030 година. ВМРО-ДПМНЕ бара алтернатива на преговарачката рамка – започнување на преговори, а менување на Уставот на крајот. Ниту првите, ниту вторите кажуваат како тоа да се постигне и колку нивните понуди се остварливи.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција