Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Фото: Колаж - vmro-dpmne.org.mk

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека Северна Македонија има притисоци од странците, а вториот е дека притисоците ги правеле Албанците. Оваа реторика се поткрепува и со внимателно одбрани аналитичари од земјава, меѓу кои доминира Ристо Никовски

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека С. Македонија има притисоци од странците, а вториот е дека притисоците ги правеле Албанците. Оваа реторика се поткрепува и со внимателно одбрани аналитичари од земјава, меѓу кои доминира Ристо Никовски

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Првиот круг од претседателските избори во С. Македонија екстензивно беше следен од рускиот државен портал Спутник (издание на српски јазик). Освен стандардното пренесување на изборните резултати, аналитички беа пренесувани тези во контекст на надворешната политика на земјата во поглед на Русија и Европската Унија. Неминовно, Македонија беше претставувана како жртва или на внатрешни или на надворешни сили, но и како држава која е нападната од Албанците.

Изборот на соговорници на Спутник во дел од текстовите претендира на антиeвропски гледишта, односно стереотипни прикажувања и негативни конотации во врска со ЕУ. На пример, во анализа каде соговорник е Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Југословенската Федерација, но и на Р. Македонија во неколку земји ширум светот. Тој тврди дека ќе следува промена во надворешната политика на С. Македонија ако победи кандидатката Гордана Сиљановска Давкова и дека таа промена ќе биде сериозна и во однос на Бугарија и на Европската Унија.

Во текстот на Спутник, Никовски се префрла и на односот кон Русија со наводи дека „Брисел ја уценува С. Македонија“. Начинот на кој земјата е претставена во неговото излагање пренесено до српската публика, но и до публиките ширум регионот на Западен Балкан, преку рускиот државен медиум е како да се работи за инфериорна и незрела држава, со која раководи Западот, па дури и се претставува како марионета.

…мислам дека нема да има доволно место политиката кон Русија да се промени, бидејќи Брисел уценува исто како и Вашингтон. Но, мислам дека е многу важно Москва да сфати дека Македонија е марионета во рацете на големите сили и на Албанците кои се под нивна заштита и прават со нас што сакаат. Ако Москва отвори простор за подобро разбирање, така и нашата политика би добила на тежина кон Русија во позитивна насока, изјави Никовски за Спутник.

Тоа не е единствениот текст на Спутник во кој Никовски е главниот цитиран аналитичар. И во друга објава тој промовира драматично сценарио за „опстанок или исчезнување на Северна Макаедонија” и покрај тоа што државата е слободна, суверена и нејзиниот опстанок не е доведен во прашање.

Претстојните парламентарни избори во Северна Македонија се толку важни, што преку нив буквално ќе се одлучува дали ние како нација и држава ќе опстоиме или ќе исчезнеме, тврди Никовски, за Спутник.

Исто така, не изостана ниту класичната реторика за С. Македонија како земја која е нападната од сите страни, со мноштво непријатели и фаворизирање на ВМРО-ДПМНЕ како заштитник на државата.

Овие избори се можеби клучни за нашата иднина бидејќи сме нападнати и од Бугарија и од Албанците. За наша несреќа Македонците се разединети и странските сили тоа го користат. Од исклучително значење  е излезноста да биде голема зашто само така ќе имаме можност да ја сочуваме државата. Тоа подразбира победа на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори и ако ја остварат ги чека многу тешка работа, смета Никовски.

Тој како соговорник на Спутник го пренесува и ставот дека овој изборен процес е на некаков начин контролиран од Америка, истакнувајќи дека „ако изборниот процес не тргне во правец кој не ѝ се допаѓа на Америка, би можел индиректно да се вмеша и странскиот фактор кој јавно го поддржува СДСМ и ДУИ“.

Во Скопје врие од странски служби на кои се им е на „изволте“, што се однесува на нашите внатрешни прашања и се плашам дека би можеле да вмешаат прсти во сè што следи. Ако дојде до тоа мислам дека како нација тешко ќе опстоиме, изјавува Никовски.

Антиалбанските пораки и пораките дека некаков странски фактор се вмешал во изборите провејуваат и во други текстови на Спутник.

С. Македонија е претставена како држава чија внатрешна политика ја кројат надворешни странски фактори и тоа базирано на тези за кои и самиот соговорник на Спутник не е сигурен дали се вистинити или не, но, сепак, ги нафрла со што се креира јавното мнение во Србија и пошироко. Така, на пример, тој вели:

Во текст со наслов „Нова наредба на НАТО господарите, Македонија повторно го менува името поради Србија“ на Спутник објавен на 16 април пишува:

Се споменуваше дека американски дипломат донел некаков нон пејпер со кој им забранил на албанските партии да дадат било каква поддршка на ВМРО ДПМНЕ ако победи. Со други зборови, ако зависи владата од албанските партии, тогаш да не ги даваат своите гласови на оваа партија. Остана мистерија дали навистина таква директива им е дадена на Албанците, ама не би ме зачудило да е тоа вистина, вели Никовски за Спутник.

Наспроти ваквите тврдења, дека имало притисоци од странскиот фактор, такво нешто не беше евидентно во предизборието, ниту, пак, некој политички субјект се пожали на такво нешто по завршувањето на првиот круг од претседателските избори. Амбасадорката на САД, Анџела Агелер упати едноставна  и неутрална порака не фаворизирајќи никого, туку осврнувајќи се на демократските права на граѓаните и нивните гласачки слободи.

Граѓаните и гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања за кандидатите, а потоа тие гласачи мора да гласаат. Тие мора да излезат таму и да го изберат кандидатот што ги одразува нивните соништа за иднината и ништо нема да се постигне со негласање, напиша Агелер.

Инаку сите политички партии во голема мера изразија согласност дека изборите поминаа во фер и демократски амбиент со мали прекршувања.

Вториот круг од претседателските избори е закажан за 8 мај заедно со парламентарните избори. Од она кое што беше прикажано за првиот круг во Спутник, промовирана беше тезата дека во земјава се врши странско влијание и притисок за влез во ЕУ по секоја цена и дека тоа влијание наводно го правеле амбасадори. Такви тези може да се сретнат и во македонските медиуми, а поврзано со менувањето на Уставот, односно вклучувањето на Бугарите во Уставот.

И во РТ Балкан, медиум контролиран од Руската Федерација, иако изборите не беа екстензивно покривани како што беше случајот со Спутник, сепак има содржини во кои се наметнува тезата дека претседателот ќе биде избиран од страна на Албанците, иако сите граѓани независно од етничката припадност се тие што го бираат претседателот на непосредни избори. Таков е примерот: „Избори во Северна Македонија, Албанците одлучуваат за нов претседател?“.

На РТ сепак, посебно место заслужи кандидатката за претседател Билјана Ванковска која дала интервју за медиумот со наводи за лицемерие на Западот, но и оценки дека Македонија е западна колонија:

После 33 години „наводна независност“ Македонија се наоѓа во европска суб-периферија како западна колонија со население кое е најсиромашно и најнесреќно во Европа и огромен одлив на мозоци, истакнува Ванковска, која се залага за излегување на С. Македонија од НАТО, пренесува РТ.

Во Спутник провејуваат и антиалбански тези, со што се промовира поделена држава и разединување. Сепак, изборите од страна на сите политички субјекти учесници беа оценети како фер и демократски, а граѓаните покажаа исклучително висока излезност и гласаа според сопственото убедување што го покажуваат малиот број на регистрирани инциденти.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција