Договорот меѓу четирите политички партии од 20 јули 2016 година

Договорот беше постигнат по долготрајни преговори. Фото: Мета

 

На 20 јули 2016 четирите политички партии се договорија:

 

Избирачки список
Четирите политички партии се согласија да се справат со проблемите со избирачкиот список за овие избори, на следниот начин:
1. Законот за избори ќе биде изменет до 22 јули за да гo отслика договорот за избирачкиот список наведен подолу.
2. Во согласност со анексот А, подготвен од ДИК, а кој се однесува на вкрстената проверка на запишаните избирачи, 171.500 лица ќе бидат ставени на додатниот дел на избирачкиот список и нивното право на глас не е оспорено.
3. Во согласност со анексот Б, подготвен од ДИК, а кој се однесува на вкрстената проверка на запишаните избирачи, имињата на 39.502 лица ќе бидат објавени од страна на ДИК во рок од три дена по изгласувањето на измените на Законот за избори.
а. Податоците ќе бидат објавени и засегнатите лица ќе можат во рок од 25 дена да добијат од ДИК потврда дали остануваат на избирачкиот список.
б. Сите лица вклучени во анексот Б можат потврдувањето да го иницираат по електронски пат, во согласност со членовите 48 – 51 од Законот за избори или лично во локалните канцеларии на ДИК.
в. Три или повеќе члена на ДИК можат да побараат дополнителни проверки за кое било име. Во таков случај, членовите на ДИК кои побарале дополнителни проверки можат да побараат од тие лица да се појават лично, ако престојуваат во земјата, или во видео-конференција, ако престојуваат во странство. Рокот за овие дополнителни проверки е до десет дена по истекот на предвидените 25 дена.
г. Неверифицираните лица нема да бидат вклучени во избирачкиот список. Оние кои не се вклучени, ќе имаат дополнителна можност да се регистрираат во ДИК во текот на периодот за јавна проверка пред изборите.

 

Медиуми

1. Законот за АВМУ и Законот за избори ќе бидат изменети во рок од 15 дена од датумот на овој договор.

2. ААВУ ќе основа ад-хок тело за надзор на придржувањето кон медиумските одредби од Законот за избори. Ова ад-хок тело ќе функционира до крајот на изборниот процес. Ова ад-хок тело ќе биде основано во рок од 30 дена од датумот на овој договор.

а. Ад-хок телото ќе биде составено од пет члена. Во консултација со релевантните професионални организации, четирите политички поартии ќе изберат четири члена на ад-хок телото, од кои најмалку еден мора да биде етнички Албанец. Овие четири члена со консензус ќе го изберат петтиот член во рок од 15 дена.

б. Почнувајќи од 100-от ден пред изборите, Советот на ААВУ ќе ги почне да ги почитува препораките на новооснованиот оддел и ќе ги започне процедурите во однос на медиумите кои се предвидени во законодавството. Ад-хок телото ќе го оценува балансираното известување на медиумите во периоди не покуси од една седмица.

в. Сите казни за медиумите предвидени во законот за ААВУ и Изборниот законик кои се однесуваат на медиумите ќе бидат намалени за 50%.

г. Првото прекршување повлекува предупредување. Понатамошните прекршоци ќе повлечат намалени казни.

д. Ниту еден новинар или медиум нема да бидат казнети за изразување на мислење. Изразувањето мислење треба да биде издвоено од пренесувањето информации.

ѓ. Ниту еден медиум не смее да биде затворен врз основа на одлуки донесени според погоре наведената процедура.

3. Четирите политички партии се обврзуваат да донесат измени на законите за медиумите во согласност со Приоритетите за итни реформи и Извештајот на Прибе во рок од шест месеци по изборите.

4. Во консултација со останатите партии, најголемата опозициска партија ќе номинира Главен уредник (Информативна редакција) на Јавниот радиодифузен сервис (МРТВ) од редовите на експертите во тоа поле. Доколку партиите потврдат дека постојат услови за избори, новиот Главен уредник ќе почне да ја врши својата должност 100 дена пред изборите.

5. Ќе се направат измени на закони за да се овозможи канал на МРТВ на албански јазик 24/7.

 

Оценка на напредокот

До 31 август, лидерите на четирите политички партии ќе оценат дали горенаведените чекори се направени, со што ќе бидат исполнети условите за одржување избори. Лидерите ќе го потврдат ова и датумот на изборите со свој потпис.

Влада пред изборите и датум на изборите
Ако изборите се одржат во 2016 година, новата влада, според Договорот од Пржино, ќе биде изгласана од парламентот 100 дена пред договорениот ден за избори.

а. Примената на Законот за внатрешни работи ќе биде суспендирана до јануари 2017 година, а законот ќе го ограничи бројот на именувани раководители во Министерството за внатрешни работи на 15. Сите именувања на истражители на обвинителството дадени на носителите на управните позиции во Министерството за внатрешни работи ќе бидат поништени, а нови нема да им бидат назначени до крајот на изборниот процес.
б. Владата автоматски ќе ги одобри именувањата на Министер за внатрешни работи и хоризонталните трансфери на вработените иницирани од Министерот за внатрешни работи, ако се најмногу 10% од просечниот број на хоризонтални трансфери во годините 2013 и 2014.
в. Законот за Влада ќе биде изменет за да овозможи мандатот на сите министри и дополнителни заменик-министри назначени според Договорот од Пржино да завршат на денот кога ДИК ќе ги потврди официјалните резултати од изборите.
г. Заменик-министрите во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика ќе ги преземат функциите на министри сѐ до формирањето на новата влада.

 

Други прашања:

Ќе биде поддржан Специјалниот обвинител
а. Во случај Уставниот суд да донесе одлука дека законот за СО или дел од него не се уставни, четирите партии се обврзуваат да го прилагодат законодавството со одлуката на Судот и повторно да го основаат СО според одлуката, во рок од пет дена. Ефективноста, опсегот и целите на СО ќе останат како досега.
б. Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да донесе одлука за законот за СО што е можно поскоро, на следната можна седница.

 

Реформи
Инклузивноста на процесот на реформи и неговото спроведување ќе бидат раководени од работна група во парламентот, која ќе го вклучува и граѓанското општество и експерти.
а. Приоритет на усвојувањето на Приоритетите за итни реформи и Препораките на Прибе.
б. Измени на законот за свиркачи во согласност со Венециската комисија во рок од шест месеци.
в. Охридскиот рамковен договор.
г. Евро-атлантски интеграции.

 

(Превод на објавата на веб-сајтот на „Делегација на Европската унија во поранешна Југословенска Република Македонија“)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција