#Одговорност е учебници без грешки, говор на омраза и навреди
Многу нелогичности, како и стручни, јазични и дидактички грешки честопати се забележуваат во учебниците за основните и средните училишта, дури и во оние кои се користат на факултетите.
Изминативе години имаше повеќе скандалозни случаи со литература за основци, средношколци, па и за студенти во која има смешни дефиниции, погрешни равенки, збунувачки материјали и содржини кои се сосема несоодветни за возраста на децата.
Да ги споменеме, на пример, учебниците по историја, кои „поучуваат“ дека Шекспир потекнува од Шпанија, Самоил бил прогласен за цар, а Византија уште во 12. век војувала со Османлиите , дека „татковина“ е „состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ“, дека Грција излегува на Јадранско Море, дека пубертетот „доаѓа со торта што ја направила мама“ , а потоа следи и „пипање на мозолчињата“ !
Има многу други „проблесоци“ од кои се шокираше јавноста, а напати работите одеа и дотаму што некои во учебници се пласираа и хомофобни содржини. Состојбите, за жал, се такви што учебникарството сѐ уште не е излезено од „пубертет“ и од фазата на „пипање мозолчиња“!
Учебниците на албански се приказна за себе! Низ годините грешки се провлекуваа еден куп јазични грешки – па дури и погрешно напишано име на предметот Географија на корицата на учебникот, а албанската јавност реагираше, меѓу другото, и на тоа што Јован Кукузел од Драч е претставен како македонски црковен композитор, а во учебникот по Општество на албански јазик знамето на Косово беше претставено како грчко. Сето тоа во време кога во два мандати министер за образование е Албанец.
Учебниците се одговорност на државата, односно на соодветните институции – Министерство за образование, Бирото за развој на образованието, кои ги избираат и авторите и рецензентите. Примерите кои ги пососчивме се само дел од мноштвото грешки и промашувања за кои реагираше јавноста и кои јасно укажуваат дека надлежните, изгледа, не сфатиле дека имаат обврска да понудат квалитетни учебници и да бидат одговорни како ги трошат народните пари.
Да се издаваат квалитетни учебници, а не такви што ја шокираат јавноста
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар