Контраспин: Заев или Груевски – кој ја држи во заложништво Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ на власт десет години, а опозицијата обвинета за кочничар на демократските процеси Фото: Принтскрин

Интересно е како Груевски ја заобиколува сопствената улога и улогата на неговата партија и виновникот за ситуацијата во општетсвото го наоѓа во опозицијата, односно во Заев! Иако, далеку поинтересно за опсервација, на пример, е како екс-премиерот изминатава деценија ја практикувал власта, како ги извршувал наделжности кои ги имал според Уставот, какви се демократските слободи и права на граѓаните, состојбата во медиумите…

 

Интересно е како Груевски ја заобиколува сопствената улога и улогата на неговата партија и виновникот за ситуацијата во општетсвото го наоѓа  во опозицијата, односно во Заев! Иако, далеку поинтересно за опсервација, на пример, е како екс-премиерот изминатава деценија ја практикувал власта, како ги извршувал наделжности кои ги имал според Уставот, какви се демократските слободи и права на граѓаните, состојбата во медиумите…

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица, на митингот во Велес, што се одржа на 28.11.2016, меѓу другото, кажа:

Спин: Две ипол години Македонија е под заложништво на Заев, но веќе е време е да се ослободи. Добија сè што бараа за да дојдеме до овие избори- министери, заменици, друг премиер, доминација во Државната изборна комисија, услов им беше и да го имале министерот за внатрешни работи, бараа СЈО, еве им една година имаат специјално јавно обвинителство, бараа еден куп други работи и мислеа дека нема да ги прифатиме за да можат Македонија вечно да ја држат во заложништво. Но, ние прифативме сè, бидејќи ние веруваме во нашиот народ.

 [Извор: Курир, Датум: 28.11.2016]

Kontraspin-foto-Vistinomer3-1024x281

Контраспин: Говорејќи пред велешани екс-премиерот кој десет години беше на чело на Владата (од јули 2006 година до јануари 2016 година) ја изврте вистината и за состојбите во државата ја обвини опозицијата. Па, правејќи замена на тезите, тој прстот го впери во лидерот на СДСМ, Зоран Заев обвинувајќи го дека „две и пол години ја држи Македонија во заложништво“.

Тезата дека Заев ја држи Македонија во заложништво не е нова , туку владејачката партија ја турка подолго време и сега повторно ја рециклира во очи на изборите закажани за 11 декември. Само, Груевски не објаснува како Заев е кочничарот и го стопира прогресот на државата, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од десет години и под контрола на владејачката партија се трите клучни државни функции: претседателот на државата (од 2009 година наваму), претседателот  на Собранието и премиерот, потоа министерот за финансии, министерот за внатрешни работи (до ноември 2015) , како и Управата за безбедност и контраразузнавање.

Интересно е како Груевски ја заобиколува сопствената улога и улогата на неговата партија и  виновникот за ситуацијата во општетсвото го наоѓа во опозицијата, односно во Заев! Иако, далеку поинтересно за опсервација, на пример, е како експремиерот изминатава деценија ја практикувал власта, како ги извршувал наделжности кои ги имал според Уставот, какви се демократските слободи и права на граѓаните, состојбата во медиумите… Бидејќи, и според Уставот, но и здравата логика кажува дека е неспорно влијанието на Груевски и на неговата партија за ќорсокакот во кој заглави државата. Односно, дека таму е адреста на која треба да се лоцира одговорноста. Не може оној кој ги има сите лостови на власта и ги влече конците, сега после десет години да ја минимизира сопствената улога, да ја симнува одговорноста од своите плеќи и да ја префрла на опозицијата и да бара дежурни виновници во невладиниот сектор, интелектуалците и секоја критички настроена мисла…

 

ПРЕМОЛЧУВАЊЕ

Исто така, Груевски во својот настап без воопшто да ги спомене причините што доведоа до предвремени парламентарни избори (а тоа не му е првпат)  спинува дека СДСМ добиле сѐ што барале, посочувајќи ги во тоа „СÉ“ и Специјалното јавно обвинителство и доминацијата во Државната изборна комисија , што, пак,  е невистина.

Поранешниот премиер и лидер на владејачката партија го премолча мегаскандалот за прислушувањето, што во февруари 2015 година го обелодени Заев кога на јавноста ѝ откри дека незаконски се прислушувале над 20.000 лица. Според социјалдемократите, во ова масовно прислушување на „мета“ биле речиси сите политичари во државата од власта и од опозицијата, освен Груевски и неговиот братучед (чии телефони не биле прислушувани, а ги има во разговорите со други лица), потоа судии, академици, како и личности од бизнис- заедницата, медиумите, верските заедници… Оваа афера фактички беше кулминација на политичката криза во државата, а за нејзино разрешување во јуни 2015 година беше потпишан Договорот од Пржино. На овој документ на кој гарант е меѓународната заедница, потпис ставија лидерите на четирите политички партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) – Груевски, Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. А, една од обврските од овој Договор е токму формирањето на Специјалното јавно обвинителство и како резултат на консензусот постигнат меѓу сите потписници на документот, на 15 септември 2015 година  Собранието, едногласно со 108 гласа „за“ (вклучувајчќи ги и оние гласовите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ),  ја избра Катица Јанева за специјален обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите.  Така што, „верглањето“ на репликите од типот: „СДСМ го барале и го добиле СЈО и еве им една година имаат специјално јавно обвинителство“, е исклучиво во функција на потхранување на спинерската приказна дека „СЈО е испостава на опозицијата“.

Да потсетиме и дека на 16 септември 2015 година Собранието со 102 гласови „за“, без „воздржани“ и „против“ ги избра и членовите на  Државната изборна комисија (ДИК). Во составот на ДИК има девет членови, од кои шест се партиски –  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по двајца свои претставници, а ДУИ и ДПА по еден, како и тројца членови од експертските кругови – претседателот и потпретседателот на Комисијата и уште еден експерт. Па, тврдењето дека СДСМ има „доминација во ДИК“ е  чиста невистина, исто така,  намерно пласирана заради спинување и креирање искривена перцепција дека централното тело за спроведување на изборите работи под контрола на СДСМ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција