Иванов изнесе куп невистини за цивилниот сектор

Неубедливи и невистинити тврдења на Иванов за невладините. Фото: Претседал на РМ/веб сајт

Кога одредена граѓанска организација се занимава со владеење на правото на пример, или со проблемите на болните од дијабетес, нормално е дека ги разгледува и законите и институциите што ги применуваат и нормално да препорачуваат, бараат, протестираат и алармираат за измена на одредени политики. И што е, и кај е тука проблемот?

 

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, даде подолго интервју за унгарската државна телевизија, при што во еден момент одговара на прашање „како го коментира фактот што одредени невладини организации директно се обидуваат да се мешаат во политиката, по што ја дава и следната изјава која ја оценуваме како невистина:

– Има многу невладини организации кои навистина ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кое се соочува населението. И од нив имаат корист и населението и Владата и сите, затоа што се совест на општеството, и укажуваат што и како треба да се прави. Но, имаме и невладини организации кои едноставно се во функција на манипулација, притисок и отворање на прашања кои не се од интерес на нашите граѓани.

Затоа, вели Иванов, таа област која е премногу либерална, на некој начин треба да се регулира. – Да се знае кој дава пари, од каде доаѓаат тие пари, која е целта на тие големи милионски суми кои влегуваат без никој да ги контролира и едноставно да создаваат проблеми кои што не можат толку брзо да се совладаат, вели македонскиот претседател во интервјуто за унгарската телевизија. Иванов додаде дека најголем проблем на Македонија е што странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Деловите од изјавата што ги сметаме за невистини и кои се предмет на оценка, се во три сегменти:

а) Иванов се согласува дека одредени невладини организации се мешале во политика, па затоа оценува дека имало многу добронамерни и корисни невладини, ама имало и такви кои биле во функција на манипулација, притисок и отворање прашања што не биле во интерес на населението;

б) областа на НВО-ата била многу либерална, па на некој начин требала да се регулира, за да се знаело чии се парите и за што служат;

в) најголем проблем било што НВО-ата го етнизирале цивилното општество и го поделиле населението по етничка основа.

Тврдењата во сите три сегменти се невистина. Аргументите се редоследни и не еднаш се искажани во јавноста во Македонија, но тоа не е пречка, највисоки државни функционери да следат дел од највисоките политички функционери, кои вината за неуспешните политики ја бараат во цивилниот сектор.

 

ЛЕГИТИМНО Е ЦИВИЛНИОТ СЕКТОР ДА СЕ ЗАНИМАВА И СО ПОЛИТИКАТА

Цивилниот сектор во Македонија, како и во секоја друга држава, меѓу другото, се занимава и со политички прашања по дефиниција и води кампањи кои се допираат до државни и партиски политики. Тезата дека тоа е нешто неприродно, во јануари во интервју за странски медиуми ја изнесе и шефот на дипломатијата Никола Поповски. Станува збор за манипулација произлезена или намерно или од неразбирање на улогата на цивилниот сектор. Зашто, кога одредена граѓанска организација се занимава со владеење на правото на пример, или со проблемите на болните од дијабетес, нормално е дека ги разгледува и законите и институциите што ги применуваат и нормално да препорачуваат, бараат, протестираат и алармираат за измена на одредени политики. И што е, и кај е тука проблемот?

А, ако одредени невладини се во функција на манипулација, притисок и отворање прашања кои не се од интерес на граѓаните, Иванов треба да посочи барем приближно во кои сектори тие делуваат или директно кои се тие невладини, за да може јавноста да процени врз основа на повеќе информации дали тие се такви и дали прашањата се или не се од интерес за граѓаните. Вака, паушално дадената изјава може да се оцени како невистина.

 

ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР Е ДОБРО КОНТРОЛИРАНА ОБЛАСТ

Вториот сегмент од изјавата на Иванов се однесува на неговото тврдење дека секторот бил „премногу либерален“ и „затоа на некој начин треба да се регулира“, т.е. требало да се контролира кој и зошто ги давал парите, „тие милионски суми кои влегуваат без никој да ги контролира и едноставно создаваат проблеми…“

Точно е дека РМ има либерална политика кон здружувањето на граѓаните и цивилниот сектор. Тоа право е загарантрано и со Уставот на РМ, во член 20, а овозможено е и со Законот за здруженија и фондации. Но, она што е невистина во изјавата на Иванов, е наводно непостоењето контрола на „силните“ милиони кои потоа правеле проблеми. Имено, механизмите за контрола се вградени и во Уставот и во посочениот закон, а се разбира и во цела серија други закони за безбедност и за финансиска контрола. Третиот и четвртиот став од споменатиот член 20 од Уставот се директно контролни, односно обврзувачки за здруженијата и фондациите:

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Во Законот за здруженија и фондации, во членот 65, прецизно е наведено дека организација од цивилниот сектор може да се забрани ако се извршени следните законски забранети дејности:

Се забранува работата на организацијата ако:

  • нејзиното делување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,
  • поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска нетрпеливост или омраза,
  • активности поврзани со тероризам,
  • презема активности кои се спротивни на Устав или закон,
  • се повредуваат слободите или правата на други лица.

Истовремено е пропишано дека покренување на процес на забрана може да го изврши кој било граѓанин со пријава до надлежен јавен обвинител или ако тој постапува по службена должност. При што, ако обвинителот веќе отвори постапка, постапката пред судот е итна.

Да потсетиме и на другите законски можности и реалноста во кои живее цивилниот сектор. Организациите се должни да работат по сите финансиски правила вградени во законите и подзаконските акти, должни се да плаќаат даноци, должни се да ги почитуваат сите одредби од законот за работни односи, должни се да изготвуваат завршни сметки и должни се да имаат контрола од ревизорски куќи на своето финансиско работење. Тие, исто како и секое друго правно лице, имаат и управни и надзорни тела, а се соочуваат и со внатрешна, контрола од државните органи и институции, но и од надворешна, од страна на институцијата што ги дава парите.

Откако во последната година е засилена анти-кампањата кон цивилниот сектор и тоа токму кон најефиксните и највидливите невладини организации, овие контроли од државните органи и институции се зачесетени, а според моментите кога се прави и содржината на контролата, се граничат со политички притисок и заплашување.

Според тоа и овој дел од изјавата на Иванов дека требало да се регулира областа за да се имало контрола на „силните“ милиони што влегуваат и прават проблеми е невистина. Оваа област, граѓанскиот сектор и делувањето на невладините организации, е добро регулирана материја која ѝ овозможува на државата, секогаш кога ќе посака, да има увид во дејноста и трошењето на секој денар од силните милиони, кои, ете, според Иванов, знаеле да прават проблем, ама не кажува кога, каде и од кого.

 

ЗАЕДНИШТВОТО СЕ ПОТТИКНУВА ОД НВО-АТА

Конечно, би го оцениле и како скандалозно невистинит делот од изјавата дека  странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.

На јавноста не ѝ е позната ниту една поголема или видлива фондација или организација од цивилниот сектор, странска, што би рекол Иванов, мислејќи на финансирана од донатори од странство, која се залага за поделба на населението по етничка основа. Токму спротивното. Најголемиот дел од активните, видливите фондации финансираат и развиваат проекти кои ја поддржуваат мултиетничноста и соживотот во општеството и тоа е лесно проверливо само со читање на основните податоци од нивните активности на нивните веб страни.

Постојат невладини организации кои се занимаваат и со прашања кои ги засегаат само една етничка заедница, но, се занимаваат и со заеднички проблеми на сите граѓани, покажа една сторија на ББЦ на оваа тема од 2010.

Друга сторија на РСЕ исто од 2010 г. посветена на се поголемите поделби во Македонија, сугерира дека за поделебите се највиновни токму политичките партии, посебно владејачките.

Оттука, може да се заклучи дека во делот од одговорите за улогата и делувањето на цивилниот сектор во Македонија во интервјуто за унгарската државна телевизија, кои беа предмет на оваа проверка, исказите на Иванов се невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Tеофил Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција