Не е изграден нов сточен пазар во Чешиново-Облешево
Проект: „Проширување и модернизирање на сточниот пазар“. Сточниот пазар во Чешиново-Облешево е најголем сточен пазар во источна Македонија. Со измени на Генералниот урбанистички план ќе пристапиме кон инфраструктурно уредување на постојниот сточен пазар. Новиот пазар ќе биде изграден во согласност со најновите модерни и современи стандарди за работа на сточните пазари. На овој начин ќе го поддржиме отворањето капацитети за преработка на месо и на месни производи и ќе придонесеме за поефикасна работа на граѓаните што се занимаваат со оваа дејност. Средства: 1.216.000,00 денари. Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија. Рок: 2015 година
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за проширување и модернизирање на сточниот пазар во Чешиново-Облешево е неисполнето ветување на тамошниот градоначалник, Костадин Личков. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Чешиново-Облешево!“ (стр.35).
Градоначалникот на Чешиново-Облешево на 23.08.2017 година одржа прес-конференција на која даде отчет за сработеното.
Изминатиов период работевме напорно и совесно со основна цел да ја направиме општина Чешиново-Облешево, пристојно место за живеење. Се трудевме да одиме чекор по чекор во остварување на зацртаните цели и остварување на зацртаното од Програмата. Реализирани се поголем број на инфраструктурни проекти кои се од огромно значење за жителите. Работевме постојано на изработка на проекти кои се во насока на подобрување на условите во општината, истакна градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Костадин Личков, кој даде отчет за сработеното во изминативе 4 години, пренесе Курир.
Но, на прес-конференцијата, Личков не спомна дека е изграден нов сточен пазар во неговата Општина.
Проектот како завршен не е спомнат ниту во неговиот Отчет за сработеното кој е објавен на официјалната веб страна на Општина Чешиново-Облешево.
На интернет пребарувачите, како и на официјалната страна на Oпштината, никаде нема информација дека е започната некаква постапка во врска со сточниот пазар. Со цел да добиеме конкретен опдговор, се обративме во Општината, од каде ни потврдија дека нов сточен пазар досега не е изграден и дека сè уште функционира стариот.
Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Личков за изградба на нов сточен пазар во Чешиново-Облешево е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Чешиново-Облешево!“ (стр.35) [Пристапено на 25.08.2017]
- Курир (23.08.2017) – Личков: Работевме напорно и совесно со основна цел да ја направиме општина Чешиново-Облешево пристојно место за живеење [Пристапено на 25.08.2017]
- Официјална веб страна на Општина Чешиново-Облешево [Пристапено на 25.08.2017]
- Отчет за работата на градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Костадин Личков 2013-2017 [Пристапено на 25.08.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар