Воведени се мерки за помош на лица со телесна попреченост

Од церемонијата на доделување сертификати за персонален асистент. Фото: Веб-сајт на Влада на РМ

 

СДСМ во предизборната програма „План за живот“ од декември 2016 година во делот за социјалната заштита ги споменува и лицата со попреченост:

Ќе воспоставиме функционална мрежа на институции за социјална заштита блиски до граѓаните и соодветни на нивните потреби. Дел од надлежноста ќе се префрли на локалната самоуправа со цел програмите и услугите за поддршка да бидат соодветни на потребите. Мрежата ќе опфаќа социјални услуги за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа и вклученост, центри за лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, услуги за заштита од родово базирано насилство и услуги за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик.

[Извор: СДСМ – План за живот (стр.244)датум, декември 2016 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ уште во предизборната програма (2016) во делот на Социјалната заштита има повеќе ветување што се однесуваат на лицата со интелектуална и телесна попреченост, истите  ветувања се транспонирани во Програмата за работа на Владата 2017-2020 година, како и во Програмата за работа на Владата во 2018 година.

Една од генералните мерки на Владата  ветена уште во предизборната програма гласи (стр.10):

Социјалните услуги ќе бидат поблиски до граѓаните, со тоа што нивното програмирање и управување се дава во надлежност на локалната самоуправа (сервиси за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа, вклученост, учество и внимание на лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, превенција и заштита од родово базирано насилство, сервиси за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик).

Оттука може да се види дека СДСМ и Владата планирале поголема грижа за лицата со попреченост преку центри за нега, грижа и внимание за лицата со попреченост.

Но, во Програмата на Владата за 2018 година (стр.219), во Иницијативите со среден приоритет, наместо центри се споменува воведување на Програма за персонална асистенција на лицата за попреченост, што е делумно исполнување на ветеното, иако низ друга форма.

На седница на Влада во март 2018 година, врз основа на Законот за социјална заштита, Владата донесе Програма за персонална асистенција за лица со попреченост за 2018 година.

Со програмата детално се утврдува кои можат да бидат корисниците на оваа услуга, кој ќе ја дава, кој ќе ја плаќа и кој ќе го надгледува целиот процес. Покрај тоа Министерството за труд и социјална политика кое треба да ја спроведува Програмата, е должно да подготви и Информација за истата во текот на годината и тоа е ставено како дел од активности со среден приоритет.

За целата Програма се одвоени и буџетски средства во висина од околу 18 милиони денари со кои ќе се исплаќа услугата персонален асистент.

На 16.07.2018 во Владата на РМ се одржа церемонија на која министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ги подели сертификатите за успешна обука на над 90 персонални асистенти кои ќе можат веднаш да стапат на своите задачи штом центрите надлежни за тоа ќе ги изберат лицата со тешка и најтешка телесна попреченост на кои ќе им биде дадена услугата.

Република Македонија со оваа мерка, освен што реализира дел ветувањата за подобрување на системот за социјална заштита, ги исполнува и обврските од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, чиј Закон за ратификација поминал во Собранието на РМ уште во 2011 година.

Бидејќи станува збор само за дел од мерките што ги има ветено СДСМ за лицата со попреченост (телесна или интелектуална), исполнетоста на ова ветување, го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција