Почнати се активности за изградба на градинка во Штип
Нова детска градинка во населба Сењак 4
[Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година, „Живот во Штип за сите“ (стр.12 и стр. 26), датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, за локалните избори (октомври 2017 г.), како кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, вети изградба на нова детска градинка во населбата Сењак 4. Споменатото ветување е дел од предизборната програма на Бочварски : „Живот во Штип за сите “ (на стр.12 во делот „Општина за сите нас“ и на стр. 26. во делот „Месни проекти“ – Урбана заедница „Сењак“), и неговата реализација е во тек.
На 05.12.2017 година, два месеца по доаѓањето на градоначалничката функција, Бочварски на прес – конференција соопшти дека се обезбедени финансиски средства за изградба на нова детска градинка во Штип, локација за неа во населбата Сењак, а изготвена е и потребната техничка документација. Исто така, тогаш беше кажано и дека вкупната инвестиција изнесува 36,8 милиони денари, од кои 16 милиони се средства од Источно-планскиот регион, а остатокот, ќе го кофинансираат Општината и Министерството за труд и социјална политика.
Ова е убава можност да се пофалиме дека во наредниот период ќе започнеме со реализација на еден од клучните капитални проекти со коишто излеговме на претходните локални избори. Се работи за детска градинка за 200 деца којашто е околу 1500 метри квадратни и е насушно потребна за нашиот град, бидејќи во последните триесет години Штип не добил детска градинка (Бочварски)
Во средината на март оваа година (2018) од Општина Штип информираа дека со Одлука на Владата на Република Македонија, добиле на трајно користење градежно земјиште за изградба на детска градинка во населбата Сењак 4.
Сакам да ја информирам јавноста во Општина Штип дека вчера на седница на Владата на Република Македонија е доделено градежно земјиште за изградба на детска градинка во населба Сењак, на Општина Штип. Ова е уште еден чекор во насока на изградба на еден од најголемите капитални проекти којшто го ветивме во предизборната кампања и со кој посебно се гордееме. Токму затоа ја информирам јавноста дека се работи за парцела од 5518 м2 каде што ќе се изгради градинка за околу 200 дечиња. Наредниот чекор е да ги добиеме средствата кои се веќе изгласани на источен плански регион од околу 16.000.000.00 денари, а Општина Штип ќе го покрие остатокот од својот буџет со нешто повеќе од 20.000.000.00 денари. (Бочварски)
На 14 овој месец (јули 2018) порталот „Сакам да кажам“ објави дека Општина Штип и Центарот за развој на Источно-планскиот Регион, потпишаа Договор за изградба на новата градинка во Штип.
Деновиве (20.07.2018) медиумите информираа дека Центарот за развој на Источниот плански регион (ИПР) го распиша тендерот за изградба на детска градинка во штипската населба „Сењак“, а како што беше соопштено, тендерската постапка треба да заврши до 10 август.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Благој Бочварски за локаните избори 2017 година – „Живот во Штип за сите“(стр.12 и стр.26) [Пристапено на 23.07.2018]
- Слободен печат (21.10.2017): Бочварски: Нова градинка и енергетски објекти во населба Сењак [Пристапено на 23.07.2018]
- Тајм.мк (05.12.2017): По 30 години Штип ќе гради градинка [Пристапено на 23.07.2018]
- Веб-страница на Општина Штип: ИПР ќе финансира изградба на нова детска градинка во Штип [Пристапено на 23.07.2018]
- Сакам да кажам (14.07.2018): Се гради нова градинка во Штип по 30 години [Пристапено на 23.07.2018]
- Тајм.мк (20.07.2018): Распишан тендерот за изградба на градинка во штипската населба „Сењак“ [Пристапено на 23.07.2018]
- Веб-страница на Општина Штип (20.03.2018):Доделено трајно градежно земјиште за изградба на детска градинка во Општина Штип [Пристапено на 23.07.2018]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар